РАЗГОВОРИ СО КРУГМАН
Објавено во: Економија, Колумни 07 Јуни, 2022
Ова четиво е своевиден „записник“ од разговорите со професор Пол Кругман, добитникот на Нобеловата награда за економија во 2008 година, кој престојуваше во Скопје и Охрид од 28 до 31 мај 2022 година. На покана на министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими, тој учестуваше на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ 2022) со главно обраќање посветено на глобалните и европските макроекономски предизвици.
Се прашувам, прво, дали е етички да се обелоденуваат поенти од приватните разговори со него? Оваа дилема беше разрешена со негово подоцнежно одобрение. Второ, јавното пренесување на детали од средбите со светски познат научник можеби повеќе мириса на примитивна себепромоција, отколку на искрена желба да се долови личноста и нејзините ставови. Ви оставам да процените сами. Трето, кога ќе се додаде инајчестата медиумски пренесена реченица дека „патиштата ни се лоши“, а тој упати бројни други корисни и сериозни препораки, поривот кај мене да дообјаснам што ни порача Кругман, стана многу поголем.
При првата средба со него, бев во дилема дали станува збор за ароганција или интровертност. Избегнуваше често среќавање на погледите и одговараше кратко, што на почетокот влеваше сомнеж дека можеби прашањата ни се премногу стандардни. Подоцна, откако се привикна на помислата дека ќе мора да „издржи“ неколкудневно „испрашување“, даваше подолги одговори и со посмело пресретнување на погледите. Додека разговараше, не само јас, туку и други колеги, имавме впечаток дека неговиот прекрасен ум нешто процесира во позадина.
Кругман е брилијантен научник, кој не сака вратоврски и скапи лакирани чевли. Носи темни спортски патики, кои едвај го поминуваат тестот на официјалниот кодекс на облекување, но веројатно се многу удобни. На патувањата секогаш носи четири електронски уреди: лаптоп, телефон, класичен таблет и таблет за читање. „Одамна се одвикнав од печатените книги. Прво, затоа што не можам да понесам толку многу книги на патувањето, колку што сакам. Второ, таблетот за читање е сосема пристојна замена за книгата“. Неговата скромност дури побара и дозвола да го погледне телефонот, бидејќи претходно добил порака од сопругата, американската економистка и политиколог, Робин Велс, дека некој ги вознемирува на домашниот телефонски број и го бара професорот Кругман за да му биде објаснет пасус од последната колумна во „Њујорк Тајмс“.
„Како се справувате со толку обожаватели во академската заедница и во светот на политиката и бизнисот? Она што е Роберт Де Нироза филмската индустрија, тоа сте вие за академската публика. Сигурно ќе има многу кои ќе сакаат да се фотографираат и ќе побараат посвета на некоја од вашите книги? Како ќе се справите со тоа? Кога ќе заврши вашето обраќање на Конференцијата, дали веднаш ќе заминете или ќе дозволите контакт со дел од присутните?“ Спокојно одговара:„Не се грижи. Сум научил да се справувам со обожавателите и критичарите. Ќе оставам барем 30 минути за средба со нив“. Не сум сигурен дека успеа да го предвиди огромниот интерес, кој следеше во форма на поздравувања, селфија и изнудени прегратки за фотографирања, претставувања... Постојано добиваше пофалби за неговите учебници, статии, колумни, ставови, но во ниту еден момент не покажа ароганција.
Ехото на историјата
Покрај тоа што е пасиониран познавач на економијата, професорот Кругман е голем љубител на историјата. Чита многу, речиси за сите епохи од историјата. Еден од позначајните историски настани, кој го фасцинирал е опсадата на Виена во 1683 година, кога Отоманската империја се обидела да го покори Светото Римско Царство, предводено од Хабсбуршката монархија и Полско-Литванскиот Комонвелт. И навистина, доколку отоманската војска успеала да го скрши отпорот на Виена, историјата на Европа би добила сосема поинаков тек. Неговото внимание се фокусирало на фактот дека во Светото Римско Царство се случувала економска конвергенција, односно се намалувале економските разлики меѓу регионите. „Како тој успех да се реплицира во денешната Европска Унија?“, ни ги пренесе Кругман своите размислувања.
Имате ли корист од Европската Унија?
„Дали имате корист од ЕУ, како што имаат Шпанија, Грција и Португалија?“, нѐ прашува. Му објаснуваме дека македонската економија има висок степен на трговска либерализација со ЕУ и дека ни стојат на располагање претпристапни фондови, кои се сепак премали во споредба со структурните и кохезивните фондови за посиромашните членки на Унијата.*
*Ова неодоливо потсетува на поделбата, која ја користат акад. Гоце Петрески и Вилијам Бартлет од Лондонската школа за економија, дека Шпанија, Грција, Италија и Португалија се европска периферија, а Западниот Балкан е „супер-периферија“.
Тој во Македонија допатува од Португалија, каде бил во подолга посета на некои пријатели. Се запознале во далечната 1976 година, кога неколку месеци бил практикант во централната банка на Португалија. Тогаш тоа беше економски недоволно развиена земја, но изминативе децении се забележува огромен напредок. „Тоа може да го забележам, меѓу другото, и од убавите патишта. Бев на велосипедска тура со дневна „норма“ од 70 километри на ден и уживав во убави предели од Португалија. Се гледа дека Португалија имала корист од членството во ЕУ“, заклучува тој.
Не треба да се биде Нобеловец по економија за да се заклучи дека патот од Стража до Охрид е многу лош, но кога пораката доаѓа од него, јасно е дека патната инфраструктура е висок приоритет. Воопшто не ме зачуди фактот дека најголем дел од медиумите ја дофатија оваа порака и ја вградија во ударните вести.
Втората главна порака беше дека инфлацијата во следниот период ќе се смирува и дека повторно ќе следува период на ценовна стабилност.
Што ќе се случува со инфлацијата?
Прашањето за зголемената инфлација веќе неколку месеци ја окупира светската и особено европската јавност. Во многу земји инфлацијата веќе зачекори во двоцифрената зона, а особено вознемирува порастот на цените на прехранбените производи, електричната енергија и нафтените деривати.
Пред да одговори на темата за зголемената глобална инфлација, професорот Кругман го покажа графиконот бр.1, неколку дена пред да биде објавен на „Twitter“. Базичната инфлација (без волатилните компоненти - храната и енергентите) во САД покажува краток тренд на намалување последниве месеци. Според него, тоа е еден од доказите дека во САД инфлацијата го достигнала максимумот и дека нема опасност од иницирање на спиралата цени и плати. Но, Европа е малку поинаква приказна. Тука инфлацијата сѐ уште е во подем, и покрај бројните мерки од европските влади за ублажување на ефектите од војната во Украина и на енергетската криза.
Графикон бр. 1. Инфлацијата се зголемува?
Клучното прашање е дали
инфлацијата е привремен или подолготраен феномен. Во однос на ова прашање,
главната струја на макроекономисти се дели на тим „привремена“ и тим
„подолготрајна“. На пример, Кругман беше - и изгледа сѐ уште е - во тимот
„привремена“, додека во тимот „подолготрајна“ е, на пример, професорот Нуриел
Рубини од Њујорк универзитет во САД. Многу важно е дали повисоката инфлација ќе
предизвика пораст на номиналните плати, бидејќи синдикатите ќе се обидат да ја
зачуваат нивната реална куповна моќ. Кога номиналните плати ќе почнат да се
натпреваруваат со спринтерски расположените цени, тоа дополнително ќе ги
подгрее инфлациските очекувања. Стручниот термин е „одзакотвување“ (анг. “de-anchoring“) на очекувањата. Друго значајно
прашање е како ќе реагираат централните банки, односно дали ќе превземат
агресивно покачување на каматните стапки (што ќе предизвика „тврдо
приземјување“) или ќе следат градуелен пристап (што во идеален случај, би
резултирало во „меко“ или удобно приземјување). „Ако треба, и неколку пати, централните банки
умерено ќе стиснуваат на сопирачката, но не е потребно пресилно кочење“.
Пристапот за градуелно затегнување на монетарната политика го темели на очекувањата - и трендовите на податоците - дека инфлацијата ќе се смири во следните 12 до 18 месеци. „Освен тоа, американската економија не е толку прегреана, како што претходно мислев. Наративот за висока и долготрајна инфлација, едноставно, изгледа неоправдан, но предизвикува одредена паника и загриженост. И конечно, зошто токму таргетирана инфлација од 2 отсто? Еве, и јас и професорот Оливие Бланшар се залагаме за таргетирана инфлација од 4 отсто!“
Овие тези се дочекуваат на нож од критичарите, кои упатуваат на ризиците од стагфлација и потсетуваат на примарниот мандат на централните банки. Според нив, потребно е „силно затегнување“ на монетарната политика, без изговори и без чекање поддршка од фискалната политика. Ваквото сценарио, според многу гувернери и професори, може брзо да резултира во „тврдо слетување“ на инфлацијата, проследено со пад на производството и пораст на невработеноста. При брзо и агресивно зголемување на каматните стапки, значајно се зголемува опасноста од стагфлација (економска стагнација или рецесија и висока стапка на инфлација).
Опасност од рецесија
„Да, можно е да има рецесија, но и да се случи, падот на економската активност би бил многу мал. Нема да биде нешто што ќе се бележи како значајна рецесија. Овде во Европа, ако има намалување на економската активност во два последователни квартали, ќе регистрирате рецесија. Кај нас во САД ќе се регистрира рецесија, ако така процени комитетот (Националното биро за економски истражувања, н.з.)“, уверува Кругман.
Во моментов има многу ризици за настапување на стагфлација: од војната во Украина и наметнатите санкции, преку фрагментацијата на глобалниот економски систем, климатските промени, можниот агресивен одговор на некои централни банки и сл. Оттука, стагфлацијата зависи и од потезите на креаторите на економските политики.
За политиката
„Тешко е и неблагодарно да се биде совесен политичар. Стануваш затвореник на својата канцеларија. И токму затоа, има две работи за кои не се каам во животот. Првата е што не прифатив да бидам во било кој владин кабинет во САД. Најблиску што бев до ова е од 1982 до 1983 година, кога членував во Економскиот совет на претседателот Реган. Тој беше републиканец, а јас бев демократ, но за мене беше предизвик да се вклучам во анализите на техничко ниво.Сепак, не се пронајдов во политичката средина во Вашингтон. Втората е дека не прифатив консултантски ангажман за земјите во транзиција“, заклучува тоj.
Претпоставувам поентата беше дека и двете можат многу брзо да ти ја срушат репутацијата, која ја градиш целиот живот. Особено интересна беше изјавата за земјите во транзиција, која неминовно асоцираше на контроверзниот Вашингтонски консензус. Академските економисти, како на пример Џефри Сакс, препорачаа брзо спроведување на неолиберални решенија за земјите кои градеа пазарно стопанство врз полуразрушените темели на социјалистичката држава. Некои од тие препораки предизвикаа премногу болно и брзо економско приспособување.
„Но, тоа е веќе историја. Да размислуваме за иднината“, вели Кругман.
Што понатаму?
„Сепак, има шанси и за малите економии, како вашата“, истакнува Кругман. Војната во Украина и затегнатите кинеско-американски односи може да предизвикаат сериозна фрагментација на глобалниот економски систем.*
*Патем кажано, професорот Рубини често употребува еден интересен термин во овој контекст: „балканизација на синџирите на понудата“. Не е еуфимизам, секако, и не сум сигурен дека „дури и лошата репутација е добра репутација“.
„Веројатно ќе следува редефинирање на синџирите на добавување во форма на реалокација на производството, што ќе предизвика пренасочување на трговските текови. Некогаш тоа значи враќање на производството (анг. „re-shoring“) во земјата, каде што е седиштето на компанијата. Често пати тоа се прави во држави, кои се политички сојузници или барем се пријателски настроени кон државите, каде се регистрирани овие компании (анг. „friend-shoring“). Ваквата блиска реалокација (анг. „near-shoring“) е можност за македонската економија, но за тоа се потребни добра инфраструктура и солидна работна сила“, ја доразработува идејата. „Ова скратување на синџирите на понудата значи дека е можно некои фабрики да се преселат во Европа, поблиску до пазарите на Европската Унија и САД.“
„Сметате ли дека и понатаму најголем дел од светската трговија ќе биде во долари? Дали американскиот долар ќе остане супериорен на светската монетарна сцена?“, го прашувам. „Доларот ќе остане доминантна светска валута уште долго време. Но, тоа веќе не е ни важно. Придобивките од поседувањето светска резервна валута се пренагласени. Не се толкави“, одговара Кругман.
„Можеби во биткоини?“, се обидувам да го дознаам неговиот став за крипто-валутите или крипто-средствата. „Дали сте инвестирале во биткоини?“
„Не сум инвестирал ниту еден долар. Знаете ли чиј авторитет стои зад нив и кој ја гарантира нивната вредност?“ Иако младите генерации лесно ќе го класифицираат во т.н. стара школа, ги разбирам многуте негови сомнежи за биткоинот и другите крипто-валути.
Cogito, ergo sum!
Сето ова не е ниту 20 отсто од она што го бев слушнал од него. Не стигнав да ги пренесам разговорите за доходната нееднаквост, сиромаштијата, човечкиот капитал... Ако бидам докрај искрен со себе, ова не беа разговори со, тукумногу повеќе - слушање на Кругман. Се раководев од максимата на чичко ми Павле: „молчи, кога има попаметни од тебе да зборуваат“.
Бездруго, бевме привилегирани што за првпат во Македонија имавме чест да ни гостува добитник на Нобелова награда за економија. Ја прифаќам критиката дека можеби премногу апостолски го дочекавме, ние, поранешните студенти, кои учевме од неговите книги, статии и колумни. На средбите поканивме и многу наши професори, кои повеќе од три децении го следат научниот опус на професорот Кругман.
Сепак, не сум поборник на идолопоклонство и градење култови. Ќе им порачам на поновите генерации да негуваат огромна почит кон ваквите академски колоси, но критички да размислуваат и да го негуваат разумниот сомнеж. Корисно е одвреме навреме да се проверува статиката на теоретските конструкции, без оглед кој и кога ги направил.
Многу кратка биографија
Пол Кругман е роден во Албани, главниот град на државата Њујорк во САД во 1953 година. Дипломирал на Универзитетот Јејл, а завршил докторски студии на Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT). Негов ментор бил Рудигер Дорнбуш, еден од најпознатите американски професори по економија. Предавал на универзитетите Јејл, Принстон, Лондонската школа за економија и Стенфорд. Во 2008 година ја добива Нобеловата награда за економија за „неговата анализа на ефектите од економиите од обем, во комбинација со претпоставката дека потрошувачите претпочитаат разновидност, врз меѓународната трговија и локацијата на економските активности“. Во моментов, Пол Кругман е истакнат професор на Последипломскиот центар при Градскиот универзитет во Њујорк и долгогодишен колумнист на Њујорк Тајмс, како и еден од највлијателните економисти на денешницата.
Проф. д-р Александар Стојков
Авторот е професор по економски науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.