18 Април, 2024
0.0255

АмЧам претставува - Практики на иднината

Пропоинт: Визионерскиот начин на размислување овозможува предност пред конкуренцијата

Објавено во: Економија, Интервјуа 02 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Од план, во акција! За само три години печатницата „Пропоинт“ успеа да го трансформира својот бизнис модел и да стане целосно зелена. Оваа мала, ама енергична компанија имплементираше 100 отсто зелена стратегија која и овозможи диференцијација и агилност во време на економска неизвесност

Способноста за ефективно и ефикасно имплементирање на одлуката за работа според целосно зелена стратегија е уметност која ги поврзува економската, социјалната и еколошката димензија, сметаат основачите на семејниот бизнис „Пропоинт“, Александар и Филип Христови. Според нив, супериорноста во квалитетот овозможува предност пред конкуренцијата, но неопходно е континуирано инвестирање и следење на глобалните трендови за да се задржи високата позиција на пазарот. Со тоа што „Пропоинт“ го замени традиционалното работење со економски поисплатливо, зелено работење, успеа годишно да произведе околу 500 mw електрична енергија од соларни панели и да ја намали емисијата на јаглерод диоксид во воздухот во текот на годината за околу 470 тони. Ова е од особено значење во период на социјална, економска и енергетска неизвесност.

Трансформација на сончевата во електрична енергија, како и секоја друга инвестиција, значи прифаќање на одреден ризик, но овозможува високо ниво на агилност. Проактивноста и визионерските идеи за реализацијата на овој самоодржлив концепт на работење, го насочија фокусот на „Пропоинт“ кон општествена одговорност и грижа за идните генерации, издвојувајќи се на тој начин од конкуренцијата, со што се овозможи да се изгради перцепција за стабилен партнер на клиентите.

За повеќе детали околу оваа трансформација, разговаравме со браќата Христови, кои со нас ги споделија своите искуства.

Печатницата „Пропоинт“, и покрај тоа што припаѓа во категоријата на средни претпријатија, успешно комплетираше едно поглавје, вградувајќи димензија на самоодржливост во своето работа. Инвестицијата за имплементирање на сеопфатно, еко-пријателско решение во работењето на една компанија се смета за голема, а за некои и прилично храбра одлука. Одлуката за носење на едно вакво решение кое има позитивно влијание и за компанијата и за пошироката заедница, значи градење на нова стратегија, а со тоа и ре-позиционирање на пазарот. На кој начин „Пропоинт“ го реализираше овој процес и ги насочи операциите кон реализација на таа идеја?

Пропоинт: Самоодржливоста како тема е актуелна долго време, но сега добива дополнително значење поради промените и предизвиците со кои се соочува светот денес како резултат на непредвидливоста на цената на електричната енергија и нејзината достапност. Ние одамна размислувавме за начините со кои ќе можеме да дадеме поголем придонес во зачувувањето на природата, па решивме да започнеме со она што зависи од нас и нашиот бизнис. Сакајќи да прераснеме во зелена компанија, се одлучивме за праволиниски пристап, односно имплементирање на оваа идеја во сите сегменти од нашето работење – од искористување на сончева енергија за произвоството на електрична енергија, до вклучување на електрични возила за достава на нашите производи.

Мотивацијата и желбата за усовршување на работниот процес и подобрување на условите за работа, во даден момент ја наметнаа неопходноста од промени и нов вид на инвестиции. Искуствата на озеленување на бројни странски компании кои се интензивни потрошувачи на енергија сведочат за многубројни придобивки и намалување на оперативните трошоците дури и за 50 отсто. Но, за една компанија да стане потполно зелена, покрај мотивот и желбата, потребна е и финансиска инвестиција која директно зависи од големината на компанијата, односно е правопропорционална со нејзината потрошувачка. Доколку компанијата троши помалку електрична енергија, инвестицијата е помала и спротивно, колку е поголема компанијата, толку е поголема потрошувачката на електрична енергија, а со тоа и системот на соларни панели. Значи сѐ е избор, па така и овој тип на концептуална промена на работењето на компанијата зависи директно од потребите и подготвеноста на компанијата да инвестира.

Во сите фази на реализација на стратегијата се обидувавме да го задржиме 100 отсто зелениот концепт и да постигнеме што поголема самоодржливост. Како и секој бизнис, така и ние, со оваа инвестиција планиравме и очекувавме намалување на оперативните трошоци кои ќе ни донесат предност пред конкуренцијата, што денес слободно можеме да кажеме дека сме го постигнале.

Стратешката определба да се стане зелена компанија подразбира и промени во многу аспекти во самото оперирање на една компанија. Со оглед дека се работи за исклучително важна менаџерска одлука, кога вие сфативте дека е време за истата? Дали оваа одлука во некој момент ја стави ликвидноста на компанијата во прашање?

Пропоинт: Идејата за подобрување на ефикасноста и ефективноста на компанијата, а со тоа и зголемување на конкурентска предност преку рационално искористување на природни ресурси е фантастична, особено онаа во која со зголемување на ефикасноста се намалува негативното влијание врз животната средина. За инвестиција од ваков тип, посебно во економски неизвесен период, е потребна визија, но и земање предвид на факторот време, законските и правни рамки, како и развојот на новите технологии.

Во ниту еден момент ликвидноста на компанијата не беше доведена во прашање затоа што при имплементацијата размислувавме објективно и сталожено, тргнувајќи од тоа дека избрзаните одлуки не носат решение на долг рок. Кај нас, тековниот инвестициски циклус не се затвори целосно во предвидената временска рамка, заради одредени предизвици во навременото тековно инвестирање во опрема. И покрај тоа, во нашиот случај се потврди дека сме го избрале вистинското време за да го примениме овој концепт, кој покажа дека придобивките се поголеми отколку ризикот. Најголемата придобивка е всушност видлива сега и се однесува на предноста во однос на конкуренцијата, поради фактот што „Пропоинт“ е поотпорен на неочекуваните брзи промени како што е актуелниот случај со цената и достапноста на струјата.

Имајќи предвид дека сте меѓу пионерите во имплементирањето на овој зелен концепт на работа, сигурно сте имале предизвици при набавка на неопходните елементи за непречено функционирање на соларните панели, електиричните товарни возила и многу други алатки неопходни за функционирање. Кои се вашите искуства и препораки за надминување на овој тип на предизвици и која е битката што сте ја извојувале и ве направила посебно горди?

Пропоинт: Кога работиме на зголемување на енергетската ефикасност или подобрување на продуктивноста со искористување на одредени ресурси, штедиме, ја зголемуваме профитабилноста и ја зајакнуваме конкурентноста. Но,факт е дека кај нас синхронизацијата на одредени процеси е отежната, што е една од причините поради кои одредени компании сеуште го одложуваат своето вклучување во т.н. зелен еко систем. Изговорот најчесто е дека инвестицијата е висока и не може комплетно да се испланира, но тоа не е така. Најголемиот предизвик со кој ние се соочивме беа долгите административни постапки кои беа неопходни за да добиеме одредени дозволи што ќе овозможат работата да тече непрекинато. Јасно ни беше дека постоењето на административен товар е нешто што не може да се заобиколи во овој процес. Сепак, доколку административните постапки се симплифицираат, ќе се овозможи полесна трансформација на бизнисите во самоодржливи.

Првиот предизвик беше инкорпорирање на еко димензијата во стратегијата. Воочивме дека е најважно да се има визија и истрајност кога се имплементира решение кое е креативно, и пред сè пионерско. Од друга страна, најголемиот предизвик со кој се соочивме во целиот процес беше набавката на 100 отсто електрични возила за достава, кои не беа достапни на нашиот пазар, па набавката мораше да се направи од странство. Дополнително производството на електрични возила за достава не е масовно како во случајот со оние кои работат на фосилни горива, и не се достапни веднаш, па ги чекавме подолг временски период. Прифаќањето на овој концепт значи симултано подобрување на различни аспекти од работата, но за тоа се потребни расположливи опции и услови на локалниот пазар. Во овој случај, и покрај тоа што набавката на електричните возила ја направивме во странство, кај нас нема можност за нивно одржување и сервисирање. Доколку се овозможи тоа на нашиот пазар, ќе се постигне поголема ефикасност и побрз пробив на овој концепт затоа што ќе се олесни надминувањето на овие бариери и ќе се охрабрат компаниите да почнат со нивно „озеленување“. Со реализација на овој чекор, го заокруживме процесот на „зазеленување“ на производство и испорака на производите, кои ќе бидат произведени и доставени со користење на 100 отсто зелена енергија. „Пропоинт“ не е само прва зелена печатница, туку и прва „100 отсто зелена компанија“ меѓу приватните компании во државава.

Организациската или корпоративна култура на вработените се одразува врз сите процеси на функционирање и ултимативно на исполнување на  целокупната стратегија на компанијата. Кога ја усвоивте зелената стратегија, веројатно претходеле одредени  подготовки на вработените за тоа со што ќе се соочат. Дали има промена во поглед на односот и навиките на вработените или пак можеби се соочивте со нивен отпор кон новите промени?

Пропоинт: Од идеја до реализација е потребно време. Соодветното планирање ни овозможи да го имаме потребното време за едукација на вработените во Пропоинт за значењето на самоодржливоста и потенцијалните придобивки, затоа што силна компанија може да е одржлива само ако ги интегрира сите благодети, економски, социјални и оние на животната средина. Секако дека има промена внатре во компанијата. Почнавме со голем ентузијазам за нешто што претходно не ни беше доволно познато, но успеавме тоа да се пренесе на вработените и дури да биде и одлично прифатено. Колегите денес се среќни дека одредени процеси им се олеснети, но и горди дека се вработени во компанија која е зелена и се грижи за идните генерации. И покрај големиот предизвик да се интегрира ваков тип на „еколошка извонредност“ во сите аспекти на работењето, горди сме дека успеавме да ја кренеме свесноста за значењето на животната средина иуспешно да имплементираме идејакојашто во даден момент беше само далечен сон.

Одговорите во ова интервју се ставови на интервјуираните и не секогаш ги одразуваат официјалните ставови на Американската стопанска комора

Можеби ќе ве интересира

Грејната сезона продолжува до 30-ти април

Грејната сезона продолжува до 30-ти април

„НИКОЈ НЕ МИ ВЕРУВАШЕ ДЕКА ВО РЕСТОРАНОТ МОЖАТ ДА СЕДАТ И СЕМЕЈНО ДА РУЧААТ ЛУЃЕ ОД ПОВЕЌЕ НАЦИОНАЛНОСТИ“ - Дабевски за искуството со „Кораб Трница“ за „Бизнис муабети“

„НИКОЈ НЕ МИ ВЕРУВАШЕ ДЕКА ВО РЕСТОРАНОТ МОЖАТ ДА СЕДАТ И СЕМЕЈНО ДА РУЧААТ ЛУЃЕ ОД ПОВЕЌЕ НАЦИОНАЛНОСТИ“ - Дабевски за искуството со „Кораб Трница“ за „Бизнис муабети“

КОИ СЕ ШПЕДИТЕРИТЕ КОИ ТРИЈАТ РАЦЕ, А ЌЕ СЕ ОФАЈДАТ ОД ЧОКОЛАДИ - еве како „Европа“ ќе ја распредели својата ланска добивка

КОИ СЕ ШПЕДИТЕРИТЕ КОИ ТРИЈАТ РАЦЕ, А ЌЕ СЕ ОФАЈДАТ ОД ЧОКОЛАДИ - еве како „Европа“ ќе ја распредели својата ланска добивка

Нов бран на експанзија на казина во Македонија

Нов бран на експанзија на казина во Македонија

ММФ: Maкедонија годинава ќе има економски раст од 2,7 отсто

ММФ: Maкедонија годинава ќе има економски раст од 2,7 отсто

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПОШТИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ШТРАЈК: Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПОШТИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ШТРАЈК: Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места

ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА - како се плаќа и оданочува, и колку прекувремени часови смеете да имате

ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА - како се плаќа и оданочува, и колку прекувремени часови смеете да имате

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор