„Сина птица“, „Големото уво“, „Таргет-Тврдина“, „Рекет“ - Дали сме пред нова партиско-полициска афера, што научивме од злоупотребите на тајните служби
Објавено во: Анализа 04 Септември, 2025 09:28
Новата наводна афера со тврдења дека во периодот од 2019 до 2024 година бил прислушкуван Христијан Мицкоски, тогаш лидер на опозицијата, а сега премиер, како и повеќе новинари, бизнисмени и јавни личности засега нема официјално име. Случаите „Сина птица“, „Големото уво“, „Таргет-Тврдина“, „Рекет“ се меѓу најголемите скандали во македонската историја поврзани со тајните служби и злоупотреба на државните институции за влијание врз политиката и општествениот живот.
Дали го надминавме синдромот „УДБА е наша судба“?
Од 1991 година кога Македонија стана држава, а со тоа и македонската тајна полиција се „осамостои“, беше наследен делумно и начинот на функционирање од југословенската служба УДБА. Македонците кои биле жртви на тогашните служби оставиле во колективната меморија што значи злоупотреба на државните тајни служби. Иако УДБА била почитувана како една од најмоќните служби во Европа, со меѓународни, па дури и прекуокеански операции и мисии, не била имуна на локалниот менталитет - КОДОШЛУК и АЛЧНОСТ.
Додека политичките елити во Екс-Ју генерално ја користеле УДБА за изградба на поствоената Југославија како наднационална држава, а ја ползувале за лични кариери и бенефиции кои произлегувале од системот, по распадот на Југославија, службите се злоупотребуваат исклучиво за лични интереси на елитите.
Така се прават полициски „монтировки“, се прибираат црни досиеја за политичките противници, се водат „есапи“ за подобни и неподобни новинари, а неретко во овие злогласни случаи се собирале информации за уцени и рекет на бизнисмени, па дури и целосно преземање на нивните фирми.
Засега скандалот кој го обелодени Бојан Христовски директор на Агенцијата за национална безбедност, и премиерот Христијан Мицкоски, се уште не е официјално влезен во истражна постапка на Јавното обвинителство. Но, ако се потврдат сомнежите ќе се испостави дека и „големите“ реформи по падот на „режимот на Груевски“ не дале резултат, иако тогашната власт предводена од СДСМ тврдеше дека никогаш повеќе тајните служби нема да се злоупотребуваат.
Затоа добро е и да се потсетиме на најголемите скандали поврзани со тајните служби, кои неизбежно ја „следат“ македонската јавност уште од првите независни чекори на државата.
Аферата „Сина птица“ е полициска операција за прогласување на ВМРО-ДПМНЕ, а пред тоа и на ПДП за паравоени формации кои имаат собрано нелегално оружје и се опаснен елемент за државата и општеството. Според бројни сведоштва, меѓу кои и на тогашните челници на двете партии, операцијата ја воделе луѓе од МВР и армијата кои им нуделе вооружување на активистите, наводно за да бидат подготвени во случај на инвазија на Србија и тогашната ЈНА, која веќе војуваше во Словенија, а потоа во Хрватска и Босна и Херцеговина. Но, во „монтировката“ овие активисти не очекувале дека ќе бидат прогласени за екстремисти, а потоа и апсени и осудувани. Тоа беше еден од обидите на „реформираните“ комунисти да ја задржат власта во Македонија и покрај изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на првите повеќепартиски избори и обидот да формираат прва независна влада во коалиција со ПДП првата партија на Албанците во Македонија.
Но, и „вмровците“ нема да оддолеат долго на примамливата моќ на тајните служби.
Во 2000 година, практично две години откако на власт доаѓа Љубчовото ВМРО, избива скандалот со прислушкување на политички противници, новинари, бизнисмени наречена „Големото уво“. Наводите ги открива Бранко Црвенковски, тогашен лидер на опозицијата и на СДСМ, откако материјалите ги „пробил“ и прибавил разузнавачот Зоран Верушевски, истиот „професор“ кој потоа ќе биде клучна фигура во „бомбите“.
За злоупотребата на системите на МВР е обвинета тогашната министерка за внатрешни работи Доста Димовска и началникот на управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков. Случајот ќе го води јавниот обвинител Марко Зврлевски, истиот кој ќе биде разрешен од мнозинството предводено од Зоран Заев во 2017 година.
Но, случајот нема да стигне далеку во судските постапки, бидејќи покојниот претседател на државата Борис Трајковски ќе ги помилува главните осомничени за аферата „Големото уво“ во 2003 година. Единствено опфатените новинари во скандалот ќе си ги побараат своите права, и во процедура која стигнува до судот во Стразбур конечно ќе добијат пресуда за оштета, која ќе падне на товар на државниот буџет.
„Таргет-Тврдина“ требаше да биде катарза за најболниот период на македонското општество. Практично кризата започна уште во 2011 година по протестите за убиството на младиот Мартин Нешковски на денот на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ на централниот плоштад во Скопје од страна на полициски специјалец.
Се до 2017 година, кога СДСМ конечно успеа да дојде на власт, општеството беше во грч, длабоко поделено на „патриоти и предавници“, немаше никаков политички консензус за најважните прашања, државата тонеше кон авторитаризам, а опозицијата обвинуваше за украдени „6 милијарди евра“. Но, по бројните „бомби“ на „трговецот од Муртино од професорот“, не дојде до очекуваната и посакувана катарза - ПРАВНА РАЗРЕШНИЦА - на скандалот со прислушкување.
Иако беше утврдена вина кај Мијалков, Јанкуловска и други високи полициски функционери, сепак со премолчената амнестија и промените на Кривичниот закон, дел од нивните казни се разводенија, а ниту јавноста не беше целосно уверена во веродостојната на предметот на СЈО откако истото се распадна по аферата „Рекет“ и падот на првата специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Можеби отварањето на сомнежите за новата афера е политичка игра, можеби е предвестие за навистина голем скандал. Секако, и вака и така корист во однос на партиски поени ќе добие ВМРО-ДПМНЕ, особено пред избори, а уште поважно во начинот на кој овие институции (АНБ, АР и ОТА) ќе функционираат во иднина.
Но, ако не се спроведат неопходните насоки за реформи на експертите, кои беа посочени и во критичниот период од 2017-2021 година за „создавање отпорни институции“, тогаш ваквите злоупотреби, како директна закана на демократијата ќе се повторуваат како „судбински тег“ над македонската држава и општество.
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





