Добивај вести на Viber
„Фактор.мк“ врз основа на достапните податоци ги споредуваше финансиските приходи (од камати) и расходи (за камати) на компаниите чии акции се котирани на берзата и тоа за првиот квартал годинава. Од листата на која има повеќе од 70 фирми убедливо финансиски најдобро стојат Цементарницата УСЈЕ, хотелиерскиот гигант „Македонијатурист“, Прилепската пиварница, „Тетекс“ и верувале или не – државниот Градски трговски центар.
Цементарницата УСЈЕ, Македонијатурист, Прилепската пиварница и „Макпетрол“ се компании кои во првиот квартал годинава имале многу високи финансиски приходи кои во значајна мерка позитивно влијаеле врз нивното финансиско работење особено заради тоа што имаше многу ниски финансиски расходи. Овој параметар покажува дека овие компании имаат високи приливи на кеш во нивните фирми кој го остваруваат врз основа , најчесто, од приходи од камати на ефекктива, а во помала мерка од курсни разлики или од заеми и вложувања.
Позитивна нето разлика меѓу финансиските приходи и расходи што надминува 10 милиони денари (над 160.000 евра) за само 90 дена оствариле Прилепската пиварница и УСЈЕ. Ова покажува дека фирмите пливаат во кеш особено затоа што имаат силни финансиски приходи, но и минорни финансиски расходи. Традиционално, со високи финансиски приходи е и „Македонијатурист“ која за првите три месеци годинава има нето разлика од 9 милиони денари. Изненадувачки високо котира и некогашниот текстилен гигант
„Тетекс“ кој немал финансиски расходи во првиот квартал, а неговите финансиски приходи изнесуваат 5,92 милиони денари што е речиси 100.000 евра за три месеци од камати, вложувања, заеми или курсни разлики.
Во апсолутен износ најголеми финансиски приходи за првиот квартал годинава има „Макпетрол“ најголемата компанија за малопродажба на нафтени деривати, што е и очекувано. Неговите финансиски приходи за овој период се 46,9 милиони денари, но има и финансиски расходи во износ од 31,2 милиони денари, според податоците од консолидираниот биланс. Како и да „Макпетрол“ во овој период остварил најголема позитивна нето разлика во износ од 15,7 милиони денари како резултат на поголеми финансиски приходи од расходи.
Изненадувачки на листата одлично котира и државната компанија
Градски трговски центар чија претежна дејност се услугите за одржување на трговскиот центар во строгиот центар на главниот град. Таа компанија во првиот квартал воопшто нема финансиски расходи исто како и „Тетекс“. Наспроти тоа финансиските приходи на ГТЦ изнесуваат 3,33 милиони денари.