Сите возачи и секретарки вработени државно ќе имаат иста плата, претседателот на земјата ќе има најголема
Објавено во: Економија 11 Јануари, 2023
Единствениот национален регистар на прописи го објави предлог Законот за системот на плати, кој минатата година го најави премиерот Димитар Ковачевски, а со кој, како што рече тогаш, треба сите вработени во јавниот сектор и функционерите да имаат горе-долу еднакви плати според компетенциите.
Во Законот, за кој Владата вели дека засега е само драфт-верзија, се вели дека одредбите се задолжителни и дека ги опфаќа и независните државни органи, јавните претпријатија и сите избрани и именувани функционери, или практично сите вработени во јавниот сектор - а станува збор за околу 150.000 од нив.
Во член 6 има начело на еднаквост според кое на вработените треба да им исплаќа еднаква плата за иста работа кога ќе се утврдуваат посебните платни системи за секој државен сектор посебно.
„Платите во јавниот сектор се хиерархиски подредени од највисоко до најниско ниво почнувајќи со платата на Претседателот на Република Северна Македонија“, се вели во предлогот, што алудира на тоа дека никој нема да смее да има поголема плата од шефот на државата.
Разните институции, само доколку имаат буџет за тоа, на основната плата на работниците, ќе може да им исплаќаат додатоци како, на пример, за задржување на кадар, тимски бонуси, за работа изложена на висок ризик, за ноќна работа, за работа од ралечина и за работа во смени, итн.
Сите вработени ќе добиваат плата така што минималната плата ќе се множи со одреден бод, откако претходно ќе се направи класификација на работните места со владина уредба, а вредноста на бодот за нивото на работно место пишува дека е единствена за сите вработени во јавниот сектор. Тоа ќе го изгласува Собранието на предлог на Владата еднаш годишно во период кога ќе се носи и државниот буџет за следната година. Ќе се споредуваат и платите со приватниот сектор и ќе се прават табели со називи на работни места кои ќе ги утврдува секоја институција посебно.
Сепак за бодувањето на платите, според законот, ќе решаваат комисиите од секоја институција посебно, во која ќе членуваат пет претставници, а само еден од нив од синдикатите.
- Ова само уште повеќе ќе ја искомплицира ситуацијата. Воведуваат некакви системи и на тоа некакви подсистеми. Во администрација ќе биде едно, во здравство друго, во одбрана трето, во јавни претпријатија четврто… Ова ми делува како да се сака да се контролира се, да се стави рака врз синдикатите и пресметката на плати како што сака министерот за финансии, искоментира вчера Трпе Деаноски, претседателот на Синдикатот на вработените во државната управа.
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, рече дека ова е системски закон за кој набрзо ќе се дебатира и дека има простор да трпи измени, но дека сепак основниот принцип е платите да се унифицираат.
- Имаме вработен во некое јавно претпријатие или агенција да има поголема плата од претседател на Врховен суд, или од претседател на држава. Одреден директор да има поголема плата од министер. Ова е систем кој ќе овозможи и раст на платите во јавниот сектор со растот на минималната плата, коментираше синоќа Тренчевска во емисијата „24 Анализа“.
За максималните плати, оние на раководителите и на најплатените, ќе се утврдува „Коефициент за утврдување на максимални плати и коефициент на корекција“ во различните платни потсистеми. Коефициентите ќе ги утврдува Владата самостојно со уредба по сугестија на Министерството за финансии. Сепак, во посебен член се вели дека максималните плати нема да се намалуваат доколку се поголеми од донесениот коефициент, туку дека во тој случај, нема да се зголемуваат со растот на минималната плата.
„Сите колективни договори донесени спротивно на одредбите од овој член немаат правна сила и истите не може да бидат основ за пресметка на плати и надоместоци на плати“, пишува во законот во кој е нагласено дека „посебните закони и колективните договори со кои се регулираат платните потсистеми ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од две години од денот на неговото влегување во сила“.
Министерството за информатичко општество и администрација, предлагач на овој закон, вели дека досега не постоела единствена пресметка на платите во институциите од јавниот сектор и дека таа моментално се врши врз основа на посебни закони и колективни договори, а во некои институциии дури и со правилници-спротивно на начелата и одредбите од Уставот.
- Евидентно е дека не постојат јасни правила и воедначена Методологија за пресметка на платите во Законодавната власт, Извршната власт, Судската власт, Локалната самоуправа, Избраните, именуваните и назначените лица и Трговските друштва во целосна државна сопственост, вели предлагачот.
Премиерот Ковачевски минатата година рече дека мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата, особено на раководните лица.
– Веќе на тоа работи Министерството за информатичко општество и администрација. Тоа е поголем процес бидејќи се работи навистина за голема управа со голем број на плати, меѓутоа јас нема да отстапам од тој концепт дека мора да има закон со којшто ќе се стави ред и конзистентност во примањата особено на раководните лица. А што се однесува до другите вработени тоа е предмет на колективно договарање каде што мора да учествуваат и синдикатите заедно со работодавците, рече тогаш Ковачевски.
А.К.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.