Семејството на Денис Тот му се заблагодари на македонското правосудство
Објавено во: Македонија 02 Декември, 2022
Семејството на хрватскиот ракометар Денис Тот упати благодарност до македонското правосудство, откако обвинетите Анџело Георгиевски (28), Клементина Лефковска (19) и Андреј Костовски (19) беа осудени првостепено на вкупно 52 години затвор.
- Ви се обраќаме по повод вчерашната одлука на судот во Скопје со која сторителите на кривичното дело тешко убиство беа осудени на неколку години затвор. На овој начин семејството на починатиот Тот сака да им се заблагодари на надлежните органи на обвинителството на Северна Македонија, Судот, надлежното државно правобранителство и полицијата за нивните досегашни постапки, се огласи семејството.
Од таму упатија и благодарност до хрватските служби и додаваат дека сега своето внимание ќе го насочат кон второстепената одлука.
- Семејството Тот будно ќе го следи и ќе го чека натамошното продолжение на жалбената постапка по предметот, со надеж дека второстепениот суд ќе донесе правична и соодветна одлука, се додава во реакцијата.
Осудените ноќта меѓу 6 и 7 април годинава во Скопје до смрт го претепаа Денис Тот пред ноќниот клуб „Привилиџ“, каде претходно беа заедно. Младиот човек почина на 8 април во скопска болница поради контузија на мозокот и фатална повреда на ‘рбетниот столб.