РОДИТЕЛИ НЕ ПАНИЧЕТЕ ОД ВИСОКАТА ТЕМПЕРАТУРА - грипот зема замав и ги полни болниците
Објавено во: Македонија 12 Февруари, 2020
Грипот зема се поголем замав во земјава. Високи температури кои траат и до пет-шест дена и силни главоболки, по што следува надразнителна кашлица, се симптоми на ова заболување.
Ординациите на матичните лекари се преполни, а врие и во болниците. Во училиштата најмалку 20 до 30 отсто од децата се отсустни од настава, а родителите се исплашени.
Лекарите со кои разговараше Фактор смируваат, велат дека нема простор за паника. Едноставно, потенцираат, во ова време од годината постојано има грип. Здравствените работници сметаат дека засега воопшто не треба да се размислува за прекинување на наставата во училиштата.
Ангелчо Андоновски, сиректор на Детската болница „Козле“, за Фактор вели дека во моментов таму се хоспитализирани 78 дечиња.
„Во моментов во ‚Козле' се хоспитализирани 78 дечиња, од кои кај 7 дечиња имаме дијагностицирано грип од типот на инфлуенца А и Б. Компликациите кои настануваат од самата клиничка слика која ја прикажува вирусот, кај помалите дечиња доведува до бронхоопструкција и пнеумонија, додека кај повозрасните има постојано повисока температура и надразнителна кашлица. Всушност, температурата трае пет до шест дена, а потоа кога таа попушта, се појавува задолжително надразнителна кашлица, која се задржува три до четири дена. Или, вкупно вирусот трае десетина дена“, објаснува Андоновски.
Од овие дечиња во болницата „Козле“, ниту едно не е во критична состојба.
Основна препорака до родителите, според др. Андоновски, е да се работи на зајакнување на имунитетот на дечињата, преку збогатување на исхраната со минерали и витамини, како и со многу течности, а дозволено е да се употребуваат и имуностимулатори и имуномодулатори, кои ќе помогнат во зацврстување на организмот, како и негова подобра одбрана и борба против моменталниот вирус.
„Родителите треба да знаат дека не треба да преземаат лекување на своја рака, туку да се јават кај матичен лекар кој ќе ги направи потребните испитувања, и соодветно со протоколот, ќе реагира. Родителите не треба да се во паника поради повисоката температура, бидејќи само при појава на таква состојба организмот ја гради својата одбрана. Исто така, дозволено е родителите да употребуваат парацетамол и бруфен, потоа туширање, како и триење со алкохол од 70 отсто на сите екстремитети“, објаснува Андоновски.
Главно, кај овој вирус температурите се качуваат до 39,5 степени, но има и случаеви, кои се ретки, кога таа достигнува и до 40, па и над 40 степени. Во одредени случаи родителите и заболените можат да бидат збунети од нејасната слика кај овој вирус, бидејќи некогаш температурите се високи, но некогаш се појавуваат и пониски температури, а откако тие ќе завршат, се појавува кашлица.
„Вообичаено, кај дечињата гледаме да не се препишуваат на стартот антибиотици, но секако, доколку дојде до усложнување на состојбата на заболеното лице, тогаш се вклучува и антибиотик. Кај возрасните, пак, антибиотикот е задолжителен поради можните компликации, особено кај пушачите“, објаснува Андоновски.
Според него, ситуацијата во земјава воопшто не е дојдена до степен да се затвораат училиштата.
„Не сме дојдени до тој степен. Повеќе станува збор за паника кај родителите, отколку за потреба од загриженост. Во ова време од годината појавата на грип е многу нормална. Минатата година исто имаше грип, но како да не обрнавме внимание на него поради морбилите. Луѓето се плашеа да одат во болниците, па најчесто и грипот се прележуваше во домашни услови. Значи, нема потреба за никаква паника. А многу достапни се и вакцините за грип, таа вакцина не е воопшто штетна“, нагласува директорот на „Козле“.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.