Добивај вести на Viber
Ребаланс најверојатно ќе има, есенва – неофицијално дознава Фактор од владини извори. Владата сепак ќе го прави, првично се негираше таквата можбост. Според информациите од Владата, во Министерството за финансии веќе се работат калкулации во кои министерства и државни институции по колку да се скратат расходите.
Прекроената државна каса, според планот, треба да биде готова во септември, а најдоцна до крајот на тој месец да го помине владиниот филтер и да влезе во собраниска процедура. Се’ уште нема информации за колку би се скратиле трошењата до крајот на годината за да се избегне зголемувањето на буџетскиот дефицит над планираните 3.5%.
Министерството за финансии ниту ги потвди, ниту ги демантираше информациите на Фактор. Портпаролката на министерот Ставрески вчера, иако најави, сепак не даде одговор на прашањето ќе има ли ребаланс на буџетот.
Но, додека надлежните јавно молчат, се’ погласни се експертите. Според поранешниот министер за финансии
Џевдат Хајредини ребалансот треба да се направи што е можно поскоро. „
Се води крајно лошо менаџирање на буџетот. Од ден во ден Владата влегува по се’ поголема дупка. Мора да се скратат непродуктивните трошоци. Лошото управување со јавните финансии го регистрира и Брисел“ – вели Хајредини.
Потребата од ребаланс се наметна откако, како што
објави Фактор, Владата веќе потроши 80% од минусот за цела година. Буџетскиот дефицит само во првата половина од годината надмина 224 милиони евра, иако за цела 2013 се планирани 287 милиони евра. Расходите се зголемиле драстично повеќе отколу приходите, односно во јуни споредено на мај, Владата потрошила 10 милиони евра повеќе, а собрала само 6 милиони евра плус. Значително се зголемила ставката стоки и услуги за која што експертската јавност контиуирано се сомнева дека се најнетранспарентниот дел од владините трошења. Расте и сумата за отплата на внатрешните долгови, само за главница во јуни се одлеале 21.6 милиони евра, а за камати над 7 милиони евра.
Наспроти тоа, во јуни споредено со мај, се помали приходите од ДДВ, персоналниот данок и узвоните давачки, а поголеми од данокот на добивка и акцизи.
Х.С.