Добивај вести на Viber
Голем број демонстрантите во Бугарија утрово го опколија парламентот како одговор на повикот кој циркулираше на социјалните мрежи насловен „На шолја кафе пред Парламентот“, барајќи оставка од владиниот кабинет. Протестите продолжија и вечерва, јавија бугарските медиуми.
Веќе 13-ти ден по ред во центарот на Софија на протести против владата се собираат илјадници граѓани. Од плоштадот „Независност", тие бараат оставка на Владата и промени во Изборниот законик.
Во центарот на метрополата веќе вообичаено има засилено полициско присуство, но ситуацијата е мирна. Демонстрантите вечерва доаѓале со бугарски знамиња и транспаренти против кабинетот на Орешарски. Вечерва маршот започнал и со краток рок-концерт, а сообраќајот во центарот на градот е блокиран.
Според информации од полицијата, на вечерашниот протест во Софија присуствувале околу 3 000 луѓе, а антивладини протести имало и во другите поголеми градови во Бугарија.
Истовремено во Софија се организираше и контрапротест за поддршка на Владата, но како што објавија локалните медиуми, на него се собрале едвај стотина лица. Дел од овие демонстрантите носеле плакати со натписи „Нема избори да правиме, одбраните со работа ќе ги натовариме“, „Ние сме без претседател! Ајде нека проработат владата и парламентот“, „Шанса за Орешарски, шанса за Бугарија“.
Меѓу 7.000 и 10.000 луѓе демонстрираат секоја вечер во Бугарија, по 14-ти јуни кога беше контроверзното именување на медиумскиот магнат Дељан Пејевски на чело на бугарската служба за безбедност.