САД се соочува со нови буџетски проблеми
Објавено во: Свет 27 Декември, 2012 18:33
Американскиот секретар за финансии Тимоти Гајтнер најави дека САД ќе го достигнат горниот праг на задолжување од околу 16,4 трилиони долари уште пред Новата година.
Се очекуваше дека границата ќе биде достигната во првите месеци на 2013 година, но Гајтнер, во писмо упатено до Конгресот, најавува дека САД ќе се соочат до забраната за ново задолжување на последниот ден на 2012 година.
Конгресмените мора да се согласат да се зголеми горната граница на долгот, но Републиканската партија која има мнозинство во Претставничкиот дом на Конгресот, одбива да го прифати тоа и бара сериозни реформи за намалување на буџетскиот дефицит и долгот. Демократите, пак, одбиваат мерки за штедење и бараат покачување на даноците за најбогатите компании и поединци во САД, мерка која е неприфатлива за републиканците.
Двете страни ги прекинаа преговорите и заминаа на божиќните празници, но денеска се очекува враќање во Вашингтон на некои од клучните конгресмени, како и на претседателот Обама кој беше на одмор во Хаваи, по што преговорите може да продолжат.
Со најавата на Гајтнер, двата големи економски удари кои САД ги очекуваа во овој период ќе се случат во еден ден. На 31 декември истекуваат и даночните олеснувања на претседателот Џорџ Буш помладиот и досега нема договор за нивно продолжување, што значи дека сите категории на компании и граѓани во САД ќе бидат погодени со нови, повисоки давачки на доход.
Демократите и републиканците не можеа да се договорат за продолжување на даночните олеснувања, а договорот за покачување на прагот на задолжување е уште помалку веројатен.
Гајтнер, во писмото до конгресмените, најавува дека секретаријатот за финансии ќе почне со вонредни мерки, кои ќе овозможат избегнување на должничкиот праг и нови задолжувања од околу 200 милијарди долари, со кои буџетот би успеал да продолжи да функционира уште некој месец, иако точното време кое би се добило со овие мерки не може да се процени.
- Во нормални околности овој простор за маневар би ни траел околу два месеци. Сепак, имајќи ја предвид значителната неизвесност која сега постои со нерешавањето на даночните и расходните политики за 2013 година, не е можно да се предвиди колку ќе биде ефективното траење на овие мерки, пишува во писмото на Гајтнер, со кое тој бара од конгресмените да се постигне договор.
Писмото на Гајтнер е адресирано пред се до републиканците, но тие претрпеа внатрепартиски раскол по прашањето на буџетот и ја префрлаат топката кон претседателот Обама и Демократската партија која има мнозинство во Сенатот.
Економистите се поделени околу очекувањата од последиците од двојниот економски удар, кој во САД се нарекува фискалната бездна. Забраната за ново задолжување може да доведе до прекин на исплатата на разни обврски на сојузните власти, кон групите зависни од социјалните програми, армијата, отплатата на долгот. Доколку не биде постигнат договор за зголемување на границата на задолжување, автоматски ќе се активираат и мерки за кратење во буџетот на армијата.
САД стравуваат и од намалување на нивниот кредитен рејтинг како последица од фискалната бездна. Според пооптимистичните оценки, ефектот од фискалната бездна нема да биде сериозен, новите повисоки даноци нема да претставуваат голем удар врз економијата која почна да закрепнува во втората половина на 2012 година, а договор за покачување на границата на долгот ќе биде постигнат
Можеби ќе ве интересира
Путин: Европските свињи веднаш се приклучија на работата на претходната американска администрација
Русија остави простор за разговори за странски сили во Украина
Трамп нареди „целосна блокада“ на санкционираните танкери за нафта што доаѓаат и заминуваат од Венецуела
Претставник на српска компанија за оружје починал под сомнителни околности во Москва
Европска земја ќе произведува десетици илјади дронови годишно за Украина
Ова ја вознемири Русија: Ги прашувал учениците за националноста, па ги избодел




