22 Ноември, 2024
0.0264

СКАПО ГОРИВО И ЃУБРИВА: Живеете во град, а имате парцела на село - дали се исплати да произведувате храна за себе?

Објавено во: Агробизнис 26 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Се соочуваме со инфлација, а на светот му се заканува криза со храна поради војната во Украина, и затоа ги прашавме земјоделците дали доколку имаме парцела на село, се исплати да произведуваме храна за свои потреби со оглед на фактот дека и горивата и ѓубривата се скапи.

Ристо Велков од Синдикатот на земјоделците од струмичкиот регион вели дека доколку некој поседува нива, блиску до местото на живеење, и тоа не бара поголеми трошоци за транспорт, може да произведува храна за свои потреби. Тој како земјоделец објаснува дека зеленчукот не е скап на пазарите, затоа што и производствената цена е висока, но од друга страна и потрошувачите не се со некоја завидна финансиска состојба.

„Храна за свои потреби луѓето можат да си произведат, но треба да имаат  познавања за тоа како се работи во земјоделството, затоа што има многу штетници, кои треба навреме да ги препознаат и да ги заштитат насадите. Ако имаат површина во двор, или некоја нива, можат да произведат храна, но колку, како, што, зависи од повеќе фактори. Доколку се работи за некоја локација која е далеку, можно е да направат повеќе трошоци отколку да имаат бенефит“, вели Велков.

Весна Севдинска, агроном од Берово објаснува дека денес со овие трошоци не се исплати од градот да одите во некое беровско село и да садите било што.  Посебно нагласува дека оваа година е тешка за земјоделците затоа што цените на ѓубривата многу поскапеа.

„Ако имате некоја градина во двор, е во ред, но да одите од град во село, тоа не се исплати, затоа што горивото е скапо, хемиската заштита исто, семињата се скапи. Земјоделството си бара и знаење, и треба секој ден да се работи на нива, а ако одите само за викенд, така не се одгледува ниту домат, ниту пипер, ниту овошје. Земјоделецот една семка ја плаќа 5 денари, а каде се другите трошоци? За граѓаните со мали плати и пензии е скапо да дадат 100 денари за домати на пример, и тоа се две спротивставености, но тоа е веќе друга тема “, објаснува Севдинска.

Од земјоделската аптека „Агро заштита“ од Струмица велат дека во нивниот крај има луѓе кои се во средни години или се пензионери, и патуваат или преку лето престојуваат во своите викендици или куќи во блиските села, лоцирани на 3 или 5 километри од градот каде садат пипер, домати и други култури за свои потреби.

„Има такви случаеви, е сега дали се исплати, веројатно им се исплати или сакаат да консумираат храна од сопствено производство. Садат мали површини со пиперки, домати, и други градинарски култури, поседуваат и овошни дрвца. Во струмичките села има и земјоделски аптеки, така што таму можат да си купат што им треба, не мора да одат во градот“, додаваат од „Агро заштита“.

Катерина Василеска од Охрид вели дека со години произведува храна за свои потреби. 

„Отсекогаш сме произведувале овошје и зеленчук за домашни потреби. Можам да кажам дека освен брашно, се друго произведуваме од 400м2 (доволно за нашите фамилијарни потреби). Тоа е работа која бара 2-3 часа дневно и посветеност. Нам ни се исплати бидејќи заштедуваме на храна, а јадеме квалитетно и непрскано. За да се исплати како бизнис сигурно требаат многу поголеми површини и механицазија и тоа не би знаела да кажам. За да се обезбеди храна, се исплати“, кажа Василеска. 

Цените на храната во светот се највисоки за период од 30 години. И за брзо време да заврши војната во Украина, тие нема да се намалат. Војната во Украина влијае на залихите на храна ширум светот. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИЛА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА – се сади се помалку и помалку

МАКЕДОНИЈА ИЗГУБИЛА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА – се сади се помалку и помалку

СЕ СНАОЃААТ КОЈ КАКО ЗНАЕ И УМЕЕ: Производителите брзаат да ги продадат јапонските јаболка

СЕ СНАОЃААТ КОЈ КАКО ЗНАЕ И УМЕЕ: Производителите брзаат да ги продадат јапонските јаболка