01 Декември, 2024
0.0274

Преговорите за Украина доцнат – Макрон требаше да ги води пред војната

Објавено во: Свет, Колумни 05 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Претседателот на САД Џо Бајден, минатата недела изјави дека е подготвен за преговори со Владимир Путин, доколку тој ги повлече војските и ја сопре војната. Еден ден подоцна, по обичај, му ја корегираа изјавата, но сепак основата е таа. И германскиот канцелар Шолц прозборе за „преговори“, па дури и разговараше со Путин по телефон. Но најдалеку од сите отиде францускиот претседател, Емануел Макрон, кој рече дека е уверен дека војната во Украина ќе заврши со преговори и дека Русија треба да добие гаранции за безбедноста!

Што подготвува Западот? Тој во своите раце го имаше решението за да не дојде до руската агресија, но не го искористи. Сите знаат за руските барања за гаранции за безбедноста испратени до САД и НАТО лани на 17 декември. Речиси една година поминува оттогаш. На 8 февруари, две недели пред руската инвазија, Макрон, кој знаеше дека се подготвува воен судир, беше во Москва. Владимир Путин на заедничката прес конференција се’ уште очекуваше дека ќе добие одговор на главните три барања. Нема ширење на НАТО на исток, нема ракети во близина на руската граница и враќање на воена инфраструктура на Алијансата на состојбата од 1997 година. Но и САД и НАТО и одоворија „НЕ“ на Русија. Осум години претходно Германија и Франција беа гаранти за спроведувањето на Минските договори на еден мал дел од Украина, но не успеаја да ги спроведат. А Русија знаеше дека Украина може да изврши агресија врз двете мали територии контролирани од сепаратистите.

Впрочем поранешниот украински претседател Петар Порошено има изјавено дека ги потпишал договорите од Минск, со цел да се спречат воените дејства на малата територија на Украина во близина на руската граница, за да не се прошират и на други места, но немал намера да ги спроведува. Во украинското општество и при Порошенко и при претседателот Владимир Зеленски беа искажувани отворени закани кон рускојазичното население. Армијата на Украина се подготвуваше, се обучуваше од инструктори од САД и Британија. НА „границата„ со сепаратистичките територии“ беа стационирани десетици илјади украински војници. Русија уште од март-арил 2021 година во близината на границата на Украина имаше стационирано над 100 илјади војска. Путин има едно гесло. Ако се подготвува тепачка удирај прв. Тој веројатно оценил или пак разузнавачите му кажале дека Украина има намера да влезе во Донбас. И затоа тој токму тоа го направи, со сите последици од деветмесечната војна на што сме сведоци денес.

ИДЕЈА ЗА ПРЕГОВОРИ

На Запад се’ почесто зборуваат за мировни преговори меѓу завојуваните страни. Како да забораваат дека во Истанбул беше постигнат договор во март за преговори, но Западот преку ноќ влијаеше тие да не се одржат. Демек ќе водиме војна, ќе ви помогнеме им велеа на Украинците. И навистина војната е со крв до коленици, гинат Украинци и Руси. Во САД пред некоја недела беа спомнати цифри од над 100.000 загинати на обете страни. Потоа истата бројка минатата недела ја спомна и Урсула фон дер Лајен за што беше „распната“ од Украинците, иако претходно тие не рекоа ни збор за истите бројки искажани во САД.. Па мораше да се менува изјавата на Лајен, да се бришат бројките... Нив во Украина може да ги каже само врховниот командант, Зеленски, или некој од војската. Па беа спомнати бројки од 10 илјади, па 12 до 13 илјади. Големите бројки можат негативно да влијаат врз моралот на украинското население. А руските жртви, според Украинците веќе надминуваат 90 илјади. Некои велат дека Западот се уморил од војната во Украина. Па затоа се споменуваат преговори. Можеби бројот на жртвите придонел кон тоа. Но повеќе од се’ е уморот на населението на Западот од последиците од војната. 

И покрај целосната решеност да се помага на Украина меѓународната поддршка на идејата за преговори се зголемува. Цените во сите држави растат, недвижностите, кириите и многу други работи кои се последица на војната, санкции и контра санкции, а тоа многу влијае врз секојдневниот живот на западњаците. А можеме да замислиме како им е’ и како ќе им биде на Украинците зимава. Што пак влијае врз создавање притисок врз украинската власт од внатре. Не случајно Зеленски во неговото синоќешно обраќање  рече:„Не смееме да дозволиме никакви внатрешни конфликти и расправии, кои можат да не ослабат сите. Дури и ако некој мисли дека тоа некако ќе го зајакне лично, ни треба уште поголема заедничка соработка од кога било“.

Во Велика Британија штрајковите можат да ја парализираат државата. Речиси нема дејност која не штрајкува или не најавува штрајк. Таму, политичарите повикуваат за откажување од штрајкови за да не му се помогнело на Путин! Медицинските сестри мора да се откажат од барањата за плати за да „испратат јасна порака до Путин“, рече министерот од кабинетот Надим Захави, а пренесе „Индепендент“. „Ова е време да се здружиме и да испратиме многу јасна порака до Путин дека нема да бидеме поделени на овој начин“, рече тој. Медицински сестри и возачи на брза помош му помагаат на Владимир Путин во неговиот напад врз Украина, барајќи големи зголемувања на платите, изјави министер од кабинетот. Коментарите предизвикаа широко распространет потсмев, пишува „Индепендент“. Официјалните претставници на медицинските сестри користењето на темата Украина како предлог за намалување на платите на медицинскиот персонал во Британија го сметаат за недозволиво.

ГАРАНЦИИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Што е новото во разговорите околу некакви преговори меѓу Украина и Русија? Гаранциите за безбедност. Германскиот канцелар Олаф Шолц, повикува кон враќање на мировниот поредок со Русија кој постеше пред украинската криза. Тој се залага за решавање на сите „прашања за заедничка безбедност“ после завршување на воените дејства, доколку Путин е подготвен да се откаже од „агресии“ против соседите. А зошто тогаш тој молчеше кога Путин ги стави на маса „Прашањата за заедничка безбедност“? И тоа пред почетокот на војната. А ова што го вели Шолц, сигурно не го делат со него и други луѓе од НАТО. Некои се за тоа Украина сама да ги определува условите под кои ќе се согласи да ги прекине воените дејства. Други пак, САД и ЕУ да и помагаат на Украина околу условите за прекин на војната. 

Погоре спомнавме дека Макрон зборува за гаранции што треба да и се дадат на Русија. Францускиот претседател во интервју за TF1. Дека Запад е должен да  разгледа, како да и ги задоволи барањата на Русија за гаранции за безбедност, доколку Путин се согласи на преговори за прекин на војната во Украина. „Тоа значи дека едно од важните прашања, кои треба да ги решиме, како што секогаш зборуваше претседателот Путин, е стравот, дека НАТО се доближува до неговите врати и поставување оружје кое може да биде закана за Русија“, рече Макрон. „таа тема ќе биде дел од темата за мир, затоа треба да се подготвиме, што можеме да направиме, како ги заштитуваме нашите сојузници и државите-членки, и како да и се дадат гаранции на Русија во денот, кога таа ќе се врати на масата за преговори“, рече Макрон. Изјавите на Макрон сведочат за тоа дека тој сочувствува со потребата на Москва за гаранции за безбедност, барање кое беше во центарот на вниманието на интензивната, но неуспешна дипломатија во предвечерието на војната. Кога САД и НАТО и покрај знаењето што се подготвува ги отфрлија руските барања, истовремено подготвувајќи се за војна во Европа.

Во Русија барањата, односно условите за преговори што им се поставуваат од Западот не се прифаќаат. Уште помалку од Украина. Украинците лицитираат со барањата. Зеленски неодамна објави десет услови за прекин на војна и за преговори. Неговиот соработник Давид Арахамија пред некој ден обајви нови, четири, услови. Тој вели дека Украина е подготвена да и обезбеди на Русија гаранции за безбедност. А за тоа е доволно, Русија да ја напушти територијата на Украина, да плати репарации, да се казнат воените злосторници и доброволно да го предаде нуклеарното оружје. Кон ова се приклучи и секретарот на Советот за безбедност и одбрана на Украина Алексеј Данилов. Тој вели дека не е неопходно да се даваат безбедносни гаранции на Москва, туку на светот, за да се заштити од неа. „Кога си невооружен, не си закана. За жал, тоа го знаеме. Денуклеаризираната и демилитаризираната т.н. Русија е најдобрата гаранција за мир за Европа и светот“ – изјави секретарот на украинскиот Совет за безбедност и одбрана.

УМОРЕНОСТ НА ЗАПАДОТ

На „Нова Европа“ не и се допаѓаат „излетите“ на Макрон. Полска, и Балтичките земји се најголеми заговорници против некакви преговори со Русија. Според литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, тактиката да се остави Русија непоразена и подготвена за идно партнерство е токсична. Тој напиша за ова во серија твитови. „Тоа води до повици да се стави крај на војната со преговори наместо да се заврши со украинска победа. Некои дури нудат украински територијални отстапки на напаѓачите како подарок. Вака не функционира меѓународниот поредок заснован на правила. Русија не треба да добива покани на наградите за „мировни“ преговори за брутална инвазија, окупација и убивање на нејзините соседи повторно и повторно“, напиша Ландсбергис. Според него, погрешно е и да се мисли дека сегашната безбедносна архитектура, составена од мултилатерални регионални и глобални организации, треба да се зачува како „најдоброто што го имаме“. Тој смета дека  прво Русија мора да загуби на бојното поле, а за ова на Украина и е потребна сета наша помош. „Сето оружје, сета помош што можеме да ја обезбедиме. Во спротивно, Русија ќе продолжи да се обидува да го преправи континентот во согласност со сопствената империјалистичка визија за светот. Во интерес на Европа е да возврати и да го победи напаѓачот. По овој пораз, неопходно е да се создаде нов систем врз основа на научените лекции од претходните грешки“, напиша министерот.

За умореноста на Западот од Украина пишува и списанието „Тајм“, кое објави напис во кој повикува „Путин не треба да победува, но ниту Зеленски не треба да победува премногу“, како што стои во насловот на написот. Од една страна, нуклеарните закани на Путин го „потресоа Западот“. „Кој сака да умре за Киев? Или да замрзне додека Русија го прекинува гасот за Европа?... Победите на Украина би можеле да предизвикаат безгранична одмазда на Русија, без разлика која цена“, се вели во написот. Исто така, реалноста на бојното поле „можеби не е во корист на Киев“.

„Кога Русите се повлекуваат на своите утврдените позиции, тие ги искористуваат нивните кратки „внатрешни линии“, како што велеше Клаузевиц. Отстранувањето на војниците што се вкопале е потешко отколку да се победи напаѓачот на отворено. Општо земено, поминувањето покрај замки од тенкови, бункери , а артилерија заштитена на далечина, бара предност од 3 према 1 во жива сила“, пишува „Тајм“. Поради овие причини, публикацијата смета дека „претседателот Бајден суптилно го предупреди својот колега од Киев: време е да започнеме разговор со Путин“. Според изданието, за ова разговарал советникот на Бајден, Џејк Саливан, на состанокот со рускиот претставник Николај Патрушев во октомври. „Веројатно тие разговараа за „компромисот“ што ќе го направи Џо Бајден по падот на Херсон“, пишува „Тајм“.

„Се разбира, претседателот „немаше да им каже на Украинците што треба да направат“. Но, навестувањето е тешко да се пропушти. Смирувањето на  клиентот е она што го прават големите сили за да не бидат вовлечени во смртоносен конфликт, во овој случај со руски противник со оѕверени очи, поддржан од прекумерен арсенал смртоносно оружје“, пишува списанието. Одговарајќи на прашањето што треба да направи Западот, „Тајм“ заклучува: „Крим веројатно е изгубен. Но, признавањето на други придобивки ... ќе го охрабри(Путин). На глобално ниво,тоа го набљудуваат другите амбициозни ревизионисти како Кина и Иран“, заклучува публикацијата.

ЕВРОПСКА БЕЗБЕДНОСТ

Инаку, вчера во Киев беше Викторија Њуланд практичниот реализатор на „револуцијата“ в Украина. Официјално е разговарано за помошта на Украина од САД, но некои извори пренесуваат дека со Зеленски се разговарало и за можностите за компромис за прекинување на војната. Но засега нема никакви знаци од украинските власти дека тие се подготвени за некаков компромис.

Иако Москва не се согласува со уцени, таа постојано вели дека е за преговори. Димитриј Песков, портпаролот на Кремљ, пред некој ден изјави: „Путин отсекогаш бил, е и останува отворен за преговори за обезбедување на интересите и постигнување на целите на Руската Федерација“. Сигурно тоа се: Украина да се откаже од териториите кои се сега под руска контрола и се признаени од Москва, како нејзини територии. Па затоа тешко е да се поверува дека наскоро ќе има преговори. Треба да се почека крајот на зимата и последиците од неа во Украина и на Западот. Мислам дека во зборовите на Макрон не веруваат ниту Русите. Истиот тој кога ја најави средбата на Европската политичка заедница, рече дека таму нема да ги канат Русија и Белорусија. Тоа минативе денови го кажа на прес конференција и Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи. Според него и Жозеп Борел и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок веќе декларирале нова задача:„ европска безбедност не со Русија, туку против Русија“.  Оттука и неговиот став дека „ако под европска дипломатија се сфаќаат таквите изјави, тогаш на Русија не и е местото таму“. Треба да се чека кога таму(во ЕУ) ќе се појават разбрани луѓе, смета Лавров.

Од Вашингтон Макрон најави дека ќе се слушне со претседателот Путин во наредниве денови. Можеби ќе зборуваат и за преговори за безбедноста. Но Макрон на тие преговори доцни повеќе од девет месеци. Можеби идејата созревала кај него, па сега да се роди. Некни Путин се слушна со Шолц. Но нема никаков прогрес. Не може да велиш дека ќе градиш европска безбедност со гаранции за Русија, а од друга страна да не реагираш кога први политичари од ЕУ сакаат да градат европска безбедност против Русија. Така што „глумата“ на Макрон ќе  биде уште еднаш потврдена. И се’ ќе заврши без резултат. Преговори ќе има кога ќе кажат САД. А не Европа. Ама тој не е воопшто загрижен за тоа. Впрочем ние Макрон го осетивме на своја кожа веќе два пати. Слаткоречивиот до 2019 година, кога не блокираше за почетокот на преговорите со ЕУ и годинава, кога ни „отвори“ преговори, водејќи сметка за „чувствителноста“ на Бугарите кон македонската историја.  

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ПУТИН ОВОЈ ПАТ НЕ БЛЕФИРА? Експертите загрижени за нуклеарните закани: „Тоа би било уништување на целосна цивилизација“

ПУТИН ОВОЈ ПАТ НЕ БЛЕФИРА? Експертите загрижени за нуклеарните закани: „Тоа би било уништување на целосна цивилизација“

А ШТО МИСЛИ РУСИЈА ЗА КРАЈОТ НА ВОЈНАТА? Еве го одговорот од Москва

А ШТО МИСЛИ РУСИЈА ЗА КРАЈОТ НА ВОЈНАТА? Еве го одговорот од Москва

ШОК! ЗЕЛЕНСКИ ПОДГОТВЕН ЗА ОТСТАПКИ: Неокупираната украинска земја да влезе во НАТО, преговори за териториите што ги држат Русите на дипломатски начин

ШОК! ЗЕЛЕНСКИ ПОДГОТВЕН ЗА ОТСТАПКИ: Неокупираната украинска земја да влезе во НАТО, преговори за териториите што ги држат Русите на дипломатски начин

ЌЕ ПОСКАПЕ И ТЕМУ?! - мерките на Трамп ќе удрат врз кинеските гиганти, еве како тоа ќе се одрази на цените

ЌЕ ПОСКАПЕ И ТЕМУ?! - мерките на Трамп ќе удрат врз кинеските гиганти, еве како тоа ќе се одрази на цените

МЕРКЕЛ ГИ ПРОМОВИРАШЕ МЕМОАРИТЕ: Кои се грешките кои ги призна?

МЕРКЕЛ ГИ ПРОМОВИРАШЕ МЕМОАРИТЕ: Кои се грешките кои ги призна?

„СЈАЈ“ ВО ЖИВО – КАТЕДРАЛАТА НОТР ДАМ ПОВТОРНО СЕ ОТВОРА ДЕНЕСКА: Вака изгледа внатрешноста по пет години од разорниот пожар

„СЈАЈ“ ВО ЖИВО – КАТЕДРАЛАТА НОТР ДАМ ПОВТОРНО СЕ ОТВОРА ДЕНЕСКА: Вака изгледа внатрешноста по пет години од разорниот пожар

ИКЕА НАЈАВИ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ ПОРАДИ ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП: „На крајот ќе настрадаат потрошувачите“

ИКЕА НАЈАВИ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ ПОРАДИ ЦАРИНИТЕ НА ТРАМП: „На крајот ќе настрадаат потрошувачите“

Британското население се зголеми со рекордна миграција за една година

Британското население се зголеми со рекордна миграција за една година

„ВЕРУВАМ ДЕКА ИЗРАЕЛ ЌЕ НЕ ОСТАВИ НА МИРА“ – ОД БЕЈРУТ ЗА ФАКТОР НОВИНАРКАТА РИМ ХАНИ: На разорениот Либан ќе му требаат 3 милијарди долари за обнова

„ВЕРУВАМ ДЕКА ИЗРАЕЛ ЌЕ НЕ ОСТАВИ НА МИРА“ – ОД БЕЈРУТ ЗА ФАКТОР НОВИНАРКАТА РИМ ХАНИ: На разорениот Либан ќе му требаат 3 милијарди долари за обнова