Притворени потпалувачи на кафе-бар во Кисела Вода
Објавено во: Македонија 17 Ноември, 2024
Тројца потпалувачи на кафе-бар на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода предизвикале општа опасност затоа што објектот бил во рамки на станбена зграда.
Основното јавно обвинителство Скопје информира дека двајца од нив се притворени, додека третото лице кое учествувало во опожарувањето се уште не е пронајдено.
„На 13 ноември, околу 3 часот наутро, тројцата со пожар предизвикале имотна штета од поголема вредност во износ од околу 450 илјади денари. Со оглед на тоа што кафулето е лоцирано во поголема станбена зграда, постоела опасност тие со пожарот да предизвикаат и значителна опасност за животот и телото на станарите.
На местото пристигнале со автомобил “Фолксваген голф“, се паркирале во близина на кафе барот, а едниот осомничен останал во возилото да чека. Вториот осомничен зел секира од багажникот и го скршил лизгачкото стакло, додека третото лице кое е идентификувано и се преземаат мерки за негово пронаоѓање, запалило оган со бензин. Потоа сите заедно избегале од местото“, информира ОЈО Скопје.