ПОВИСОКИ ДНЕВНИЦИ ЗА 50 И 100 ОТСТО, КЛУЧ И КАЗНИ ЗА ФИРМИТЕ ШТО ЌЕ „ЗАБУШАВААТ“ - што треба да знаеме за недела неработен ден
Објавено во: Економија 06 Јули, 2021
Повисока дневница за 100 отсто во моловите, но и за 50 отсто во дејностите каде не смее да се прекинува работата, плус еден слободен ден во текот на работната седмица. Оние што ќе работат во недела, ќе добиваат повеќе пари. Газдите, пак, што оваа нема да го почитуваат, ќе добијат клуч на врата на фирмите и плус парични санкции. Дали се тоа ќе се спроведува како што е замислено од први октомври, ќе контролираат трудовите инспектори.
Законските измени со кои недела се прогласува за неработен ден стигнаа пред пратениците. Владата до Собранието го испрати предлогот за измени на Законот за работни односи, но во пакет со него и измените на Законот за трговија, со кои се утврдува дека недела ќе биде генерално неработен ден за работниците, но уредува и кои дејности ќе бидат исклучок од ова правило.
Владата,
која е социјалдемократска и левичарска, воведувањето на недела неработен ден го
најави уште во предизборието, а потоа тоа беше предмет на широка дебата, но
сепак, дел од бизнис заедницата остана незадоволна од последните предлози, со
образложение дека неработењето за нив може да доведе до загуба.
Како главен претставник кој ќе ги брани измените на ЗРО во Собранието, е министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Од Владата во своето образложение навеле дека со ваквите законски измени сакаат да се постигне рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, со цел тој да биде и помотивиран, и поефикасен. Додаваат и дека во подготовката на законските измени ги следеле меѓународните трендови во трудовата област.
„Со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи се врши создавање на законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела и се елиминираат можните злоупотреби во однос на обезбедување на користењето на ова право“, наведуваат од Владата.
Оттаму наведуваат и дека овој закон државата годишно ќе ја чини 8,4 милиони евра, а тоа го добиле врз основа на пресметките за бројот на вработените во јавниот сектор.
„За спроведување на овој закон се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот. ка Северна Македонија. Врз основа на расположивите податоци за бројот на вработени во јавен сектор, кои би работеле во недела ( 30 отсто), просечната плата во земјата, се проценува дека фискалните импликации би изнесувале околу 43.100.000 денари месечно, односно 516.600.000 денари на годишно ниво“, се вели во образложението.
Во законот е јасно наведено дека како ден за неделен одмор на работниците ќе се смета недела. По исклучок, се вели во законските имени, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко - технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата.
Тоа се однесува за голем број дејности, кои се таксативно наброени во зконските измени. Такви се одгледување на животни, мешовито фармерство, вадење на јаглен и лигнит, вадење на руди на метал, печатење и издавање на весници, производство на леб, слатки во свежасостојба и бисквити, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас, производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината, копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт, складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување на програма, телекомуникации, како и информативни услужни дејности, каде влегуваат хостирање, обработка на податоци, интернет портали и слично.
Исто така, во недела ќе се работи и во дејностите прикажување на филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп односно лизинг на моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, но и дејности на повикувачки центри.
Интересно е дека Владата наведува дека во недела ќе мора да работаи и јавната управа, но само за општи дејности, и само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, и кои се од витално значење за државниот и јавниот интерес, потоа, работи на одбраната, судски и правосудни дејности, работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба, дејности за здравствена заштита, како и дејности на социјалната заштита со сместување.
Во оваа група која е исклучок влегуваат и креативни, уметнички и забавни дејности, музеите, зоолошки градини и природни резервати, спортски, забавни и рекреативни дејности, погребни дејности, како и царинска служба на гранични премини.
Работниците, пак, кај трговијата на мало и големо, денот на неделен одмор ќе го користат во согласност со Законот за трговија, но за тоа подолу во текстот.
Како што предвиделе од Министерството за труд, во
случај на природна и друга несреќа или хаварија и спречување на последиците од
нив, или кога таква несреќа
непосредно се очекува, на барање на работодавачот, работникот е должен да
работи во недела заради заштита на животот и здравјето на луѓето.
И доаѓаме до она што е најважно за работниците, а тоа е дека сите што ќе работат во недела, имаат право на додаток на плата за работа во недела, а тој изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот. Исто така, овие работници, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, имаат право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Законот предвидува и клуч на врата за фирмите кои ќе го кршат, но и парични казни. „.... Ако инспекторот на трудот при инспекцискиот надзор констатира дека кај работодавачот работи работник во недела, со решение ќе му забрани на работодавачот вршење на работа во работната просторија или работниот простор каде е утврдена неправилноста, во траење од 15 дена, ќе му издаде прекршочен платен налог. Ако работодавачот не го прифати налогот или не го плати, надлежниот инспектор ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно Законот за прекршоците“, се вели во предлог законските измени. Доколку, пак, работодавачот го повтори прекршокот, инспекторот со решение ќе му забрани вршење на работа во работната просторија или работниот простор каде е утврдена неправилноста, во траење од 30 дена, и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка. И плус, газдата, за време на забраната за работа, е должен на работниците да им исплатува надомест на плата во висина од исплатената плата на работникот во претходниот месец, како и придонеси од плата. И секако, и за време на забраната, не смее да го намали бројот на вработените. Може против ова да се жали, но тоа не го одлага извршувањето.
Законот влегува
во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник, а ќе почне да се применува од први октомври 2021 година.
А, во пакет со измените на ЗРО, Владата ги испрати до пратениците и измените на Законот за трговија, со кои се уредува работењето на работниците во моловите, но и на бензинските пумпи и зелените пазари. Претставник на овој закон е министерот за економија, Крешник Бектеши.
Како што е познато, со овие законски измени ќе се утврди дека моловите и дуќаните во самите молови, ќе имаат материјална обврска во корист на Буџетот, во висина од 2 отсто од вкупниот промет оставрен во недела и на празници во претходната година, а тие пари државата ќе ги инвестира во детски градинки.
Во измените е наведено дека трговецот на големо и трговецот на мало го утврдуваат работното време на продавниците, киосците, автоматите, штандовите, зелените пазари, магацините, складовите, деловните простории, продавниците, штандовите и киосците во трговските центри (молови) и бензинските станици, зависно од бројот на вработените.
Натаму, како што стои во законот, продавниците што се наоѓаат во колективни станбени згради и деловно-станбени згради не можат да почнат со работа пред 06.00 часот и мора да завршат со работа до 23.00 часот.
Tрговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници определени како неработни денови согласно закон, се вели во законот, но се наведуваат исклучоците согласно кои трговијата на мало може да се врши во повеќе објекти.
А такви се: прво, специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, и во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, потоа, во продавниците на бензинските станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалоци и тутун, во продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2, потоа на штандови и киосци каде што се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата, и конечно – на зелените пазари.
Додатокот на плата за работа во недела и на празници кај овие работници изнесува најмалку 100 отсто за секој час поминат на работа. Ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата, согласно закон. Во законот е наведено и кои трговци од кога до кога можат да работат во недела и на празници.
Инаку, во овие закони важат истите правила доколку работодавците не ги почитуваат одредбите, односно забрана за вршење работа, како и прекршочни налози. Деловите од законот кои се однесуваат за недела неработен ден ќе почнат да се применуваат од први октомври.
А, интересно е што во делот за тоа какви последици ќе предизвикаат овие законски измени, власта признава дека на стартот тоа може да доведе до намалување на бројот на вработените во трговските објекти.
„На краток рок, можно е намалување на бројот на вработените во трговските субјекти, но на долг рок се предвидува, поради зголемениот обем на работа во текот на останатите денови од неделата, да се зголеми бројот на трговски објекти, а со тоа и да се зголеми бројот на вработени до претходното ниво“, се вели во владиното обрзложение на овој закон.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.