ПОВРЕДЕНИ ЧЕТВОРИЦА ПОЛИЦАЈЦИ: Обвинителството ќе испитува што се случува на новиот експресен пат кај Крива Паланка
Објавено во: Македонија 25 Јануари, 2025
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место на новиот експресен пат во близина на Крива Паланка, пуштен во употреба пред три недели, каде вчера едно по друго се случија две сообраќајни несреќи. Најново е дека се повредени четворица полицајци.
Најпрво автомобил “фолксваген голф” излетал од патот и се превртел, при што животот го загубил еден од сопатниците во автомобилот. Неговиот син и возачот се здобиле со телесни повреди, информира Обвинителството.
„Јавниот обвинител ги презеде сите дејствија за обезбедување на доказите и за испитување на причините за несреќата, а за починатиот е издадена наредба за обдукција“, известуваат од таму.
Но, додека на лице место се преземале дејствијата за увид, на обележаната локација влетал друг автомобил, кој најверојатно според првичните сознанија поради неприлагодена брзина удрил во паркирано возило и телесно повредил четворица полициски службеници кои го вршеле увидот. Во сообраќајната несреќа потешко повредена е и сопатничката во автомобилот.
Јавниот обвинител постапува и презема дејствија за испитување на причините и за оваа несреќа.