РЕПОРТАЖА БЕЛГРАД: Балканец во тесна кожа!
Објавено во: Балкан 01 Декември, 2013
Тешко е да се биде домаќин во празна куќа !
Не е баш пријатно кога студот ти ги штипе лицето и рацете. Ниту ракавиците, ниту шалот не помагаат. Темперетура под нулата. Српските медиуми пишуваат дека оваа зимска сезона во Србија ќе има фантастични 72 дена под “мраз“. Веќе ги почувствував студот и острината на Кошава. Но тоа не ме спречи да ги прашам граѓаните на Србија, оние што ги запознав во случајни средби, како е да се живее на ова балканско парче земја, кое за 20 тина дена, треба да добие зелено светло за официјален старт на преговорите за членство во Европската Унија. Следната 2014 та година, за новата Влада ќе биде година во која ќе треба да се испорачаат решенија и реформи, за граѓаните – можеби една од најтешките, во која ќе се соочат со повисоки даноци и пониски плати.
СТАНДАРД : Балканците не можат да живеат од воздух! Ако се прашува Владата, тогаш просечната плата во Србија изнесува околу 380 евра. Но ако ги прашате оние што ја заработуваат, ќе ви кажат дека тие 43 000 динари тешко се заработуваат, и се помалку луѓе ги заработуваат.Кризата во Европа го зеде и својот “данок“ во Србија. Од Нова Година, повисоки даноци а пониски плати за администрацијата. Српските плати од 60 000 динари, или 526 евра, се намалуваат за 20% додека оние што земале плата повисока од 100 000 динари или 880 евра ќе останат покуси за 25%. Ова кастрење беше една од мерките што треба да ја извлече српската економија од криза. Дополнително, веќе се зголеми стапката на ДДВ од 18% на 23%, но не за основните прехранбени производи. По Нова Година се очекува зголемување и на ДДВ од 8% на 10% за стратешките производи. Граѓаните го очекуваат ценовниот удар, но тешко прифаќаат дека тој ќе удри по животниот стандард.
“Не сакам да помислам дека по Нова Година не чекаат поскапувања. ДДВ се зголеми, но не очекувам дека трговците ќе ги зголемат цените, тие треба да се откажат од профитите. И сега тешко се купува, ако ги зголемат цените, уште повеќе нема да купуваме“ – вели еден граѓанин на Србија. Објаснува дека цените на храната сеуште не се зголемени, но побарувачката е намалена. Драстична разлика имало кај цените на месото. “Килограм свинско месо е поефтин од килограм пилешко месо. За свинското на пример плаќаме по околу 4 евра за килограм. Пред одреден период цената изнесуваше повеќе од 6 евра, но поради скапотијата, побарувачката се намали а со неа и цените се намалија“ – раскажува друг граѓанин од Белград. По зголемувањето на акцизата, се зголемија и цените на акцизните призводи, така една кутија цигари не е поефтина од 1,5 евра. “Ценовниот раст веќе се чувствува. Понудата е се поголема, побарувачката помала. Тешко е да се биде домаќин во празна куќа“ – објаснува еден такси-превозник сакајќи да каже дека српската економија минува низ тешки денови и дека Владата е на “тест“ како ќе ја менџира кризата, со што помали последици за граѓаните и за приватниот сектор. Познатата “Кнез Михајлова“ во вечерните часови е осветлена, со полни излози. Иако е сеуште рано за традиционалните празнични распродажби и попусти, дел од трговците веќе објавуваат нови, намалени цени на облеката и на обувките. “На оваа реалација, од “Делта- Мол“ до центарот на градот би ве возел околку 40 тина минути. Но, еве нема метеж, сообраќај по улиците, па сега ве возам за 15 тина минути. Не само поради студеното време, патници нема и поради кризата. Нашите власти треба добро да размислат каде не водат. Мора да направат план што ќе производуваме, како да се развива економијата. Ние балканците, без разлика од која земја сме, не можеме веќе да живееме од воздух“ – вели друг такси-превозник. Иако и таму цените во такси-превозот се утврдени по тарифник, сепак простор за “пазарење“ – има. Само седнувањето во такси возилото чини 1,5 евра а секој километар во текот на денот се тарифира по цена од околу половина евро. По 22 часот, нови повисоки цени за околу 30% наплаќаат таксистите. Сепак, како алтернатива Белград нуди и квалитетен јавен превоз како трамвајот, тролејбусот и автобусите. Цигари и алкохол – на топло! Околку 9 евра ќе ве чини порација со парче месо и еден пијалок во некоја од традиционалните мали кафени на Скадарлија. Улицата во должина од околу 600 метри, лоцирана во срцето на метрополата, во вечерните часови мириса на скара измешана со дим од цигари. Студеното време не ги спречи вработените од кафеаните да ловат муштерии на улица. Кажувајќи го менито, ја раскажуваат и приказната за кафеаната. А таму, секоја има своја приказна. Во рестораните, хотелите, кафитериите, секаде е дозволено пушење. Поголем дел од угостителските објекти имаат и дел за непушачи. Кафето во кафетериите се продава од 140 динари до 200 динари, или од 1,2 евра до 1,7 евра, во зависност од видот на кафето. Она што во јадрото на Белград останува непроменето – е архитектурата. Нема градежни зафати, нема нови градби, ниту комерцијални, ниту државни. Владините објекти, речси сите, се сместени во Стар Белград. “Во централниот дел од градот не се гради. Има по некоја зграда што се обновува во улиците што се споредни и гравитираат околу “Кнез Михајлова“, но главните градежни зафати се одвиваат во Нов Белград, каде се градат станбени и деловни згради.“ – раскажува еден граѓанин од метрополата. Цените на недвижностите зависат од локацијата. Најскапи се недвижностите во елитната населба Дедиње, каде цената е околу 4 000 евра за квадратен метар станбен простор. Куќите се уште поскапи, ни објаснуваат жителите на Белград. Во оваа населба, во која главно има приватни куќи, дел од нив со голема архитектонска вредност, е сместена и “Куќата на Цвеќето“ во која е погребан Јосип Броз – Тито а од скоро и неговата сопруга Јованка Броз. Во центарот на градот, квадратен метар станбен простор се продава за околу 3 000 евра. И по се – инвестиции и од Запад и од Исток! Кога српскиот министер за финансии Лазар Крстиќ, на крајот од октомври го објави пактот-мерки, оцени дека повисокиот ДДВ ќе ја зголеми цената на потрошувачката кошница за 0,6%. Дали тоа ќе биде така – ќе се знае кога ќе помине најскапиот месец во годината, јануар. Според Крстиќ, заштедите во буџетот до 2017 година ќе бидат од 300 до 400 милиони евра годишно по основ на сите преземени структурни реформи, од зголемувањето на даноците до намалувањето на платите. Дел од граѓаните сепак ја поддржуваат владеачката гарнитура и нејзините политики. “Владата реши да стави стоп на корупцијата и стоп на криминалот. Еве сега почна да се гради “Јужен поток“ и се надевам дека ќе биде подобро“ – вели еден граѓанин на Србија.Соочена со серија на предизвици, Србија, која допрва ќе ја води битката за членство во Европската Унија, влезе во инвестициски циклус.
Пред неколку дена српската Влада потпиша договор со Европската Инвестициона Банка и Европската Банка за обнова и развој за изградба на околу 1 100 километри патна мрежа. Договорот е тежок близу 274 милиони евра.
Не само инвестиции од Западот, туку Србија договори и инвестиции од Истокот. На крајот од ноември започна изградбата на мега-гасофодниот систем “Јужен Поток“. Само преку овој прокет, според менаџментот на “Гаспром“, земјата ќе привлече инвестиции од 1,5 милијарди евра.
“Јужен тек ќе ги забрза интеграциските и економските процеси во регионот и ќе привлече повеќе од 1,5 милијарди евра инвестиции во Србија и ќе создаде 25 000 работни места за време на изградбата на гасоводот“ – изјави директорот на “Гаспром“ Алексеј Милер.
Стапката на невработеност кај лица од 15 до 64 години, мерена во април годинава изнесува 25% додека стапката на вработеност кај работоспособното население изнесува скоро 46%.
Во првиот економски квартал од годинава, Србија испорача економски раст од 2,7% додека во вториот раст од 0,2%. Ланската 2012 та година беше една од потешките, кога Србија беше во рецесија.
Д.А.