Добивај вести на Viber
Денеска ќе се продава имотот на Драган Даравелски, кој беше осуден дека заедно со Миодраг Марковиќ ја оштетиле државата за десетици милиони евра. Во агенцијата ќе се одржи лицитација за луксузниот стан на Даравелски во центарот на Скопје со почетна цена од 136 илјади евра, како и за локал од 80 квадрати и двор од 742 квадрати во центарот на Куманово.
Даравелски беше осуден на 7 години затвор и беше наредена конфискација на негов имот во вредност на штетата што ја направил на државата. Откако завршија сите жалбени процедури и отсранети сите правни пречки, во 2010 година државата започна да го запленува имотот што успеваше да го детектира. Меѓу нив се и луксузниот стан во Скопје и дуќанот во Куманово, вредни околу 200.000 евра, за кои владата деновиве донела одлука да ги продаде.
Освен имот на негово име, беше запленет и имот зад кој формално стојат други лица, но државата успеа да ги доведе во корелација со Даравелски. Најважниот од нив е црногорецот
Миодраг Марковиќ, чија вила на Водно вредна 1,4 милиони евра исто така беше на продажба но не се најде купувач. Тој е осуден и одлежува затворска казна во Идризово за перење пари во висина од 8 милиони евра.
Црногорецот Миодраг Марковиќ е осуден за даночно затајување во случајот кога неговата фирма „Арарат“ од Никшиќ со сомнителни трансакции купила 36,16 проценти од акциите во охридски ЕМО, со што Марковиќ станал доминантен сопственик на фирмата. Наводно, со испраните пари потоа купувал движен и недвижен имот низ Македонија .
Каква ќе биде судбината на Даревлски се уште не е јасно, но се чини дека кругот околу Даравелски се стега и тој наскоро може да се соочи и со вториот дел од пресудата и да заврши зад решетки. Лани, под притисок на Европската унија, Македонија и Србија потпишаа спогодба за ектрадиција на осомничени за тешки кривични дела, а многумина во него препознаа создавање на терен за враќање на Даравелски во Македонија. Таквата можност ја најави уште тогаш српскиот амбасадор во земјава, а денес со новата српска влада која најави жестока борба со криминалот и корупцијата таа лесно може да стане реалност. Како и да е, доколку биде есктрадиран, за него веројатно ќе има ново судење, бидејќи во првото е осуден во отсуство.
Редакција Фактор