ПОТРЕБА ИЛИ РАСИПНИШТВО? Дирекцијата за индустриските зони ќе потроши „цело богатство“ за нови вработувања и хонорарци

Објавено во: Економија 28 Март, 2025 07:50
Дирекцијата која управува со технолошко-индустриските развојни зони за оваа година ќе потроши „вистинско богатство“ за нови вработувања и привремено ангажирани лица.
Во делот на платите разликите во трошоците би биле огромни за само една година - ако во 2024 биле потрошени 48,5 милиони денари, или околу 800.000 евра за бруто доходите на вработените, за оваа година се испланирани неверојатни 105 милиони денари, а тоа е 1,72 милиони евра и повеќе од двојно. Само во последниот квартал од 2025 би се потрошиле половина милион евра за бруто плати.
Ако годината 2024 била завршена со 77 лица пријавени како вработени, за на крајот на тековната година планот е таа бројка да се зголеми на неверојатни 147 лица. Ова веќе е зацртано во годишниот план и програма.
Покрај тоа, ако во 2024 за привремени вработувања биле потрошени 30 милиони денари, односно околу половина милион евра, за 2025 се планираат 55 милиони денари, сума која се движи кон милион евра..
Дирекцијата на крајот на јануари, како што може да се види од системот за јавни набавки, веќе склучила договор со приватната агенција за вработувања „Мотиви“ во висина од 47,2 милиони денари, во договор кој ќе трае една година и операторот ќе добие 9,5 отсто провизија.
Дополнително, Дирекцијата за ТИРЗ во делот на „договорни услуги“ плаќа меѓународна ревизорска куќа, која е еден вид на работен асистент и помага во делот на работата со документацијата и пресметката за исплатата на државната помош за странските инвеститори во индустриските зони.
„Бројот на корисниците во ТИР зоните континуирано се зголемува и расте, поради што дојде до значајно зголемување на обемот на работа и активностите кои се одвиваат во ДТИРЗ. За да се овозможи постигнување на овие цели и за успешна и навремена реализација на овие активности, потребно е да се регрутира и ангажира дополнителен професионален и стручен кадар во Дирекцијата“, опишано е во финансискиот план и програма за 2025.
Од таму додаваат дека со законски измени на дирекцијата ќе и следуваат нови надлежности поради што било потребно кадровско доекипирање и „обезбедување на соодветен човечки капацитет за професионално и стручно извршување на овие активности“.
„Потребно е да бидат реализирани нови вработувања во ДТИРЗ, поради што во зависност од одобрените финансиски средства од Министерството за финансии се планира спроведување на повеќе постапки за нови вработувања,“, додаваат од дирекцијата и дополнувааат дека освен вработувања, ќе бидат потребни и ангажирања на лица за вршење на привремени работи со договор на дело, како и ангажирање на лица преку агенција за привремени вработувања .
Од Дирекцијата за ТИРЗ во делот на плати образложувањето се темели на систематизацијата на работните места, која предвидува реорганизација што треба да доведе до „зајакнување на работните задачи во делот на планирањето, подготовка и реализација на проекти, следење на договорите за државна помош, како и поефикасно управување со ресурсите“.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
ЕПЛ КАЗНЕТ ВО ФРАНЦИЈА - треба да плати 150 милиони евра

„ВЛАДАТА ДА ЗАСТАНЕ НА СТРАНА НА РАБОТНИЦИТЕ“: ССМ во среда излегува на протест

НАФТАТА ПОСКАПУВА ТРЕТА НЕДЕЛА ПО РЕД - стравувања од тарифна војна вршат притисок врз „црното злато“
ВО СРЕДА СЛЕТУВА ПРВИОТ АВИОН ОД ПАРИЗ - Скопје наскоро ќе се поврзе и со Барселона и Лион

АХВ ОДЗЕДЕ ПРОИЗВОДИ СО ПОМИНАТ РОК - се продавале на пазар за стари работи, изречена казна

ИТНО СЕ ПОВЛЕКУВА ПОПУЛАРНО ЧОКОЛАДО ВО ГЕРМАНИЈА - може да содржи метални делчиња, сите кои го купиле да го вратат

„БЛОКИРАЊЕТО НА ДРУГИТЕ САМО ЌЕ ГИ ПОПРЕЧИ ВАШИТЕ ПАТИШТА“: Кина сака преговори, но подготвена е да се бори

Инвеститор од Емиратите ја посакува Големата плажа во Улцињ

Од април вработените во основните и средни училишта со зголемена плата
