Интервју на Фактор со Велија Рамковски, некогашен сопственик на поранешна А1 телевизија
ИНТЕРВЈУ РАМКОВСКИ: Сериозни луѓе би сакале да вложат во нова А1
Објавено во: Македонија, Интервјуа 11 Октомври, 2019
Некогаш моќен бизнисмен и сопственик на првата и најгледана приватна телевизија, во времето на поранешната власт на Никола Груевски, доживеа да мора да одлежи седум години во затвор. Ви интервју за Фактор, Велија Рамковски тврди дека немал никаква вина, причината е чист политички реваншизам. Сега најавува нова А1, вели дека лично нема пари за тоа, но од сериозни луѓе добил сигнали дека би инвестирале во таков проект. Убеден е дека Европа нема да крене раце од нашата држава, а тоа ќе значи и дека сите што влегле во криминал, нема да останат неказнети. За Никола Груевски има длабоко чувство дека ќе дојде денот кога ќе си ја плати својата цена. За премиерот Зоран Заев вели дека е историски чин тоа што го постигна за земјава на меѓународен план.
Најавивте обнова на А1 телевизија, некогаш најгледана, која гледачите, велите, уште не можат да ја заборават. Би Ве прашала директно, имате ли доволно пари за еден така голем проект, бидејќи знаеме дека телевизијата е „скапа играчка“, или тоа нема да биде класична телевизија како што беше А1, туку можеби во некое интернет издание?
Рамковски: Многу прашања во едно. Прво, дали имам пари за телевизија - не. Најави дека заинтересирани инвеститори има - да. Оттаму и тоа кажување дека е можно, бидејќи јас не велам дека е сигурно дека А1 ќе се отвори, туку велам дека е можно да се договориме да се изведе телевизијата. Инаку, не се согласувам дека телевизијата е играчка, таа е сериозна работа. Ако некој знае за телевизија, јас знам. Можам да се вложам себеси со своето знаење за да ја изградам А1, но не таква, бидејќи никогаш не може да биде таква, но во секој случај најсилна телевизија, со можностите плус што сега ги даваат социјалните мрежи. Сега има поголеми можности А1 да биде подобра од што беше.
Значи размислувате за класична телевизија?
Рамковски: Секако, се подразбира. Тоа е таа моќ, таа организација. Но не барајте јас да можам да ви ги дадам сите одговори за тоа што значи во сегашни услови А1. Во секој случај А1 би била модерна, со поддршка од социјалните мрежи. На пример, направена емисија, или вестите, но тоа да се пренесува и преку социјалните мрежи. Значи мостот меѓу евентуално идна А1 и социјалните мрежи ќе биде многу појасен и побрз.
Велите инвеститори. Кои би биле тие што би вложиле, и дали можеби сте оствариле некаков разговор со нив?
Рамковски: Директни – не, да бидам искрен. Има посредна најава од луѓе што ги сметам за сериозни. Не би го кажал јас тоа ако не сметам дека се сериозни и заинтересирани. Се обратиле кај луѓето што тоа ми го кажаа, и прашале дали јас сум подготвен да се вложам да работам за да ја кренам А1. Јас реков - да. Значи на посреден начин се обратија кај мене инвеститорите. Инаку, А1 беше профитабилна телевизија, последната година направи годишен промет од 10 милиони евра.
Што сметате дека им недостига на сегашните водечки национални телевизии, што е она различно што би го понудила новата А1?
Рамковски: Прво, тие не отидоа ни чекор со времето, тие напротив, од 2010 година отидоа надолу, не нагоре. Можам да замислам што ќе направеше А1 за 10 години, кои иновации. Ние бевме репер за нив, тие не следеа. Откако не снема нас, тие останаа на тоа ниво, турски серии, и одредени емисии, и толку. Не се свртеа кон гледачот. А мене, од основањето на А1 па до крај, ме интересираше гледачот, тој како муштерија, како бројка. Тоа значи рејтингот. Секогаш бев свртен кон својот муштерија. Бидејќи, јас сум бизнисмен и крајното што ме интересира, тоа е мојот муштерија, дали ја гледа програмата на мојата телевизија. На тој упорен начин на работење во интерес на гледачот опстоивме речиси 18 години.
Сметате дека сегашните телевизии тоа не го прават?
Рамковски: Не. Јас бев слободен, ниту имав толку голем бизнис, ниту бев член на политичка партија, како некои други телевизии. А1 беше таа што беше свртена исклучиво кон гледачот.
НЕМА НОВИНАР ШТО НЕ БИ САКАЛ СО МЕНЕ ДА РАБОТИ
Кој е тимот со кој би ја реобновиле телевизијата, дали тоа се поранешните новинари од А1 телевизија, сте почнале ли разговори веќе со некого?
Рамковски: Не сум разговарал со никого, но од разни комуникации знам дека нема новинар што не би сакал кај мене да работи, односно исправно би било да се каже – со мене да работи. Бидејќи, ние имавме навистина многу блиска соработка. Со кои новинари детално не можам да ви кажам, ниту сум составувал листа, но сигурно би била комбинција од стари и нови.
Со кого од поранешните новинари уште контактирате?
Рамковски: Речиси со сите имам одредена комуникација. Не честа и интензивна, но со сите имаме добри сеќавања. И би била добра иднината. Секој од нив би сакал да бидеме заедно, бидејќи А1 беше гордост за нив, атмосферата во телевзјата беше прекрасна. Јас не се сметам за мек човек, можеби и сум терсене, но не знаев дека таков впечаток сум оставил кај нив. Тие сакаат да работат со мене.
Дали сте подготвени да понудите повисоки плати?
Рамковски: Платите зависат од бизнис планот. Но, А1 ги имаше највисоките плати, бидејќи имаше највисоки приходи, најголема заработка.Фирма не може да биде најуспешна ако ги нема највисоките плати.
Неодамна изјавивте дека на ниту еден новинар од поранешната А1 не сте му кажале да не прави некој прилог, дали тоа беше така за целото време на постоење на телевизијата?
Рамковски: Целосно, сто отсто. Но често разговаравме на битните теми, особено со уредниците. И јас влијаев со своето знаење, со својот квалитет на размислување. Влијаев на уредувачката политика, но не за прилогот. И сега исто би постапил. Моите новинари имаа заштита од мене, не се плашеа од никого, како и јас што не се плашев.
ВЕРУВАМ ДЕКА СИТЕ ШТО ГРЕШЕЛЕ ЌЕ ОДАТ ВО ЗАТВОР
Целата јавност памети што преживеавте од поранешните власти и дека тие беа причината што долги години поминавте во затвор. Дали од денешен аспект Ви е тешко кога гледате дека речиси никого не го стигна правдата, речиси никој не е во затвор, особено за криминалот кој можеше да се чуе од бомбите?
Рамковски: Многумина се прашуваа дали ќе не биде како држава. Еве, не бидна како држава – ќе влеземе во НАТО, чекаме датум за ЕУ. Никој не може да рече дека не сме држава. Не мислам дека квалитетите на државата ние можеме сами да ги покренеме. Многу се надевам на датум за преговори, тоа значи и конкретно влегување со нивна помош да можеме да го подобриме и квалитетот на живеење. Додека бев во затвор, сламката за спас за која се фатив, за да не умрам, за да не ме снема, беше желбата да влеземе во НАТО и ЕУ. А тоа би значело и дека премиерот, кој и да е, нема да може да затвора луѓе, да не може криминалците да останат неказнети. Така што, јас не верувам дека овие, што вие велите дека си шетаат слободно, дека ќе продолжат да шетаат слободно. Тоа ќе го донесе ЕУ. Не можат тие да имаат членка во ЕУ и во НАТО, а буквално криминалците да се на слобода. Тоа ќе биде брука за нив. Значи, со нивна помош, јас верувам дека овие за кои слушавме во бомбите, ќе си одат во затвор. И затоа не создавам во себеси револт, бидејќи јас мислам дека секој, што си правел – ќе си го најде заслуженото. Не треба сите како општесетво да сме револтирани од тоа дека не ги нашла правдата – ќе треба време, години, за да дојде правдата. Бидејќи знам дека квалитетите во нашата држава ќе се градат исклучиво со помош на западните земји. Ние сами тоа не можеме да го направиме.
Унгарија официјално соопшти дека нема да го екстрадира. Што ќе му порачате на Никола Груевски кој ова ќе го прочита слободен од Будимпешта?
Рамковски: Тој направи голема штета, не само мене, туку и на државата, мислам дека и на ВМРО-ДПМНЕ им направи голема штета како на партија. Не знам, како бидејќи не сум стручњак, не сум правник. Но јас сум сигурен дека неговата иднина не може да биде светла, добра, дека тој и правно, и човечки, и од сите аспекти, космичка правда ако сакате, длабоко го имам тоа чувство во себе – дека тој ќе си ја плати својата цена. Не може правејќи лошо, човек да најде добро. Премногу лошо направи, и сметам дека ќе си ја плати својата цена.Се споменуваат вонредни избори, можеби напролет, а можеби изборно соочување ќе има во октомври. Што очекувате, која партија би можела да ја однесе победата?
Рамковски: Не можам тоа да го предвидам. Прво, ова што Заев го направи со ЕУ и НАТО и меѓународните односи, тоа е историски чин. Колку тоа како на премиер ќе му го стават на конто гласачите, не знам да предвидам, но независно од тоа, мислам дека датумот за преговори, според мене, е многу поголем чин отколку изборите. За мене главното нешто за иднината на земјата е датум за преговори. Дали ќе остане оваа власт, или ќе дојде некоја друга, бидејќи ние ги знаеме квалитетите и на едните и на другите - датумот за преговори за мене ќе биде клучен. Јас сум сигурен дека Македонија, после таа одлука, нема да продолжи на истиот начин како досега.
Очекувате ли дека ќе го добиеме датумот?
Рамковски: Не знам. Франција затегнува, но јас Мислам дека Германија, а и другите членки, сигурно веќе нема да ја остават Македонија сама како досега. Сигурно Македонија ќе оди една крупна скала нагоре. Ме нервира кога датумот се доживува како успех или неуспех на власта. Тоа е нашата иднина и јас не сакам да го врзувам со партија. Знам дека не не бива, и знам дека само со ЕУ и НАТО можеме да станеме поквалитетни.
Деновиве преку Фејсбук испорачавте пофалби за премиерот Заев за решавањето на проблемот со името, велејќи Господ да го поживее. Дали отсекогаш сметавте дека тој проблем треба да се реши, бидејќи јавноста памети дека во првите години од владеењето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, правевте трибини за одбрана на името?
Рамковски: Дали имам направено грешки – како не, имав грешки. И тоа беше една од грешките. Бев можеби понесен од одлуката во Букурешт. Тоа многу ме нервираше. И после, 2008 година беше таканаречената разделба, тоа мое дистанцирање од Груевски, бидејќи видов каде сето тоа води. Името можеа да го решат порано, од Киро Глигоров, па сите натамошни премиери. Меѓутоа Заев го реши. За она внатрешно што е спроведено, не сакам да проценувам, но не би рекол дека е којзнае колкууспешно, но за мене тој е историска личност. Затоа јас не ги чекам изборите, дали СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, туку чекам датум за преговори. А тука е заслужен исклучиво Заев со својот карактер. Тој негов карактер, тоа негово зрачење како човек, тоа позитивното во него, според мене, направи и во однос на Бугарите, и во однос на Грците, направи да се реши тој проблем.
Знаеме какви неправди преживеавте. Но дали го фалите премиерот затоа што навистина мислите дека е успешен, или од причина што, можеби, оваа власт ви помогна порано да излезете од затвор, по одлежани седум години, иако првично бевте осудени на 13 години, па сега сакате на некој начин да им возвратите за услугата?
Рамковски: Не е поради тоа. Е сега, ако останеше Груевски, ќе умрев во затвор. Тој немаше да ме остави да излезам. Тоа е мое чувство, можеби не сум во право.
Ги завршивте ли сите правни процедури?
Рамковски: Да, во однос на затворот, нема повеќе. За мене нема повеќе затвор.
Дали сметате дека оваа власт ви помогна во тоа?
Рамковски: Не ми помогна власта, туку тоа што во суштина таа остави да владее правниот аспект. А не таа да ми помогне. Немаше човек кој во затвор не ми рече – знам зошто си тука. Дури и вмровците знаеја зошто сум таму, бидејќи Груевски сакаше да ја затвори А1. Значи, во суштина, се ослободи правниот систем, не велам целосно, но можеше да фиункционира без диктатот на Груевски, и затоа сега го нема тој проблем.
ТРЕБА ПОВЕЌЕ ВРЕМЕ ЗА ЕКОНОМИЈАТА
Секојдневно слушаме бројни критики за власта, но особено ја разниша аферата Рекет. Дали таа ќе придонесе за конечно разочарување на овдешното граѓанство дека ниту една власт не е имуна на криминал?
Рамковски: Рекет мора да се заврши. Треба да се заврши правно, и со сите аспекти, невозможно е и не треба да не се заврши. Но, тоа повторно треба да го гледаме од тој евроинтеграциски аспект, не од вмровски или сдсмовски аспект. И кои се главните пораки од Европа – корупцијата мора да се реши.
Дали и Вие сте во групата граѓани кај кои големата надеж во СЈО, се претвори во уште поголемо разочарување?
Рамковски: Пак ќе повторам, нас не не бива за сами. Затоа исклучиво полагам на датумот, на критериумите што владеат во организираните земји. Затоа мене секој ден ми е убав, таа надеж ми помага да се тргнам од таа горчина на секојдневието на Катица и на сите тие работи. И јас се свртувам накај тоа што ќе значи датумот – дека ќе почне правдата. Не може да си дозволи ЕУ да тие дојдат, и тоа да не се реши. Тогаш ќе речеме дека и тие се такви. Значи ЕУ не може да си дозволи такво нешто.
Сметате ли дека оваа Влада, која постојано зборува за добри бројки во
економијата, раст на БДП, на вработувањата и на платите, навистина успеа
да им го испорача на граѓаните тој подобар и достоинствен живот што им го
ветуваше?
Рамковски: Не ги следам тие бројки. Но, од комуникацијата со луѓето, не можам да видам дека некому му е подобар и побогат животот. Не сретнав таков.
Дали е тоа неуспех на Владата?
Рамковски: Немојте така. За две три години фирма не се прави. Не може да се смета за година, две, три. Нас ќе ни требаат децении. Телевизијата јас ја градев 10 години, за да стигне до позитивна нула. И не верувам во такви бројки – дека денеска е убаво во економијата. Не верувам дека народот ги почувствува тие бројки.
Дали размислувате да се ангажирате повторно политички, бидејќи едно време бевте лидер на партија?
Рамковски: Таа партија беше бидејќи јас сакав да го издигнам земјоделието. Не најдов некој од политичарите да биде заинтересиран тој да зборува за тој проблем. И затоа јас почнав да зборувам. Тоа не траеше повеќе од четири-пет месеци. Потоа се договоривме со Груевски тој да ја преземе работата околу субвенциите. И јас тогаш ја укинав партијата. Инаку, за мене СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се етаблирани, силни партии, не верувам јас баш во трета опција. А јас да се ангажирам - дали во ВМРО-ДПМНЕ, дали во СДСМ, боже сочувај. Ни случајно.Жестоко се залагавте за земјоделските субвенции. Дали оваа сума што сега се дели е доволна и дали навистина го направи земјоделството успешен сектор како што беше главната идеја?
Рамковски: Јас ги издејствував субвенциите. Во 2006 имаше само осум милиони евра, и јас кога велев дека треба да бидат 100 милиони евра, ми се смееја. Но тоа го сменив, баш преку А1. Без силата на А1, тоа немаше да можам да го направам.
Но дали сега кога се делат високи суми, сметате дека земјоделството е во добра кондиција?
Рамковски: Не сум сигурен. Колку тие пари, 150 милиони евра, колку умно се трошат – на кого, како, колку умно се менаџира. Тоа не е само давање пари. Тоа не го знам, не владеам со бројките. Прво, 150 милиони евра не се кој знае колку пари. Еве една Бугарија, дава 200 милиони евра од буџетот, а 800 милиони евра зема од Европска унија за земјоделието. Но тоа се работи на европски начин. Дали вистински европски овде се даваат тие субвенции – не знам.
Како
успеавте да ги издржите седумте години поминати во затвор, што ви беше идеја водилка?
Рамковски: Првите денови, чесен збор, мислев дека не можам да живеам, не можам да дишам, готов сум. Ужас. И требаше да се фатам за нешто. Само гробот е полош од затворот. Во Шутка, 28 месеци ниту една ноќ немав видено звезда. Имав посебна прошетка, а сите други од 20-те соби мораа да одат истовремено на прошетка. А во една од тие соби беше и ќерка ми. Цели 28 месеци, ниту еден ден не можев да ја видам. А другите затвореници си шетаа, и си разговараа со тие од прозорите. Но мене никогаш не ме оставија да се видам со ќерка ми. Никогаш. Ужас.
Како издржавте?
Рамковски: Ова не треба да звучи како парола. Морав за нешто да се фатам. Што е тоа. Тоа беше вербата дека ќе влеземе во ЕУ и во НАТО, и тогаш имав голема верба, како и сега. И дека ќе дојде ден кога нема да може Груевски кого сака да апси, дека ќе има живот, ако не за мене, за децата мои, за внуците. Дека ќе бидеме дел од ЕУ, од богатите земји. Во основа, се фиксирав за таа идеја, ја фатив. И почнав – јадење редовно, спиење редовно, спорт... И со таа слика навистина бев најрасположениот затвореник и во Шутка и во Идризово. Денот го поминував многу задоволен со самиот себе, тоа е кога човек ќе се сврти кон себеси. Многу читав книги. И во таа релација со самиот себе, ниту еден час од затворскиот живот не му го дадов на Груевски. Секој час беше мој. И кога излегов – гладам вас тука ви е тешко, стресно, вакво, такво... Јас излегувам од затвор и буквално летам, не одам по земја, а другите ги гледам, паднати. И на некој начин ме заразија со таа негативна енергија. Но, ги турнав, не им дозволив. И сега мојот ангажман до крајот на мојот живот ќе биде во тоа да се чувствувам корисен, а тоа е се што можам да направам за Европската унија, да се скрати тој пат кон унијата, а тоа значи да се подобри квалитетот на живот на моите сограѓани.
И ЈАС СЕ ЧУДМ ЗОШТО ГИ НЕМА БОМБИТЕ ЗА А1
Од денешен аспект, тврдите ли и натаму дека бевте затворен само поради политички реваншизам, или можеби имаше и кај вас некаков „грев“ од правен аспект?
Рамковски: Целосно, сто осто.
Немаше Ваша вина воопшто?
Рамковски: За 10 илјади евра платени од хрватска фирма, по хрватски закони, платено во Турција, два пати платена фактурата, ќерката осудена на шест години, синот на седум. Фирма со фирма. Инку, вкупниот приход на А1 беше 10 милиони евра, а УЈП најде наводно неплатен данок од 10 милиони евра. Како е тоа можно, тоа е идиотско. А два три месеци пред тоа имавме контроли од УЈП. И како може во тој телевизиски бизнис да има пари. Нула, нешто над нулата, е супер. И нон стоп инспекции. А пред тоа, најдоа 70-80 илјади евра за претходната година за данок, и нив ги плативме. Тоа беше апсолутно чист политички реваншизам.
Господине Рамковски, дали се уште сте богат човек, кој е Вашиот клучен бизнис и од што практично егзистирате Вие и Вашето семејство?
Рамковски: Јас сум богат во душата. А финансиски, никогаш. Кога ми дојде еднаш сопругата на посета во Шутка, ме прашува – да не имаш некој стан, некој имот, било што скриено. И велам – не, никогаш сум немал, и ми дојдоа солзи на очи. Никогаш не сум одел по парите. Бизнисот ме интересираше.
Сега од што егзистирате?
Рамковски: Имам доволно за скромен живот. Хедис маркетите, некои други. Има околу 500-600 Хедис маркети, но без финансиска моќ. Тогаш постоеше А1 и имав два милиони евра кредит. Така се креваше бизнисот. Сега го немам тоа и е во многу, значително послаба кондиција.
Значи додека бевте во затвор ги изгубивте парите што ги имавте?
Рамковски: Целосно, целосно. Немав јас пари ставено на жиро сметка. Јас го имав бизнисот. Во тој бизнис нема заштеда, туку нон стоп вложуваш. Во оној момент кога ќе престанеш, пропаѓа. Да, пропадна цела фирма. Над 800 вработени имавме во сите фирми.
Дали додека бевте во затвор имавте притисок од претходната власт, имавте ли закани врз вас или врз вашето семејство?Рамковски: Не, немав никогаш. Ме оставија.
Тогашниот опозиционер Заев кога ги пушташе бомбите најави и голема бомба за затворањето на А1 телевизија, но неа до денес јавноста не ја слушна, а ниту СЈО за тоа немаше отворено истрага. Дали Вие знаете нешто повеќе за тоа, сте ги чуле ли, дали од СЈО ве викнале да дадете исказ?
Рамковски: Не, не. Ништо. И јас се чудам. Јас ги слушав тие најави – дека има такви бомби. Но досега не сум слушнал ништо. И натаму се прашувам, речиси секој ден.
Дали сте се сретнале со премиерот Зоран Заев?
Рамковски: Да, два пати се имам сретнато.
Дали сте го прашале за бомбите и што ви одговори?
Рамковски: Сум го прашал, и добив неодреден одговор.
Што значи тоа, Ви рече ли дека постојат и ќе бидат објавени?
Рамковски: Врска немам. Не добив впечаток дека нешто ќе се објави.
Дали можеби нешто друго му порачавте?
Рамковски: Не, ништо. Повеќе би рекол дека беше куртоазна посета.
Значи немавте некој суштински разговор?
Рамковски: Не, не. Ништо посебно.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.