РОМАНЦИТЕ И БУГАРИТЕ НАЈМНОГУ ТРОШАТ НА ХРАНА - колкави се нашите трошоци и кој троши најмалку во ЕУ на основни потреби?
Објавено во: Економија 06 Февруари, 2023
Во најразвиените европски земји само 10-тина проценти од расходите во семејствата се трошат за храна и безалкохолни пијалоци. Сепак, и во ЕУ има разлики, па дел од земјите, како Романија, Литванија, Бугарија трошат од 20 до 24 проценти од вкупните расходи за овие намени.
Сепак, процентот кој македонските семејства го одвојуваат од семејниот буџет само за храна и безалкохолни пијалоци е многу поголем и претставува многу сериозен трошок. Дури 47 проценти од потрошувачката на домаќинствата е наменета само за основните потреби.
Последните податоци кои ги објави „Евростат“ покажуваат дека во 2021 година, домаќинствата во ЕУ потрошиле над 1.035 милијарди евра - што е еквивалентно на 7,1 отсто од вкупниот БДП на ЕУ за храна и безалкохолни пијалоци.
Притоа ова опфаќа 14,3 отсто од вкупните расходи на домаќинствата. Споредено со 2020 година, кога тој опфат бил 14,8 проценти, има намалување од 0,5 процентни поени.
Бројките покажуваат дека најголем дел од семејниот буџет за храна и безакохолни пијалоци се троши во Романија, каде трошокот достигнува 24,8 проценти. Потоа следува Литванија со 20,4 отсто, па соседна Бугарија со 20,1 процент, па Естонија каде 19,9 проценти одат на основни трошоци.
Спротивно на нив,
најмали трошоци за основни потреби од Европските земји има во Ирска каде се
одвојуваат само 8,3 проценти за храна, па Луксембург каде девет отсто одат на
храна, додека во Австрија овој трошок достигнува 10,9 проценти, по што
следуваат Данска и Германија каде за храна и безалкохолни пијалоци се трошат 11,8
отсто.
Во нашата земја трошоците за основни потреби се далеку повисоки. Во една од публикациите на ДЗС е пресметано оти просечно домаќинство во Македонија наменува високи 67,2 проценит од својата потрошувачка за основни потреби како храна, облека, домување и покуќнина.
Табелата покажува дека домаќинствата во земјава во 2021 година потрошиле 47,1 отсто за храна и пијалоци.
Бројките кои ги објавува Сојузот на Синдикати на Македонија покажуваат дека во текот на минатата 2022 година, поради инфлацијата имаме значителен раст на цените што доведе до значителен пораст на трошоците за минималната кошница.
- На едно четиричлено домакинство за преживување согласно пресметките на Синдикалната минимална кошница во јанауари 2022 година му биле потребни 35.811 денари. Вредноста на истата за една година го бележи најголемото зголемување од 2011 година од кога и ССМ ја пресметува и истата во декемри 2022 година изнесува 43.163 денари. Со огромната инфлација, таа изнесува 51.234 денари или во спредба со почетокот на годината зголемена е за 15.424 денари – објавија синдикалците.
Според економистот Здравко Савески поради инфлацијата граѓаните ќе мора да одвојуваат повеќе пари за задоволување на основните потреби.
- Ова треба да предизвика загриженост, но и промени во однесувањето. Освен ако не се дел од привилегираната елита, граѓаните треба да видат на што им „бегаат“ парите, околу што имаат непотребни трошоци и повторно да се научат на максимално рационален пристап кон трошоците. Тоа вклучува правење напори да се избегне фрлање храна, нецелисходното трошење струја, „палењето“ на колата за најмали потреби. Сето тоа не е само фрлање драгоцени ресурси, туку и фрлање пари. Ако не дојде до зголемена рационализација на потрошувачката, тогаш, во услови на инфлација, може да дојде до зголемена тешкотија да се врзи крај со крај во месецот и запаѓање во должничко ропство, со сите негативни реперкусии што тоа го носи на одложен рок – потенцира Савески.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.