Скопје ќе биде чист, уреден, сообраќајно зелен, безбеден: Шукова ја објави кандидатурата
Објавено во: Македонија 19 Јули, 2025 15:53
Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова официјално соопшти дека влегува во борба да ги освои гласовите на скопјани.
„Се кандидирам да бидам градоначалничка на сите скопјани. Независно дали сте поддржувачи на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на некоја трета партија или на ниту една, за мене сите граѓани се еднакво важни. Јас тоа го покажав и со пристапот кон секој поединец во текот на мојата професионална кариера. Верувам дека политичките битки и поделби никогаш повеќе не смеат да бидат на штета на скопјани. Дека токму политичката алчност, бизнис и личните интереси на оваа власт, како и длабоката партизација на градот во изминатите четири години го донесе онаму каде што е денес, на своето историско дно во однос на развој, изглед и функционалност“, рече Шукова.
Вели дека доколку стане градоначалничка на Скопје, ќе докаже дека Градот е над политиката.
„Скопје не е партиско седиште, туку град на сите кои живеат во него. И мора да се управува професионално. Ќе бидам на страната на секој човек што сака да живее достоинствено, без разлика дали и за кого гласал. Затоа што најлесно е да им се поклониш на моќните, а тешко е да им служиш на сите. Јас го бирам тоа што е тешко, ама исправно. Не смееме да затвораме очи пред вистината. Не можеме да се правиме дека не знаеме кој и како го донесе Скопје до ова дереџе. Четири години со ВМРО-ДПМНЕ видовме што значи безредие, неодговорност и непочитување на граѓаните. Четири години видовме што значи политички инает на сметка на здравјето на граѓаните, што значат бизнис интереси на сметка на развој на градот, што значи кога имаме власт која е подготвена да го уништи градот, само за сопствен политички интерес“, посочи Шукова.
Таа вели дека Скопје никогаш помалку не им припаѓал на скопјани. Скопје го карактеризира како во моментов украден град, ставен во заложништво за сопствени интереси.
„Го уништија за политички да се пресметуваат со сопствениот градоначалник. Денес, секоја улица сведочи за нивниот неуспех. И нема да дозволиме тоа да се повтори. Скопје ја преживеа својата трета катастрофа после палењето на градот од страна на Пиколомини и земјотресот од 1963 година. Но бидејќи сите знаеме што се случува со градот, денес нема да зборувам за тоа. Знам дека скопјани бараат решенија, искреност и градски политики на кои ќе им веруваат. Скопјани бараат уредено, културно, чисто Скопје. Бараат градоначалник со јасна визија за тоа како ќе се развива градот и конкретен план како ќе се решат клучните проблеми. Без чуда, без лажни мега проекти и шарени програми на стотици страници“, рече кандидатката на СДСМ.
Ги кажа и своите определби:
„Јас сум тука да понудам решенија. Скопје може и мора да биде град за луѓето — чист, уреден, сообраќајно среден, зелен и безбеден. Град со кој ќе се гордееме, кој ќе биде наш дом, а не пазар на интереси. Затоа, моите определби ќе бидат:
– да го исчистиме Скопје и направиме функционални претпријатија за управување со отпадот
– Да направиме конкретен план и постигнеме резултати за чист воздух и чиста животна средина. Ова се моите први приоритети, области во кои имам многу знаење и искуство.
– да го обновиме јавниот превоз и да создадеме град во кој може да се стигне навреме и без нервози;
– да го запреме урбанистичкиот хаос и да ја вратиме контролата на граѓаните врз урбанизмот;
– да се посветиме на обнова и одржување на постојната инфраструктура на градот
– Да направиме реформи за целосна дигитализација и искоренување на корупцијата и влијанијата кои доаѓаат од оние кои Скопје го гледаат како бизнис интерес.
– да ја вратиме културата, животот и урбаниот дух на Скопје кој толку многу недостига во моментов
– да ја вратиме безбедноста во градот, секој ден и секој чекор по скопските улици мора да биде безбеден и удобен за секој граѓанин“, посочи Шукова.
Вели дека веќе се започнати со активности кои требало да докажат дека ова не е само кампања, туку заедничко враќање на Скопје на граѓаните.
„Ги повикувам да ни се приклучат најдобрите, најмотивираните луѓе кои искрено го сакаат градот. Скопје има врвни професионалци во сите области, токму тие ќе бидат столбот за враќање на сјајот на градот. Веќе се поставени основите на програмата за Скопје, но вашите совети и идеи, преку низа средби со граѓаните, но и стручната јавноста и поединци кои знаат и умеат да помогнат, само ќе допринесат истата да стане подобра и пореална. Време е скопјани конечно да видат еден различен пристап. Пристап кој не е обложен во шарена хартија а шуплив внатре, туку соврешен и остварлив план за решавање на проблемите. Тоа може да го очекувате од мене“, кажа Шукова.
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот




