Промоција на „Варшавската срна“ од Мимоза Ристова во Музејот на Град Скопје
Објавено во: Мои пари 09 Јуни, 2023
Новиот роман „Варшавската срна: трите љубови на Марија Склодовска Кири“ од Мимоза Ристова ќе биде промовиран на 14.06 (среда), во 19 часот, во Музејот на Град Скопје. Промотор на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
Романот се темели на некои општопознати факти и настани врзани со животот и делото на сопружниците Марија Склодовска Кири и Пјер Кири. Поврзувањето на фрагментираните фактографски сознанија во едно единствено живо и интегрално ткиво Ристова го извела преку креативно пополнување на празнините со колоритна мрежа од имагинарни детали за нивните приватни животи. Таа направила книжевна реанимација на тие совршени ликови преку неиспишаните биографски елементи врзани со љубовта, страста, неправдата, шовинизмот, смртта и духовите на протагонистите.
Во поговорот на книгата, академик Катица Ќулавкова вели:
„Од неколку познати фактографски податоци за личната историја на Марија Кири, Мимоза Ристова има исткаено една романескна таписерија пред којашто стоите со широко отворени очи, љубопитно, по своја волја, и со уживање го следите текот на настаните. Романот е читлив, не затоа што допушта површен тривијален пристап, туку затоа што го задржува вниманието со својата раскажувачка хармонија, последователност, живописност и драматичност. Приказната се одвива хронолошки, линеарно, нејзината историско-биографска предлошка е познато, би се рекло, општо место во светската култура, а сепак романот е единствен, интересен, возбудлив, впечатлив“.
Проф. д-р Мимоза Ристова е универзитетски професор, научник, колумнист, романописец, драмски писател и борец за човековите права. Родена е во 1963 година во Скопје. Предава повеќе предмети на Природно-математичкиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, од областа на физиката и од повеќе мултидисциплинарни области. Била на постдокторски студиски престој како НАТО-стипендист на програмата „Наука за мир“ на Универзитетот „Тексас А&М“, во САД. Во 2014 година престојувала како Фулбрајтов визитинг професор/истражувач на Националната Лоренцова лабораторија во Беркли, Калифорнија, САД. Во 2020 година била на едногодишен студиски престој во Европскиот институт на нуклеарни истражувања ЦЕРН, во Женева, Швајцарија, работејќи на развојната фаза на институтот СЕЕИИСТ, идниот мал ЦЕРН за Балканот.
Ристова е автор на универзитетски учебници по електромагнетизам и електроника. Коавторка е на повеќе учебници по физика за основно и за средно училиште. Има објавено повеќе од сто научни публикации, од кои над 80 во списанија со импакт-фактор. Во 2017 година Ристова регистрирала USA-патент на изумот на уредот за спонтано цепење на водата. Во пролетта 2017 година Ристова била прогласена за Научник на годината на УКИМ.
Ристова има реализирано и неколку литературни остварувања, романи, збирка кратки раскази и драми од кои најпознати се насловите „Оскар за статуетката Мочко“, „Рашо го спасува светот“, „Серија од мајки“ и други.
Романот „Варшавската срна“ е достапен во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе може да се набави и на промотивниот настан во Музејот на Град Скопје.
*Пр објава
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.