САД: Дроновите над Газа се наши, помагаат за извлекување на заложниците
Објавено во: Свет 04 Ноември, 2023
САД потврдија дека се нивни невооружени беспилотни летала што летаат над Појасот Газа откако палестинската милитантна група Хамас започна напад врз Израел на 7 октомври.
Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, истакна дека улогата на тие дронови е да дејствуваат како поддршка во напорите за ослободување на заложниците на Хамас.
„САД вршат невооружени летови со беспилотни летала над Газа, а исто така даваат совети и помош за поддршка на нашиот израелски партнер додека работи на враќање на заложниците“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Беспилотните летала МК-9 Рипер, вообичаено користени од американските специјални сили, претходно беа забележани како летаат над Газа, а САД во минатото ги користеа и за воздушни напади во Авганистан.
Сепак, овие летала првенствено се користат како дронови за надзор, бидејќи нивните карактеристики им овозможуваат да „талкаат“ над територија повеќе од 20 часа.