Добивај вести на Viber
И вечерва илјадници луѓе се собраа во центарот на Софија и со марш побараа оставка на Владата. Луѓето тргнаа од плоштадот „Независност" пред Министерскиот совет и продолжија со поворката кон Народното собрание и Орлов мост, па се до Националниот дворец на културата (НДК) во центарот на Софија.
Протести против владата се одржуваат во повеќе градови од земјата, меѓу кои Пловдив, Варна, Бургас, Велико Трново, Габрово и други.
Истовремено во главниот град втора вечер се одржуваат и контра протести за поддршка на кабинетот на Орешарски. Учесници во демонстрациите се договориле дека протестите ќе се интензивираат утре и во текот на викендот.
Контрапротестот пак е локализиран во реонот на НДК. Учесниците во него инсистираат да и се даде шанса на владата да работи и потпишуваат петиција за владина поддршка.
Денеска од Брисел премиерот Пламен Орешарски изјави дека не планира да поднесе оставка се додека ја има поддршката на парламентот. Тој негираше дека вчера дал навестување за евентуална оставка поради однесувањето на дел од парламентарцоте кои не се појавија на редовната парламентарна седница, по што таа мораше да биде одложена.
Истовремено стана јасно дека од следната недела привремената парламентарна комисија за изготвување на нов Изборниот законик ќе започне расправа на 11 главни теми по предлог на граѓанските организации. Меѓу предлозите се и создавање на изборна администрација, која не е партиска, туки е стручна, воведувањето на мнозински елемент во гласањето, како и еднаквост на сите учесници во изборите.
Во работата на комисијата ќе се вклучат експерти по изборно законодавство, поранешни уставни судии и претставници на граѓанските организации со искуство во мониторинг на изборите. Претседателот на привремената комисија Маја Манолова одби да поврзе промените на Изборниот законик со евентуална оставка на владата, јавија бугарските медиуми.