СЕ БЛИЖИ ЛЕТО: Земјоделци, ако ги палите стрништата самите си „пукате во нога“
Објавено во: Агробизнис 31 Мај, 2023
Секое лето има пријави за запалени стрништа кои се опасност за појава на пожари на поголеми површини и овој потег им штети и на земјоделците.
Се загадува воздухот, можат да предизвикаат пожар кој ќе уништи големи шумски површини, лозови или други насади и помошни објекти. Палењето на стрништата е штетно за биодиверзитетот и го нарушува природниот баланс.
„Постојат два вида на остатоци од земјоделски култури на нивите, односно на стрништата по жетвата: остатоци на полето што се оставаат на полињата и земјоделските обработени површини или овоштарници откако ќе се соберат зрелите посеви и плодови од земјоделските култури. Традиционално кај нас по обработката на културите на крајот од сезоната, дел од локалните заедници имаат навика да ги палат овие растителни остатоци. Ова се случува поради три главни причини или верувања: се чистат површините од непотребната растителна маса, се чистат површините од паразити и штетници и се хранат почвите со минерали преку изгорената растителна маса. Но, денес овие традиционални практики претставуваат повеќе општа опасност отколку придобивка и се нелегална активност во Северна Македонија. Оваа пракса има низа негативни последици кои нашите земјоделски производители не ги знаат или пак намерно ги занемаруваат. Со палење на стрништа доаѓа до долготрајно уништување на земјиштето, особено ако се изведува секоја година. Се убиваат корисните микроорганизми во земјиштето, кои се важни за рамнотежа и создавање на хумус. Покрај тоа, огнот од нивата може да се прошири и да предизвика пожар од поголеми размери“, вели Лилјана Јоноски од Рурална коалиција Кичево.
Додава дека со палењето стрништа се зголемува аерозагадувањето, што води до локални и регионални промени во квалитетот на воздухот и може да влијае врз еколошката карта на целиот регион.
„Дополнително се зголемува опасноста од шумски пожари што можат да ја уништат земјоделската инфраструктура, доводите на струја и вода како и околните градби и опрема. Ова ние го зборуваме и споменуваме на терен и со апели секоја година во екот на расчистувањето на нивите на пролет или пак на есен при подготовката за есенските сеидби кога и најчести се ваквите палења на стрништата. Развојот на модерното земјоделство доведува до развој на нови, модерни технологии кои обезбедуваат поефикасна берба на земјоделските култури со минимум растителна маса што останува на површината, а она што ќе се собере може да се искористи и обработи како продукт за ѓубрење или биогориво. Значаен дел од најчестите штетници и паразити и онака не се присутни во текот на есента и зимата, што значи палењето на површините не гарантира нивно исчезнување следната вегетативна сезона. Без разлика на вековните традиции, животната средина и условите се менуваат, со тоа мора да се менуваат и старите навики кои денес се вистинска опасност“, рече Јоноски.
Таа објаснува дека треба да се подигне свеста кај населението во Македонија за тоа дека не треба да се палат стрништата.
„Еден пример, земјоделец изјави дека не му е јасно зошто плаќа казна за палење, кога истото го правеле и неговиот татко и неговиот дедо. Најлесен начин за отстранување остатоци од жетвата им е токму, за жал, палењето, и покрај тоа што некои единици на локалната самоуправа, Град Скопје, Кочани, Кавадарци, им нудат на земјоделците буквално бесплатно да им го соберат остатокот од жетвата, сламата и да ја однесат на соодветно место. Има многу малку кои прифаќаат“, кажа Јоноски.
Таа наведува дека европските земји проблемот со палењето на стрништата го решаваат преку кратење на субвенциите. Хрватска моделот на казнување преку кратење субвенции за оние кои палат жетвени остатоци го има воведено уште во јануари 2011 година.
„Оттогаш во Хрватска на сила е правилник за добра земјоделска пракса и за животна средина во кој во условот број три кој се однесува на управување со жетвените остатоци многу јасно забранува палење слама или стрништа. Контролата дали се врши палење на стрништата го прави тамошната платежна агенција која има законска можност да ги скрати субвенциите од 15 до 100 отсто. Одлуката за колку ќе се намалат субвенциите зависи од повеќе фактори меѓу кои и тоа дали се загрозени човечки животи, загадување на животната средина и слично. Но, не само во Хрватска и во соседна Бугарија земјоделците се соочуваат со губење на субвенциите заради запалените стрништа. Според европските закони и во Бугарија воведени се санкции за опожарени земјоделски површини. И кај нас исто така донесен е и Правилник за добра земјоделска пракса кој што треба да се спроведува на терен и инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат вршат контроли и е услов за добивање на субвенции, но сепак на терен ги нема доволно инспекторите, а свеста кај земјоделците е ниска за негово практикување, па токму поради тоа и понатаму земјоделците продолжуваат да ги практикуваат овие штетни активности“, вели Јоноски.
Палењето на жетвените остатоци ги намалува приносите. Запалениот оган и температурата која се развива ги уништува микро организмите и црвите во површинскиот слој кои се и клучните фактори за плодноста на почвата. Спалени почви без микро биолошка активност се почви кај кои е деградацијата е голема и тие се многу слабо родни.
Се смета дека со палењето на жетвените остатоци од еден тон слама се губи по еден килограм азот. Земјоделците велат дека со текот на годините, народот се едуцира, а воедно и стравот од високите казни предонесува палењето стрништа да се намали.
„Последните три години во кичевско има подобрување. Повеќето земјоделци наместо да ги палат, ги заоруваат стрништата. Имаше едукација на оваа тема“, вели земјоделец од Кичево.
Лазо Стојчев од селото Уларци објаснува дека сламата од оризот некогаш е тешко целосно да се собере и дека дел од луѓето уште практикуваат да палат стрништа.
„Луѓето знаат дека тоа е штетно за здравјето и за природата, но пак го практикуваат и не знам кога целосно ќе се искорени. Оризот е поразличен од пченицата на пример и некогаш е тешко целосно да се собере сламата“, рече Стојчев.
За палење стрништа следуваат високи парични казни. Оваа година беа регистрирани пожари од запалени стрништа во кочанско и во околината на Битола. Лани во беровските села имаше пожари предизвикани од запалени стрништа. Во 2021 година, пламените јазици од запалени стрништа во Чешиново - Облешево зафатија возило во кое имало семејство. Во 2019 година штипјанец беше повреден во викендица, откако настанал пожар од запалено стрниште. Во 2013 година запалени стрништа го замаглија влезот во градот Охрид.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/Oleksandar Ruzhkov
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.