СЕ ПРОДАВААТ НАМЕСТЕНИ СТАНОВИ: Koja категорија на граѓани најчесто ги купува?
Објавено во: Економија 10 Ноември, 2025 08:10
Ширум Македонија се продаваат наместени станови, а нив најчесто ги купуваат семејни луѓе кои сакаат брзо да се вселат во новиот дом.
Од агенциите за недвижен имот велат дека има интерес за овие станови и додаваат дека ова е добра опција за оние кои сакаат час поскоро да се вселат. Опременоста со мебел значи од 5.000 па до 20.000 евра плус трошок за купувачот, зависно од тоа за каков тип на мебел се работи и колку е голем станот.
„Повеќе ги бараат наместените станови, посебно ако се со убав мебел. Сакаат да можат веднаш да се сместат со деца, станот да е во солидна кондиција. Ако мебелот е користен 1 или 2 години, станот го земаат без проблем, а ако е постар мебелот, не сакаат или го земаат ако им е оставен гратис. Ако станот е за издавање, тогаш не бираат, сакаат пониска цена. Доколку станот чини 120.000 евра, сосе мебелот му бараат 125.000 евра. Купувачите ако сакаат да живеат во него, гледаат да е сочувано внатре. Само душеците одат надвор, друго ништо. Млади брачни парови сакаат станот да биде наместен, за младите што се на студии, ако станот им го купуваат родителите, гледаат да е наместено, но и издавачите сакаат наместен. Цената која се наплаќа за мебелот може да варира од 2.000 па до 20.000 евра плус, зависно од квадратурата и каков мебел е ставен. Во Скопје обично за мебел трошокот е 15.000 евра во просек, а луксузот чини од 20.000 до 25.000 евра. Верувајте дека е полесно да се купи наместен стан. Греота е да не се купи таков стан. Вградените плакари, во 90 отсто од случаите не ги вадат“, велат од скопска агенција за недвижнини.
Во огласниците се нудат наместени станови не само во Скопје, туку и во Битола, Струмица, Прилеп. Сепак, во Охрид нема толкав избор на наместени станови како во главниот град.
„Немаме многу голема понуда на наместени станови и само повремено ги бараат. Луѓето сакаат постоечкиот да го реновираат или сакаат нов, но тоа е игра на бројки. Немаме голем избор на наместени станови и тие се за 10 отсто поскапи. Треба на купувачите да им се допадне мебелот, но луѓето што имаат над 150.000 евра за стан, имаат своја идеја како да го уредат“, рече Александар Трајкоски од агенцијата за недвижности Енхелеја од Охрид.
Селењето, опремувањето, реновирањето носи стрес, а наместените станови се опција за оние кои сакаат да си олеснат.
„Се јавуваат луѓе во средни години и помлади. Сите што се заинтересирани се иселеници, гастарбајтери. Имам нов стан и стариот го продавам наместен. Немам потреба од тој мебел. Ако станот чини 1.000 евра од квадрат, сосе мебелот би го продал за 1.125 евра по квадрат. Квалитетни се вратите и подот, сѐ е квалитетно“, додава струмичанец.
Српските медиуми пишуваа дека последниве години купувањето на опремени станови доживува експанзија во Белград. Луѓето сакаат естетски уреден простор за живеење и се спремни да платат за тоа. Од тамошните агенции за недвижности објаснуваат дека секој петти купувач бара целосно наместен стан, и дека тоа најчесто се семејни луѓе или млади вработени кои сакаат веднаш да се вселат. Додаваат дека овој тренд прво се појавил во европските земји, а сега е актуелен и во регионот. Во Србија наместениот стан е за 5 до 15 отсто поскап од оние кои се продаваат празни. Нивното искуство укажува дека ваквите станови ги продаваат луѓето кои ќе се селат во странство или пак веќе живеат во друг стан.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета
Македонија најевтина во Европа според цените на храната
НОВИ БИЗНИС ИНВЕСТИЦИИ: Познато е кој ќе ги гради најголемите складишта за електрична енергија?
„Визер“ со нова линија од аеродромот во Скопје - од сега ќе се патува и за Прага




