Добивај вести на Viber
„Прешево е мост, а независноста на Косово е неизбежна реалност“ - ова беа зборовите на албанскиот премиер Еди Рама во Белград со кои успеа да го испровоцира својот домаќин, српскиот премиер Александар Вучиќ на заедничката пресконференција по нивната средба.
„За Косово имаме различни ставови, но реалноста е една и неизбежна, како регионална, така и европска и мора да се почитува. Признавањето на Косово од страна на европските држави има голема важност“, рекол Рама во дел од својот говор,
кој заради пропуст помина без превод во преносот на српската државна телевизија.
Тој притоа нагласил дека „Албанија со задоволство ја дочекува секоја нова перцепција на реалноста од страна на Србија“.
„Независноста на Косово го направи Балканот посигурен. Ние го цениме и промовираме дијалогот меѓу Србија и Албанија и тој дијалог го гледаме како успех на Европа. Новите генерации ќе го гледаат Прешево како важен мост меѓу две земји кои ја делат европската судбина“, додал Рама.
Со ова албанскиот премиер испровоцира остра реакција на својот домаќин. „Нема да дозволам никој во Белград да не понижува. Косово и Метохија беа и останаа дел од Србија и никогаш немале никаква врска со Албанија!“, рече Вучиќ.
Тој оценил дека гостинот со изјавата за Косово само ги провоцира домаќините и дека воопшто не било договорено Косово да биде тема. Најавил дека при возвратната посета на Тирана и тој ќе зборува дека Косово е дел од Србија.
Како дел од посетата на Рама во Србија, за утре е предвидено тој да го посети Прешево, во близина на границата со Македонија, и да зборува на митинг во Домот на културата пред локалното албанско население.
Посетата на Рама во Белград се смета за историска, бидејќи е прва официјална посета на албански државник во српскиот главен град по 68 години.
Во Србија тој беше пречекан со државнички почести, но со засилено обезбедување, со оглед на тоа што посетата се случува во чувствителен момент на заладени односи меѓу двете држави, особено по последните инциденти на фубалскиот натпревар Србија-Албанија.