ШТО ЈА СТОПИ ДОБИВКАТА НА „МАКСТИЛ“ ЗА ТРИ ЧЕТВРТИНИ - првиот квартал не тргна „славно“, еве зошто
Објавено во: Економија 03 Мај, 2023
Откако минатата ја заврши со одличен профит од 17,5 милиони евра, на нашиот челичарски гигант „Макстил“, годинава по се изгледа дека не му тргна баш најдобро.
Компанијата јавува за намалување на добивката за дури 74 отсто, што практично значи дека во првите три месеци од годинава е остварена само една четвртина од добивката што била прикажана во текот на истиот период минатата година.
Или, ако во првиот квартал од минатата година „Макстил“ имал профит од дури 3,8 милиони евра, во првите три месеци од годинава профитот изнесува нецел еден милион евра, или прецизно 965 илјади евра.
Компанијата излезе со објаснување зошто е намален финансискиот резултат, а објаснувањето е дека главни причини за тоа се високата инфлација, нарушеното снабдување, но и војната во Украина.
„Неповолните влијанија врз челичната индустрија кои произлегуваат од глобалното економско забавување и кои ја карактеризираа 2022 година, како што се високата инфлација, нарушувањето на синџирот на снабдување, влијанието на војната меѓу Русија и Украина на глобалниот пазар на челик, сѐ уште не се надминати. На почетокот на оваа година продолжува да се рефлектира влијанието како на глобалната трговија со челик, така и на нарушувањето на пазарите на суровини. Постојаната инфлација и високите каматни стапки се очекува во повеќето економии да го ограничат закрепнувањето на побарувачката за челик во 2023 година, и покрај позитивните фактори, како што се повторното отворање на кинеската економија, европската отпорност на енергетската криза и намалувањето на тесните грла во синџирот на снабдување“, се вели во образложението кое го дале од „Макстил“ преку Берзата до инвеститорската јавност.
Од компанијата велат дека постојано се прилагодуваат на пазарните услови, и благодарение на добрата организација на сите деловни функции, успеваат правилно да ја ползуваат својата позиција на регионалните пазари, остварувајќи добивка во првиот квартал од годинава.
Она што може да се види од компаниското објаснување, е дека има пораст на производството.
„Оствареното производство на дебели лимови во првото тримесечје на 2023 година во производниот погон Валавница изнесува 80.754тони, што споредено со 79.817тони во истиот период на 2022, е зголемување од 1,2 отсто, додека во однос на поставениот производен план за првото тримесечје од годинава е зголемување од 5,6 проценти. Оствареното производство на сопствен челичен полуфабрикат, челичански слабови во извештајниот период е 56.046 тони, што споредено со истиот период од 2022, е пораст за 9,3 отсто, а во однос на планот е зголемување повеќе од двојно“, се вели во образложението.
Реализацијата на топловаланите дебели лимови, пак, за првите три месеци од годинава изнесува 91.634тони, што споредено со првиот квартал од минатата година е зголемување од 13,7 отсто.
Намалени се и приходите и расходите на компанијата. Всушност, еве што покажува билансот на успех на компанијата.
Таа во првите три месеци од годинава остварила приходи од работењето во износ од 2,52 милијарди денари, или близу 41 милиони евра. Во нив приходите од продажба се носечка ставка во структурата на вкупните приходи и учествуваат со дури 99,6 отсто. Во однос на истиот период од ланската година приходите се намалени за 3,4 проценти.
Кога станува збор за расходната страна, пак, во првите три месеци остварените расходи изнесувале 2,32 милијарди денари, или близу 38 милиони евра. Од нив трошоците за производство се носечка ставка и во структурата на вкупните расходи учествуваат со 76 отсто. Тие, пак, споредени со истиот период лани се пониски за 4,2 отсто.
Од „Макстил“ прецизно објаснуваат колку и зошто е намален нивниот финансиски резултат, односно профитот на компанијата. Тоа се главно пониските продажни цени и повисоките трошоци.
„Добивката пред оданочување во извештајниот период е 67 милиони денари, (или 1,1 милиони евра– н.з.), и е речиси четирикратно пониска од остварената во првиот квартал од 2022 година, додека нето добивката изнесува 59 милиони денари (960 илјади евра), четирикратно пониска од остварената за истиот период во минатата година. Намалувањето на добивката главно се должи на пониските продажни цени на готовиот производ. Дополнително, трошоците за производство сѐ уште не бележат пад како што се очекуваше и се релативно високи во однос на берзанските движења на енергенсите и металите. Очекувањата се дека во периодот од април до септември ќе следи поизбалансирано движење на продажните цени и трошоците за производство, односно нема да има дополнително значајно намалување на продажните цени во споредба со намалувањето на трошоците за производство“, потенцираат од компанијата.
Од Билансот на успех на компанијата ушпте и може да се види дека трошоците за вработените се зголемени за 25 проценти, што значи дека компанијата ги зголемила или платите, или бројот на вработените, што во секој случај е потег за поздравување.
Во овој период компанијата нема извршена исплата на дивиденди по акција, поради, како што велат, пренесени загуби од претходниот период.
Од „Макстил“ нагласуваат и дека во текот на првите три месеци од 2023 година нема активирани инвестициони вложувања.
За наредниот период се очекува благ пораст на побарувачката на челик придружена со забавување на инфлацијата, намалување на кредитниот притисок од страна на банките, како и закрепнување на потрошувачката.
„На нашиот најголем пазар - Европската Унија, и понатаму се очекува да продолжи да се чувствува влијанието на војната, додека во Турција се очекува зголемување на побарувачката за челични производи, поттикната пред сѐ од потребата за обнова на областите со висок ризик од земјотреси. На линија на глобалните проекции и Макстил ќе продолжи со реализација на поставените цели, подобрување на работните услови за сите вработени и континуираната грижа за безбедноста и здравјето на вработените“, нагласуваат од компанијата.
Како што веќе напишавме, ланската година „Макстил“ ја заврши со одлична добивка од 17,5 милиони евра, што е раст за 27 отсто во однос на претходната 2021 година.
Инаку, и други компании пријавуваат намалени добивки во првиот квартал годинава. Фактор објави за намалената добивка на „Европа“, а како причини ги наведуваат енормното зголемување на цените на енергенсите, суровините и амбалажата, но и неопходното зголемување на платите.
Н.Н.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.