Септември, октомври и пролетните месеци и донесоа на Грција рекордни годишни приходи од туризам
Објавено во: Економија 25 Декември, 2024
Министерката за туризам на Грција, Олга Кефалојани, во интервју за Атинско-македонската новинска агенција изрази уверување дека се очекува приходите од туризмот да надминат 20 милијарди евра во 2024 година.
Таа посочува дека севкупно за 2024 година грчкиот туризам не само што ја задржал својата динамика, туку и дополнително зајакнал, постигнувајќи историски високи перформанси во првите пет месеци од годината, како и во септември и октомври. „Очекуваме 2024 година да се затвори како нова рекордна година за грчкиот туризам“, подвлекува Кефалојани. За 2025 година таа посочува дека првите сигнали се позитивни.
Во однос на новиот предлог-закон на Министерството за туризам и основните прописи за краткорочно изнајмување вклучени во него, таа нагласи дека за првпат се воспоставува рамка на минимални оперативни и безбедносни стандарди. Таа се осврна и на системот за класификација на хотелите врз основа на нивните еколошки перформанси, истакнувајќи дека предлог-законот воспоставува глобално иновативен систем за класификација за основното туристичко сместување.
За 9,2 проценти е поголем бројот на туристи што ја посетиле Грција во периодот од јануари до октомври годинава, споредбено со лани, а приходите се зголемиле за 5,5 отсто, покажуваат официјалните податоци од Банката на Грција.
За десет месеци, Грција ја посетиле 33,8 милиони туристи. Оваа година, во конкретниот период имало речиси три милиони повеќе туристи или зголемување за 9,2 проценти споредбено со лани, а пораст има и на бројот на посетители од земјите на ЕУ (за 10,7 отсто) и од земјите вон Унијата (за 7 проценти).