Што пишуваат бугарските медиуми за Миленко Неделковски и споменикот на Кајмакчалан?
Бурни реакции има во бугарските медиуми за новинарот Миленко Неделковски кој на Кајмакчалан со чекан ја скршил плочата поставена од Бугарите, за што имаше фотографии и на социјалните мрежи.
Објавено во: Македонија, Балкан 23 Септември, 2016
Македонски новинар се фали со подбивањето на бугарски споменик, пишува бугарската Нова Тв. Само еден ден по отворањето на спомен плоча, таа беше скршена, а реакциите од бугарска страна денес не задоцнија, пишува медиумот.
„Ова е уште еден чин на вандализам. Вие го нарекувате новинар“ - изјави директорот на Националниот историски музеј проф. Божидар Димитров, кој најави тужба за Неделковски.
„Македонија да се дистанцира од вандалскиот чин“ - пишува бугарски Днес кој пренесува став на бугарското МНР. Бараат да не се дозволат слични експлицитни акти како овој на Кајмакчалан. За жал, ова не се изолирани случаи, особено загрижувачки во момент кога двете страни преговараат за потпишување на Договор за добрососедство, наведува понатаму истиот медиум.
Македонец уништи бугарски споменик на Кајмакчалан. Недостоен вандализам се случи на празничниот 22 септември, пишува бугарски Стандардњус.
Веќе има најави дека ако Македонија не преземе мерки, нема да добие поддршка членството на нашата земја во ЕУ и НАТО.
Бугарија вчера го славеше Денот на независноста. Битката за врвот Кајмакчалан е една од најкрвавите и долгите борби на Солунскиот фронт во Првата светска војна. Борбите траат цели 18 дена - меѓу 12 и 30 септември 1916 година Тогаш српската армија, по тешки загуби, успева да го заземе врвот „Пророк Илија" висок 2524 метри, и ја поттиснува бугарската армија кон Мариово, каде подоцна се формира нова заштитна линија . Тој е преземен од Србите на 30 септември. Српската страна тогаш имала околу 4600 жртви, а Бугарија загубила околу 2.000 војници, додека повредени беа речиси 6.000.