Се зголемува бројот на сместувачки капацитети во Берово, граѓаните гледаат иднина во туризмот
Објавено во: Македонија 12 Мај, 2022
Расте бројот на приватни сместувачки капацитети во Берово, потврдуваат од локалната самоуправа.
Велат дека за година дена имаат 40 нови легла, односно 20-тина соби за сместување на туристи. Додаваат дека се градат нови вили, а постоечките се реновираат. Од Општина Берово објаснуваат дека нови капацитети има во центарот на градот, на Беровското Езеро и во населбата Албаница. Граѓаните гледаат иднина во туристичкиот сектор, а од општината се надеваат дека во годините кои доаѓаат ќе имаат туристи во текот на 12 месеци.
„Има нови соби, апартмани, вили, а во оние кои веќе постојат, граѓаните се свесни дека мораат да ги подобрат условите. Сега имаме летен и зимски бран, но се надеваме и целиме кон тоа во иднина да имаме туристи преку целата година, односно 12 месеци. Имаме домашни гости, странски туристи од Европа и САД кои доаѓаат во хотелите, и тоа претежно во летниот период, додека во зимскиот период имаме гости од Бугарија. Чекориме бавно, но храбро. Дури и во две околни села веќе има сместувачки капацитети за туристи“, велат од Општина Берово.
Граѓаните кои поседуваат сместувачки капацитети сметаат дека на градот му треба поголема промоција, за да привлече повеќе странски туристи.
„Јас имам еден апартман, а сега планирам да направам уште еден во куќата во која живеам. Имам гости кои доаѓаат и седат со месеци, пензионери, постари луѓе. Сметам дека граничниот премин Клепало многу ќе помогне за привлекување на туристи, ќе бидеме транзит, и тоа ќе донесе повеќе гости од Бугарија. Треба поголема промоција на градот за да доаѓаат странци. Сега оние странци кои доаѓаат, одат во хотелите, а во приватното сместување се претежно домашните гости“, раскажува беровчанка.
Тони Кантурски, сопственик на Хестиа апартмани вели дека Берово полека се движи во нагорна линија, а ако има повеќе капацитети, ќе има и повеќе туристи.
„Простор за работа има, заинтересираност има. Оди Берово полека во нагорна линија, но таа линија треба да биде малку поостра. Доколку има повеќе капацитети, ќе има и повеќе гости. Треба да се работи на инфраструктура, но и на забавни содржини кои ќе ги задржат туристите не само ден, два, за викенд, туку неколку дена или недела дена“, рече Кантурски.
Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) во февруари годинава, Берово имало 738 домашни туристи, кои реализирале 1.259 ноќевања, а истиот месец имало 120 странски гости, кои реализирале 247 ноќевања. Берово го има прекрасното Беровско езеро, чистиот воздух, локалните специјалитети кои се препознатливи за туристите.
Сања Атанасовскаfoto Wikipedia/Sandra 3210
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.