29 Март, 2024
0.0248

ПРОПАСТА НА ЕУРОСТАНДАРД „УДРИЛА“ СИЛНО ВРЗ ФОНДОТ - стапката на покриеност на вкупните депозити намалена на 4,9 отсто

Објавено во: Финансии 04 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Пропаѓањето на Еуростандард банка сериозно се одразило врз бројките на Фондот за осигурување на депозити. Имено, исплатите на обесштетувањето за штедачите од оваа банка, што во Фондот се смета за најризичниот настан досега, го намалило инвестициското портфолио на Фондот за 18,9 проценти, додека, пак, стапката на покриеноста на депозитите на населението, која покажува колку Фондот може да покрие од вкупните штедни влоговги на ниво на држава, се намалила од 6,25 проценти, на 4,94 прпоценти.

Сето ова е наведено во Годишниот извештај за деловната активност за 2020 година на Фондот за осигурување на депозити, кој ФОД неодамна го објави на својата веб страница, откако тој е усвоен од Владата.

Во извештајот, од Фондот кажуваат дека најзначаен настан кој ја обележал неговата работата во 2020 година, бил оној на 12 август, кога гувернерката на Народна банка ја одзема дозволата за работа на Еуростандард, членка на Фондот.

Од ФОД исплатиле 137.107 депоненти со право на обесштетување, преку четири банки. До крајот на минатата година биле исплатени 85,1 отсто од вкупно пресметаното обесштетување во Еуростандард.

Од Фондот навеле и дека наплатата на премиите во 2020 година се одвивала според редовните процедури, по утврдена стапка од 0,25 отсто на годишно ниво. Вкупните средства кои Фондот ги наплатил во 2020 година по основ на премија изнесуваат 11,7 милиони евра.

„Стапката на покриеност на депозитите на население во текот на 2020 година е највисока во август 2020 година, со 6,25 отсто, а најниска во декември 2020 со 4,94 отсто. Падот на стапката на покриеност се должи на намалување на вкупните парични средства на ФОД кои беа потребни за исплата на обесштетувањето на депонентите од Еуростандард банка во стечај“, се вели во извештајот.

Инвестициското портфолио на Фондот во 2020 година се намалило за 18,9 отсто во однос на 2019 година, што беше предизвикано од исплатата на обесштетување на ризичниот настан во Еуростандард. Или, на годишно ниво тоа бележи намалување од 52 милиони евра.

„Инвестициското портфолио во првиот семестар на 2020 година бележеше зголемување што соодветствуваше на зголемувањето на прибраните средства на Фондот по основ на премии од неговите членки и на приходите по основ на инвестираните средства во хартии од вредност. Сепак, по ризичниот настан во август, 2020 година во Еуростандард, инвестициското портфолио на Фондот започна да се намалува поради отпочнување на процесот на исплата на обесштетување на депонентите“, објаснуваат од Фондот.

Инаку, вкупното обесштетување кое Фондот го исплати на наменските сметки во банките исплатувачи по основ на обесштетување изнесуваше близу 4,2 милијарди денари или 68,3 милиони евра.

За да ги обезбедат парите, од Фондот велат дека продавале државни записи.

„За обезбедување на средствата Фондот изврши продажба на државни записи во износ од 3,4 милијарди денари и не учествуваше на закажаната аукција во септември 2021 година по основ на достасани државни записи, со што средствата беа алоцирани во резервниот фонд за исплата на обесштетување на депонентите“, објаснуваат од Фондот во извештајот.

Од Фондот велат дека исплатата за оваа банка била една од најуспешните исплати на обесштетување не само во нашиот систем, туку и во рамките на европските системи. Во првиот месец на исплатата процентот на исплатено обесштетување изнесувал 76,2 отсто, а до крајот на 2020 година, исплатени се 85,1 отсто од пресметаното обесштетување.

Колку повеќе пари имале одредени штедачи во Еуростандард, толку повеќе си повратиле од Фондот. Па така, дури 94,3 отстое исплатата кај оние кои имале од 20 до 30.000 евра, колку што е максималниот праг на обесштетување. Потоа, во групата на влогови од 10 до 20 илјади евра процентот на исплата е 91,15 отсто, а 81,8 отсто е кај оние од 5 до 10 илјади евра.

Потоа се повеќе процентот се намалува, за во групата од 100 до 500 денари (тоа се оние што имале сметки) процентот на луѓето што си ги зеле парите од Фондот да биде само 0,8 отсто, и само 0,2 проценти си ги подигнале парите кај влоговите до 100 денри.

„Како и претходно, искуството покажува дека депонентите не се заинтересирани да го остварат своето право на обесштетување доколку се работи за неатрактивни износи на исплата на обесштетување“, објаснуваат од ФОД.

Покрај исплата на обесштетување преку четирите банки-исплатувачи, Фондот обработил и исплатил 65 случаи на обесштетување по основ на наследство на починати лица, кои биледепоненти на Еуростандард банка.

А, она што сега е предизвик за Фондот и што се случи веројатно после подготовката на овој извештај за ланското работење, е одлуката на Уставниот суд да се укине став три од членот 163 од законот за банки. Со таа одлука всушност Фондот ќе нема предност при наплатата на пари од стечајната маса на една пропадната банка.

Главното прашање што сега се поставува е дали оваа одлука на судот ќе важи за случајот на Еуростандард банка, или ќе се однесува за идни настани. За тоа во јавноста се појавија поделени мислења, особено додека се чека да се појави одлуката на Уставен во Службен весник. Едни се на линија дека одлуката не може да се применува ретроактивно за настан што се случил во минатото, како што е стечајот на Еуростандард, а за други оваа одлука треба да се земе предвид и во овој случај. Владата, пак, му наложи на Министерството за финансии во рок од 15 дена да понуди законско решение кое ќе го пополни правниот вакуум и кое ќе го има предвид јавниот интерес. Инаку, укинување на одлука значи дека правното дејство на одредбата престанува да важи од овој момент, па во иднина.

Кога Уставен суд ја донесе одлуката, на новинарското прашање како оваа одлука на Уставниот суд ќе се одрази врз Фондот за осигурување на депозити, од Фондот одговорија дека ФОД својата дејност ја извршува согласно Законот за Фондот за осигурување на депозитикако lex specialis закон.

„Нема никакви измени во работењето на Фондот. Наша основна цел и дејност, како и до сега, е осигурувањето на депозитите на населението и обесштетување на депонентите во случај на настанување на ризичен настан до законски определениот праг на обесштетување“, рекоа од ФОД.

Додадоа и дека ФОД во законски рок согласно одредбите од Законот за стечај уредно и навремено го пријавил своето побарување од должникот Еуростандард банка, кое е признато со правосилно решение на судот.

„Тоа значи дека Фондот останува доверител во стечајната постапка која што е отворена врз Еуростандард банка АД Скопје во стечај, односно Фондот не го губи правото да си го намири своето побарување од стечајната маса и согласно законските одредби од Законот за стечај очекува да го намири истото“, рекоа од ФОД.

Од Фондот и тогаш, а и вчера, изјавија дeка очекуваат Одуката да се објави во Сложен весник на земјава, и тогаш таа ќе произведе правно дејство. Содржината на Одлуката сѐ уште не е објавена во Службен весник.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Комерцијална банка прогласена за „Најдобра банка за 2024 година“ од магазинот Global Finance

Комерцијална банка прогласена за „Најдобра банка за 2024 година“ од магазинот Global Finance

„Измамник кој се претставуваше како добар човек“: Сем Бенкмен осуден на 25 години затвор - украл над 8 милијарди долари од клиентите

„Измамник кој се претставуваше како добар човек“: Сем Бенкмен осуден на 25 години затвор - украл над 8 милијарди долари од клиентите

Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проектот за женско претприемаштво во нашата земја

Народната банка и гувернерката Ангеловска-Бежоска избрани од ЕБОР за водачи на проектот за женско претприемаштво во нашата земја

Потрошувачки кредит на вашата сметка, додека уживате во топло кафе

Потрошувачки кредит на вашата сметка, додека уживате во топло кафе

БЕРЗИТЕ ИМАЛЕ ПОДОБРИ ДЕНОВИ: Намалување на индексите на Волстрит, S&P 500 во загуба трет ден по ред

БЕРЗИТЕ ИМАЛЕ ПОДОБРИ ДЕНОВИ: Намалување на индексите на Волстрит, S&P 500 во загуба трет ден по ред

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ШЕФОВИТЕ ПОЗИТИВЕН СИГНАЛ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ - Акциите на Боинг растат по промената на раководството на компанијата

ЗАМИНУВАЊЕТО НА ШЕФОВИТЕ ПОЗИТИВЕН СИГНАЛ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ - Акциите на Боинг растат по промената на раководството на компанијата

СЕ ОГЛАСИ КОМЕРЦИЈАЛНА ПО ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА ЕУРОНИКЕЛ - остануваме посветени да се наплатат доверителите и вработените, должниците веднаш да си ги платат обврските

СЕ ОГЛАСИ КОМЕРЦИЈАЛНА ПО ПРОДАЖБАТА НА ИМОТОТ НА ЕУРОНИКЕЛ - остануваме посветени да се наплатат доверителите и вработените, должниците веднаш да си ги платат обврските

Доларот зајакна по најавата за намалување на каматните стапки

Доларот зајакна по најавата за намалување на каматните стапки

ПОМАЛИ ТРОШОЦИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНИ ТРАНСАКЦИИ СО ПРИСТАП КОН СЕПА - со законски измени до побрз пристап

ПОМАЛИ ТРОШОЦИ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНИ ТРАНСАКЦИИ СО ПРИСТАП КОН СЕПА - со законски измени до побрз пристап