Што може Мицкоски да научи од „метлата“ на Заев и „новиот бран“ на Груевски?
Објавено во: Анализа 18 Ноември, 2025 07:47
Премиерот Христијан Мицкоски многу порано од своите претходници се соочува со предизвикот да направи сериозна владина реконструкција за да ја одржи кондицијата на владеење на посакуваното ниво и да покаже пред електоратот дека резултатите се возможни, само потребно е повеќе време и соодветни кадри на вистинските позиции.
Ако се навратиме наназад, во последните десетина години, Македонија помина низ два поголеми циклуси на „владино ресетирање“, односно обиди на владејачките партии да ја вратат довербата на граѓаните. Првиот беше на Никола Груевски во 2015 година и популарно беше наречен „Нов бран“, а вториот беше „Метлата“ на Заев во 2019 година. И двата процеси не беа успешни, односно непосредно со по нив и Груевски и Заев беа принудени да ги напуштат лидерските позиции.
Затоа Мицкоски може да научи битни лекции од минатите искуства на македонските премиери, бидејќи и на последните избори, иако тие беа локални, се покажа дека гласачите го губат трпението по спектакуларната промена на мајските избори во 2024 година. Тогаш, со огромно мнозинство беше казнет СДСМ за неисполнетите ветувања и за нефункционирањето на државните институции, надополнето со мајтапењето од страна на Груби и останатите кадри на ДУИ. Но, и тогаш постоеше впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција не заслужи таква голема награда од гласачите. Условно кажано „подарокот“ од гласачите Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба уште повеќе да го ценат, затоа што имаат апсолутна власт во државата, но со тоа и апсолутна одговорност да ги поместат работите од мртва точка, бидејќи незадоволството и нетрпението ќе растат.
Изборите поминаа. Сега што?
Мицкоски беше свесен дека на овие избори ќе изгуби над 50.000 гласови, но најверојатно не беше подготвен да се соочи со конечниот пад на дури 150.000 гласачи, без оглед што парламентарни не може директно да се споредат со локални избори.
Сепак, падот на поддршката, и фактот што Орце Ѓорѓиевски победи во Скопје со 95.000 гласови, помалку дури и од освоените гласови на Коце Трајановски кога ги изгуби изборите од Петре Шилегов, покажуваат дека граѓаните даваат жолт картон за досегашните политики, како на ниво на град Скопје, така и на национално ниво, но во недостиг на квалитетна опозиција не се решија за промена, туку само за предупредување.
Се почесто се говори за кадровско освежување и можна реконструкција на Владата. Тука главната лекција за премиерот Мицкоски ќе биде дека не се потребни само козметички промени, и трампа на ресори меѓу владините коалициони партнери, туку вистинска промена во динамиката на спроведување реформи, враќање на довербата во капацитетот на државните институции и поголема заложба за интересите на граѓаните, а не на самите политички партии.
Груевски осум години победуваше со речиси ист основен тим и во извршната и во законодавната власт, но по бомбите кои ги објавија Заев и СДСМ во 2015 година беше принуден да разговара за кадровски промени во проектот наречен „Нов бран“. Сепак, таа акција не беше докрај успешна бидејќи веќе на изборите во 2016 година Груевски не успеа да состави Влада, а разликата со опозицијата се стопи на само два мандати.
„Метлата“ на Заев беше побарана за зајакнување на домашната агенда на Владата предводена од СДСМ во поглед на правосудството, и останатите државни сектори, по исцрпувањето на општествената енергија со договорите со Бугарија и Грција. Сепак, Заев не „замете“ доволно во сопствените редови, па така и кадровските промени не донесоа значајни промени во спроведување на реформите и не беше дадената историска шанса за намалување на корупцијата, партизацијата, непотизмот и девастирањето на државниот систем.
Затоа и за Мицкоски помалку важно ќе биде кој ќе остане министер во овој кабинет и кој ќе ги преземе актуелните ресори, туку како владината коалиција ќе одговори на високите очекувања на граѓаните, а се помалото трпение за нивно спроведување.
Мицкоски мора конечно да демонстрира дека институциите работат во интерес на општеството, а не на мали групи на влијание, дека има јасна визија за реформи во обвинителството и судството, наместо празни демагогии и јавни препукувања, дека има капацитет за рестартирање на државниот систем и градење на иднината на македонската држава, наместо нејзино пљачкање и искористување преку партиските канали. Х.С.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





