Шестата изборна единица закана за легалноста на изборите
Објавено во: Македонија 18 Октомври, 2016
Нерешавањето на статусот на шестата изборна единица која требаше да се прекрои со „петката“ или пак да се воведе систем со само една изборна единица може да ја загрози легалноста на изборите. Токму надминувањето на 5% повеќе гласачи во шестата изборна единица може да биде искористено од опозицискиот партии од албанскиот етнички блок кои ќе може да бараат оспорување за легалноста на изборите.
Ова прашање се наметна доцна во Пржинскиот процес на преговори и со оглед на кратките временски рокови немаше никаква политичка волја за негово решавање пред распуштањето на собранието, посочуваат од СДСМ. Тие додаваат дека било каква решение да се донеле ќе го поддржеле во интерес на почитување на уставот и законите.
- Решение постоеше на два начини. Нашата заложба беше Македонија да биде една изборна единица. Тогаш немате над 5 отсто, под 5 отсто. Ниту една од владејачките партии тоа не го прифати, одбиваа да разговараат за тоа. Откако тоа не се прифати, оставивме владејачките партии да се договорат по ова прашање. Треба владејачките партии да дадат одговор, зошто не успеаја да го надминат ова прашање поврзано кога од опозицијата имаа отворена поддршка, какво и да е решението на овој проблем – рече Заев на денешната посета во Велес.
Државната изборна комисија пред речиси два месеци го предупреди Собранието и министерството за правда дека шестата изборна единица е незаконска, но никој не презеде ништо.
Овие законски измени беа дел од пораките и на еврокомесарот, Јоханес Хан, кој на последната посета им порача на партиите да постигнат договор во однос на редефинирање на изборните единици пред изборите.