СДСМ обвини за криминално градење на Плаошник
Објавено во: Македонија 25 Септември, 2016
Роберт Алаѓозовски, претседател на комисијата за култура на СДСМ, обвини дека на локалитетот Плашник се гради неконтролирано и на штета на културното, верско и историско наследство.
„Сите се згрозени од криминалното градење на Плаошник. Екологистите се згрозени од уништувањето на боровата шума која е природна атракција и туристички бисер на Охрид. Туристите се згрозени од забранетиот пристап и уништувањето на преубавиот поглед на Плаошник. Верниците се згрозени од сквернавењето на верските симболи. Архитектите се згрозени од бетонски чудовишта кои трајно го цементираат Плаошник. Археолозите се згрозени од уништувањето и засенувањето на вредните археолошки наоди. Експертите за културно наследство и УНЕСКО се згрозени од неподносливата леснотија со која се уништува постоечко и потенцијално културно наследство“, посочи Алаѓозовски.
Од Завод и музеј Охрид возвратија дека Алаѓозовски недозволено снимал политичка порака на Плаошник и дека неговите наводи не се точни.
„Недолично е за еден интелектуалец, најсветото место на територијата на Република Македонија – археолошкиот локалитет Плаошник да го нарекува место на злосторство. Целиот простор има посебно културно, историско, духовно и религиозно значење за градот, за Република Македонија и пошироко. Фактот што тука било седиштето на Охридската книжевна школа од IX и X век, претставува атрибут заради кој охридскиот регион како исклучителнa универзална вредност поседува и научно-образовна вредност. Како археолошки локалитет, пак, Плаошник е еден од многуте вредности на охридскиот регион што значајно придонесуваат кон неговата исклучителна универзална вредност“ соопштија од Завод и музеј Охрид.
Посочија и дека исечена е само мал дел од шумата на Плаошник за што дозвола е издадена кога градоначалник бил од редовите на СДСМ, со цел да се овозможи целосно археолошко истражување на локалитетот.