ШЕСТМИНА ОД ПАЦИЕНТИТЕ БИЛЕ СО ИЗГОРЕНИЦИ ОД ТРЕТ СТЕПЕН: Кај нив веќе е направена трансплантација на кожа

Објавено во: Македонија 23 Март, 2025 19:17
На Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје во моментов се лекуваат десет пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од кои на шест веќе им е направена трансплантација на кожа поради степенот на изгореници, информираше денеска директорот на Клиниката, Небојша Настов на заедничката прес-конференција со портпаролите на Владата, Марија Митева и Венера Љатифи Азизи, како и градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Како што посочи Настов, шесте пациенти на кои им е направена трансплантацијата се со трет степен на изгореници, додека кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела се очекува да бидат пуштени на домашно лекување. Но, како што рече, ситуацијата е флуидна и може да се смени од час во час.
– Во однос на актуелната здравствена состојба на пациентите од болницата од која што доаѓам, а тоа е Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, во моментов се хоспитализирани 10 пациенти, од кои на шест е веќе направена трансплантација на кожа заради тоа што тие беа пациенти со највисок степен на изгореници, односно трет степен. Кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела според плановите кои што ги имаме, иако морам да повторам дека ситуацијата е многу флуидна и може да се смени од час во час, се планираат првите испусти за дома, рече Настов
Во врска со пациентите кои се лекуваат во странските држави, Настов посочи дека тие до одредена фаза ќе се лекуваат таму, но, како што рече, во одредена фаза ќе треба да се вратат и повторно да бидат сместени во хоспиталните капацитети во земјава, за што, рече, се прават протоколи и координации како ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани.
– Пациентите кои се лекуваат надвор од земјава до одредена фаза ќе се лекуваат во странските држави кои ни излегоа во пресрет, но во одредена фаза истите тие ќе дојде време кога ќе треба да се вратат во нашата држава и кога ќе треба повторно да бидат сместени во болниците, односно во сите хоспитални капацитети во државата. За таа цел, се прават протоколи и координации меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Службата за општи и заеднички работи на Владата во која координација ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани од болничките установи од странство, рече Настов.
Прашан за тоа каква е состојбата на шесте пациенти кои се лекуваат во странство и се во критична здравствена состојба, Настов посочи дека ќе има информација по денешниот состанок на Кризниот штаб, бидејќи, како што рече, болниците од странските држави за состојбата на пациентите брифираат еднаш дневно.
– Во моментот ги немам тие информации заради тоа што имаме состанок на Кризниот штав од 14 часот, а тогаш обично ги добиваме вестите и верувајте дека болниците еднаш во денот брифираат за состојбата, а не на еден час или пола час. Така што, тие податоци би ги имале по 14 часот, посочи Настов.
Фото:МИА
Можеби ќе ве интересира
ТАРАВАРИ: Пет пациенти од странство се враќаат во Македонија, а четворица и натаму се во критична состојба
Митева: Контролите продолжуваат, пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објекти наменети за прослави и големи собири

СДСМ: УЈП не побарал стечај за фирмата сопственик на дискотеката „Пулс“, а сметката им била блокирана 217 дена

ПРВИОТ ПАЦИЕНТ ЛЕКУВАН ВО СТРАНСТВО СЕ ВРАТИ ДОМА, НЕКОИ СЕ СЀ УШТЕ КРИТИЧНИ: Лекарите предупредуваат на можни инфекции

Центарот за социјална работа во Прилеп ќе добие физичко обезбедување по нападот со огнено оружје
