СЕ СТОПИЈА МАЛИТЕ ПАРТИИ: Помогнаа или наштетија на изборите ?
Објавено во: Македонија 14 Декември, 2016
За четирите
помали коалиции, односно партии од македонскиот политички блок, кои се појавија како старо-нови играчи во
изборната трката, предвремените
парламентарни избори ги завршија без ниту еден пратенички мандат. “Левица“, Коалицијата за правда и промени,
Либералната партија и Вмро за Македонија, според податоците од Државната
изборна комисија, сумирано, на ниво на целата држава освоиа 50 494 гласови.
Поединечно, ниту еден од политичките субјекти не успеа да достигне цензус,
доволен за влез на пратеник во Собранието.
“Аут“ за помалите партиски играчи ...
“Им благодариме на сите што имаа доверба во нас и гласаа за суштински промени во Македонија. Како новоформирана партија, настапувавме на изборите со минимални финансиски средства и со намерен бојкот од „независните“ медиуми. Со оглед на целата НЕГАТИВНА КАМПАЊА која свесно беше насочена против #Левица, ние сме задоволни со изборниот резултат. Овој пат не влеговме во Парламентот, но со несмален жар продолжуваме да работиме, со чисто срце, во интерес на обичниот човек. Борбата продолжува! Со нови сили, на различни фронтови“, напиша “Левицата“ на социјалните мрежи откако Државната изброна комисија ги соопшти прелиминарните податоци за изборниот исход.
Освен “Левица“, без пратенички мандат се и Коалицијата за правда и промени, Либералната партија и Вмро за Македонија. Со ваквиот поразителен исход, надвор од парламентот сотануваат звучните имиња кои трчаа на изборната кампања: Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски, Ден Дончев, Стојанче Анеглов, Павле Трајанов, Слободан Богоевски, Димитар Аапсев. Дел од нив се обратија на јавноста, изложувајќи лични оценки за ваквите резултати.
“Ете. Помина и нашето „огнено крштевање“. Се боревме гладијаторски и со срце! Да не беше свесниот медиумски бојкот од „независните“, подлата бустирана хајка во последните денови пред молкот, инсинуациите од страна на навијачките новинари со џипови и инфилтрираните саботери на кои им се ветени функции од СДСМ - сега ќе го имавме клучниот пратеник за пад на Режимот! Вака ќе имаме продолжена агонија со КОНЦЕНТРАЦИОНА ВЛАДА договорена уште у Пржино. Сè ова беше добро наштиман театар. Тоа, драги мои, е предавство на идеалите за кои се боревме на улиците. Затоа, нашата Борба продолжува! Витешки, гордо и достоинствено. Со нови сили, на различни фронтови. За само неколку месеци постоење, воведовме нови стандарди во политичката дебата и аргументација. Краткорочно омаловажувани од „големите“, но долгорочно - со страв од #Левица како најбрзорастечка вонпарламентарна опозициска партија, која со секој изминат ден станува реална закана за привилегиите на естаблишментот. Левица покажа дека не е создадена само за едни избори, туку за долги години и многу животи. Подобар свет е неопходен. Подобар свет е можен! Да сте ми живи и здрави. Сите. И оние кои нè сакате, и оние кои нè мразите“, напиша Димитар Апасев од “Левица“.
По неуспехот на Коалицијата за промени и правда, Стојанче Ангелов од Достоинство, во неколку наврати се обрати преку социјланите мрежи. Меѓудругото, напиша:
“ПОЧИТУВАНИ ГРАЃАНИ. Кампањата заврши, изборите исто така. Полека се враќаме на нормала. Иако нашата коалиција не освои ниту еден пратеник сепак освои 24.500 гласови и се наметна како трета политичка опција во Република Македонија. Во текот на следните неколку дена ќе ги соопштиме следните активности на нашата коалиција. Уште еднаш, благодарност до сите граѓани кои излегоа да гласаат. Посебно голема благодарност до граѓаните кои го дадоа својот глас за коалицијата ВМРО за Македонија“.
Според податоците на ДИК, на девееттите по ред парламентарни избори, “Левица“ освои 12 120 глаосви или 1,02%, Либералната партија освои 3 840 гласови или 0,32%, на конто на Коалицијата 'Вмро за Македонија“ легнаа 24 505 гласови или 2,06% од вкупните гласови и Коалицијата за правда и промени освои 10 029 гласови што претставува 0.84% од вкупниот електорат.
Ваквиот исход предизвика бурни реакции во јавноста.
“Алооо ЛЕВИЦА СЕ сеќавате дека ви реков - КРУПНА ВИ Е ГРЕШКАТА ..Ок“ - напиша аналитичарот Даме Чкатроски.
“Колку што можам да пресметам, гласовите на Левица не играат никаква улога во распределбата на мандатите во овој систем, на вакви бројки. Ете така - не играат ама баш никаква улога. А да беше Македонија една изборна единица, ќе освоеја пратеник. (дополнување: доколку беа во поширока коалиција). Не ни треба сега хејтање, туку здружување. Да се вратиме на нашата парола - Заедно сме посилни!“, коментираше новинарот Жарко Трајановски.
Со дел од овие констатации не се согласува Здравко Савески од “Левица“.
“ДПМНЕ пак победи. Резил! Овојпат поради погрешно избраната стратегија на СДСМ. Наместо да ја наметнуваа стратегијата со два блока, центро-„левичарски“ и десничарски, ако настапеа заедно со ВМРО за Македонија, ќе победеа. И нема да ги трпевме ДПМНЕ! Ќе има понесување одговорност од најсилната опозициска партија за тоа? Или пак ќе се бараат виновници на други места? Се настрвија на Левица. Клеветеа, инсинуираа, правеа обиди за „фракции“, а сега измислуваат дека поради гласовите на Левица не победиле? Абе ајде. Симулациите на гласовите кажуваат јасно, гласно и непротивречно дека сите гласови на Левица да завршеа на контото на СДСМ (што е нереално во стварноста!) распределбата на мандати ќе беше иста. И, шу прајме? Ние како Левица можеме да бидеме задоволни со бројот на гласови. Споредено со нашите очекувања, добивме повеќе гласови во изборните единици 3 и 4 во споредба со она што очекувавме, помалку во 1 и 5 од она што очекувавме и - не освоивме пратеник. Уште еднаш, голема благодарност до сите што имаа доберба во нас и што гласаа за нас. Борбата продолжува. Тоа е.“, коментрираше Савески.