Добивај вести на Viber
БИДИ ПОЛИЦАЕЦ - Огласот за прием на 150 нови полициски службеници е во тек, биди и ти дел од македонската полиција, информираа од МВР на нивната фејсбук страна.
„Биди полицаец. Биди хуман. Создај ред. Чувај ги граѓаните. Поседуваш храброст, солидарност и чесност. Висок морал, интегритет и дисциплина.
Ако тоа се твоите човечки квалитети тогаш полицијата е вистинскиот избор за тебе. Улогата на полицијата е клучна во едно општество бидејќи таа е гарант на безбедноста, сигурноста и владеење на законот што се основа за напредок и економски просперитет на државата и сите граѓани во неа.
Полицијата работи на спречување, откривање и санкционирање на сите видови криминал. Затоа биди меѓу најдобрите, биди секогаш прв, биди полицаец.
Министерството за внатрешни работи распишува конкурс за прием на униформирани полициски службеници. Да се биде полицаец е повик а не обична професија. Затоа придружи не се, прифати го својот повик, биди полицаец. Ако се одлучиш да го следиш својот повик, да го прифатиш предизвикот, те очекува едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука.
Обучувачите и менторите кои се квалификувани експерти во своите области, ќе бидат секојдневно со тебе додека ги усвојуваш правните и другите теориски знаења, полициското делување и тактики и сите други практики со кои изобилува полициската обука. Обуката се одвива во Центарот за обука на министерството за внатрешни работи кој се стреми да биде еден од најдобрите и најелитни центри за обука во Европа. Центарот кој е со стекнати меѓународни акредитации ќе те подготви максимално професионално да ја извршуваш полициската професија. Преку следење на современите трендови, центарот постојано се унапредува за врвна професионална едукација и специјализации на вработените во безбедносните структури, со имплементација на најдобрите практики и меѓународни искуства од врвните европски и светски полициско безбедносни стандарди. Овде е вистинското место за сите млади и амбициозни луѓе со желба за личен професионален развој и напредок.
Затоа, пријави се и ти на огласот за нови полициски службеници. Биди полицаец. Успехот секогаш зависи само од тебе. Оствари го својот сон. Биди заштитник на семејството, најблиските, граѓаните и татковината. Биди борец против криминалот и чувар на редот. Биди дел од македонската полиција! Биди полицаец!“, се вели во објавата.
Меѓу условите, интересно е да се напомене дека не може секој да биде полициски службеник. За тоа се потребни исполнување на критериуми.
Така на пример, физичката подготвеност на кандидатите е доста важна.
„ Проверка на моторички способности – моторичките способности на пријавените лица се утврдуваат преку изведување на следните вежби:
а) „Склекови“, се оценува бројот на правилно изведени склекови во интервал од 10 секунди. Минимален број на склекови за мажи е 9, а за жени е 6.
б) „Стомачни подигања“, се оценува бројот на правилно изведени стомачни подигања во интервал од 30 секунди. Минимален број на стомачни подигања за мажи е 16, а за жени е 12.
в) „Скок во далечина од место“, се мери должината на скокот од одразното место до доскочното место со петите на нозете. Минимална должина на скокот од одразното место до доскочното место изнесува 220 сантиметри за мажи и 160 сантиметри за жени. Скокот од далечина од место се изведува во два обиди, а во табеларниот преглед се бодира подобриот резултат.
г) „Спринт на 20 метри“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 20 метри. Минимално време за мажи изнесува 3,35 секунди, а за жени изнесува 3,50 секунди.
д) „Спринт на 100 метри“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 100 метри. Минимално време за мажи изнесува 15 секунди, а за жени изнесува 18 секунди.
ѓ) „Трчање на 1500 метри за мажи“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 1500 метри. Минимално време изнесува 5 минути и 25 секунди.
е) „Трчање на 800 метри за жени“ се мери времето од стартот до целната линија поставена на 800 метри. Минимално време изнесува 3 минути.
ж) Други физички проверки определени од страна на Комисијата“, се вели во огласот.