ПОЖАРИТЕ СЕ ЗАКАНА ЗА ЖИВОТИНСКИОТ СВЕТ: Можна ли е наезда по полињата?
Објавено во: Македонија 21 Јули, 2025 07:55
Во услови кога има пожари во шумите, животните бегаат од огнената стихија и можно е да се спуштаат близу до или во самите рурални средини.
Постои ризик животните да угинат при пожарите или да настрадаат доколку се спуштат на места каде има фреквентен сообраќај. Во Македонија веќе неколку недели има пожари на повеќе места, но тие не се толку драматични како пожарите кои се случија лани или во 2021 година. Деновиве гореше и во близина на струмичкото село Василево.
„Точно е дека доаѓа до уништувањето на животинскиот свет од пожарите, но засега нема некоја наезда на животни по полето. Пожарот е подалеку од селото. Само чад се чувствуваше“, вели Ристо Велков, земјоделец од селото Василево и претседател на Сојузот синдикат на земјоделски производители во струмичко.
Според него, засега нема поплаки од земјоделците за наезда на животни кои прават штети по нивите.
„Според мене пожарите се сериозна закана по животинскиот свет. Не само што можат да угинат од самиот пожар, туку и тие што ќе успеат да побегнат се под ризик или да бидат прегазени по патишта или да не се снајдат во новиот простор кој ќе го окупираат. Што се однесува до урбаните средини и луѓето, според мене нема причина да се грижиме. Дивите животни сè уште имаат можност да мигрираат во природни или полуприродни средини. Урбаната средина е обично последна опција, а до сега немало пожари од тој размер да мораат да бараат прибежиште во градовите“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво(МЕД).
Пожарите го нарушуваат еколошкиот систем и тоа си носи последици. Денес шумските пожари со својата зачестеност и интензитет претставуваат сериозна опасност, не само за шумските екосистеми, туку за целата природа воопшто.
„Секако дека пожарите се штетни за животната средина, и постои опасност животните да се спуштат во најблиските рурални средини, а тоа ќе предизвика страв и нетрпеливост кај народот. Најчесто ги гледаме лисиците, во Скопје ги има на места блиску до Водно, луѓето имаат страв од нив и тие можат да завршат трагично. Тоа е рушење на еколошкиот систем. Инаку, без лисиците би се намножиле штетниците коишто тие ги јадат. Желките не можат да предизвикаат други последици, освен да се појават во сообраќајот, на патиштата. За жал предизвикаат и сообраќајки. Мечките почнаа да слегуваат во руралните средини, не само поради пожари, туку затоа што немаат храна. Имавме многу снимки каде се гледа дека мечките се спуштаат во рурални средини. Луѓето градат во шума и планина, непотребно и за нас тоа е рекреација, но го нарушуваме нивното живеалиште. Тој проблем го имаме и без пожари. И во источниот дел, кога имаше пожари, голем дел од животните настрадаа“, вели Наталија Иванова од Анимал Лаверс од Струмица.
Во минатото, имало случаеви кога диви свињи се спуштале во полињата и ја уништувале пченката.
Во Европа денес, 9 од 10 пожари се предизвикани од човечки фактор, односно од невнимание или пироманија, но поради климатските промени овие пожари горат посилно и подолго од било кога во историјата.
Повеќе од 2,3 милиони животни настрадаа во пожарите во Боливија пред неколку години.
Студијата направена во Австралија покажа дека по шумските пожари што го зафатија овој континент во 2019 и 2020 година, за 55 отсто е намалена популацијата на растителните и животинските видови.
Сања Атанасовскафото ДЗС
Можеби ќе ве интересира
(ВИДЕО) Русковска го пријавила Боки 13 во полиција за телефонско вознемирување
Мицкоски за реакцијата на грчкото МНР: За мене Македонија е свето име
Двајца затаиле данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, обвинителството бара притвор
Пријава од полиција: Кандидат за градоначалник давал по 1.000 денари за да се гласа за него
ГОТОВ Е ОБДУКЦИСКИОТ НАОД НА ПОЧИНАТОТО НОВОРОДЕНЧЕ: Причина за смртта е незрелост на белодробието
ВМРО-ДПМНЕ ИЗГЛАСАЛЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТРАНЦИ: Кузеска тврди тоа е за потребите на стратешкиот договор, за стратешки проекти
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки
Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица
СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината




