Добивај вести на Viber
Албанскиот премиер Еди Рама ја заврши дводневната посета на Србија. Пред заминување во Прешево истакна дека Албанците кои живеат во јужните делови на Србија имаат многу помалку права отколку што имаат Србите на Косово.
„Албанија ќе поддржи решавањето на проблемот во Прешевската долина да биде суштинско на патот на приближување на Србија кон Европската унија и нема да дозволи асимилација на Албанците во овој регион“, рече Рама и со тоа уште една и стави „прст во око“ на своите домаќини.
Сепак според зборовите на албанскиот премиер, иднината на целиот регион е во ЕУ, а Албанија и Косово претставуваат гаранција за стабилноста и демократијата на Балканот. Околу 1.000 жители на Прешево го пречекаа Рама со билборди со неговиот лик, црвен ќилим, овации, развиорени албански знамиња и гласна музика.
Ваквите провокации од Рама за српските власти значат пропадната можност посетата да се искористи за унапредување на односите меѓу Белград и Тирана. Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска процени дека посетата на Рама не ја остварила целта за која била замислена, бидејќи не направила никако исчекор во унапредување на односите меѓу двете земји.
„Знаеме ние што некои земји мислат за статусот на Косово, но тука станува збор за нешто друго. Такви посети, кои се организираат по долго време, подразбираат во согласност со дипломатската пракса, да се договорат формулации кои ќе бидат користени токму за да се избегне она што се случи на пресконференцијата. Ни тогашната државна секретарка на САД Хилари Клинтон за време на посетата на Белград не бараше од нас да го признаеме Косово, а тоа го направи албанскиот премиер“, истакна Дачиќ.
Притоа тој истакна дека Србија се покажала како добар домаќин и ја организирала посетата без никакви инциденти, додека Рама немал никакво право да зборува за Косово. „Дали е Рама премиер на Албанија или на Косово? Тој за тоа не треба да зборува. Зошто не зборува за Србите во албанија? Најдете Србин во таа земја што се презива на -иќ. Србите таму ги албанизираат, а тој зборува за Србите на Косово. Каква врска има тој со тоа, дали е тоа голема Албанија?“, праша луто Дачиќ.
Претседателот на Република Срспка Милорад Додик му честиташе на српскиот премиер Александар Вучиќ на однесувањето на пресконференцијата со Еди Рама во Белград. Според Додик, Вучиќ се однесувал согласно дипломатските пракси, бранејќи го интегритетот и суверенитетот на српската држава. „да бев јас во слична ситуација, веднаш ќе побарав од албанскиот премиер да ја напушти државата“, рекол Додик.