СЕ БЛИЖИ НОВА ГОДИНА: Maкедонките сакаат да се средат на фризер, но една работа се смени со годините
Објавено во: Македонија 25 Декември, 2024 07:42
Фризерските салони во земјава имаат работа во пресрет на Нова година. Македонските жени сакаат да се средуваат и да изгледаат убаво. Сепак, еуфоријата која ја имаше во минатото, денес е намалена. Многу луѓе Новата година ја доживуваат како обичен ден и премин од една во друга календарска година.
Димче Ивановски, претседател на Македонската асоцијација на фризери вели дека месецов има работа, а во јануари ќе настапи „мртов период“.
„Онаа еуфорија којашто беше порано, повеќе ја нема. Има предногодишни забави, каде колегите излегуваат, рестораните и кафулињата се полни. Кај мене во локалот, работиме денски, сите имаат журки, сите имаат диџеи, а навечер повеќето кафичи се затворени. Еуфоријата не е како порано, кога со душа се чекаше Нова година. Сега повеќе се става акцент на предновогодишните забави и дочек на плоштад. Мислам дека западниот стил на живот дојде и кај нас. Тоа не значи дека ние фризерите немаме работа. Покрај услугата за убавина, ја даваме услугата за хигиена. Секој сака да биде дотеран, убав. Нема застој, ама еуфорија некоја голема, нема. Јас 33 години работам со салонот, нема таква еуфорија како во минатото. Се смени стилот на живот. Тие што имаат пари, заминуваат некаде, не се тука за Нова година. И тоа е нормално и логично, да зборуваме од аспект на финансии. Повеќе им се исплаќа да прошетаат и да се одморат во странство“, вели Ивановски.
Тој објаснува дека во одредени месеци од годината имаат зголемен обем на работа, но има и месеци кога се случува обратното.
„Нашите клиенти се врзани со времето, ако надвор е врнежливо, на никој не му е до средување, фенирање на коса. Поврзани сме како со метеорологијата. Инаку, занаетот дали станува збор за фризери или лепење на плочки е во подем во Македонија. Ноември, јануари и февруари е мртов период за фризерите. Потоа во март, има работа поради 8-ми Март, па следат матурите и во јуни, јуни, гастарбајтерите доаѓаат, има свадби, има и повеќе работа. Македонките се една од најубавите и најсредени нации“, додава Ивановски.
Зголемениот обем на работа се чувствува по 15 декември, а последната недела пред Нова година има уште поголем наплив на муштерии во фризерските салони.
„Претпразнично се средуваат жените, но, не е тој интензитет како пред 10 години. Сакаат едноставни фризури, брановидни, пуштени, поприродно да изгледаат. Доаѓаат за кратење на косата, фенирање, бланширање на косата. Одат на забави, вечери и сакаат да изгледаат убаво. Јас работам 30 години и порано сум доаѓала во 6 наутро пред Нова година, имаше термини, имаше многу работа тогаш. Тоа ми се случувало на 31 декември, но сега не е така“, додава Јованка Гочевска, фризерка од Велес.
Нашите соговорниците велат дека жените од сите возрасти бараат фризерски услуги пред Нова година, а има и редовни муштерии кои сакаат да бидат средени независно од тоа дали се работи за празници или обични денови.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план
МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците
Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?
Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски




