Работилница инспирирана од „Разбуди го родителот во себе“ со проф. д-р Соња Китановска-Кимовска во Битола
Објавено во: Мои пари 29 Октомври, 2024
Како да зборувате за вашето дете да ве слуша, како да ја поттикнете неговата самодоверба, како да се поврзете со него пред да го коригирате... се само дел од темите што ќе бидат опфатени на работилницата за родители инспирирана од книгата „Разбуди го родителот во себе“ што ќе ја води авторката проф. д-р Соња Китановска-Кимовска во Битола.
На настанот, кој ќе се одржи на 6 ноември (среда) во 18:30 часот во Дом „Софија“, во Битола, покрај миниработилницата, ќе се одржи и промоција на книгата во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Кон книгата ќе се осврнат проф. д-р Олга Мурџева-Шкариќ и проф. д-р Сашо Кочанковски, а во улога на модератор ќе биде Софија Ристевска-Петрушева. Настанот е во организација на Македонско научно друштво - Битола, Интимен театар - Битола и Приватна установа за социјална заштита на стари лица Дом „Софија“, Битола.
Соња Китановска-Кимовска е преведувач, универзитетски професор, активист и едукатор за родители, и воедно е мајка на малолетни деца. Вели дека идејата за „Разбуди го родителот во себе“ настанала откако се соочила со проблеми и дилеми за кои не била лично подготвена и почнала да бара помош во книгите за самопомош на родители.
Книгата обработува теми и прашања од областа на детската психологија, родителството и воспитувањето деца. Тие се нераздвоен дел од секојдневниот живот во семејството и навлегуваат во суштината на односот меѓу родителите и децата. Научните сознанија и докажаните практики извлечени од референтна научна и стручна литература во книгата се претставени преку личното родителско искуство на авторката. Ова е прва книга од ваков вид напишана на македонски јазик и од македонска авторка. Книгата е поделена на два дела. Во првиот дел се обработени емоциите, а вториот дел е посветен на воспитувањето на децата.
Книгата изобилува со применливи техники и активности што им овозможуваат на родителите непосредна позитивна интеракција и комуникација со децата и нивно мотивирање за позитивни промени... Книгата плени со искреност, едноставност, непосредност, но и научна издржаност и мудрост. Почнува како автобиографски роман, со што авторката ве вовлекува во својот интимен, домашен свет за да ги сподели сопствените размислувања, дилеми, подеми и падови, лекции научени на сопствената кожа. Книгата изобилува со практични знаења и вештини што не само што се научно засновани туку и произлегуваат од личното искуство на авторката. Како совети од прва рака, добиваат непроценливо значење за проактивниот читател. Импресионира со способноста да му се доближи на читателот непосредно, на јазикот разбирлив за него.
Целта на книгата е да им послужи на родителите како дневен прирачник, што ќе ги поттикне да си ја преиспитаат сопствената родителска улога и да им помогне во комуникацијата со детето. Конципирана е во форма на прашања и одговори, за да може читателот полесно да се снајде и брзо да го најде тоа што му е потребно.
Соња Китановска-Кимовска има завршено магистерски студии по англиски јазик и применета лингвистика на Универзитетот „Кембриџ“, Обединето Кралство, а докторирала во областа на преведувањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Од 2003 година работи како слободен преведувач/толкувач, а 2010 година предава на Катедрата за преведување и толкување при УКИМ. Од 2019 г. е сертифициран едукатор за позитивна дисциплина, а од 2023 г. соосновач на платформата за позитивна дисциплина во Македонија (www.pozitivnadisciplina.mk). Нејзината мисија е да ги заштити децата од насилство при воспитувањето во домот и надвор од него, да ја подигне општествената и индивидуалната свест за позитивните пристапи кон воспитувањето и родителството, да ги зајакне социјалните и емоционалните вештини на родителите/старателите и, индиректно, на децата заради градење позитивни односи меѓу нив и олеснување на меѓусебната комуникацијата. Таа мисија ја остварува преку профилите „Родители од акција“ на социјалните мрежи (Instagram, Facebook, YouTube, www.roditeliodakcija.mk) и преку работилници и курсеви за позитивна дисциплина.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.
ПР објава