СКОПЈЕ МАРШИРА: „Кој е крив што градот ни е сив“?
Објавено во: Македонија 01 Февруари, 2015
Преку повик на социјалната мрежа Фејсбук група на граѓани во главниот град, поточно во паркот на новинари денеска во 12 часот излегоа на марш против загадувањето на воздухот
„Облечете се во темни бои, како и смогот кој не` гуши, земете со себе транспаренти со пораки за почист воздух и секако (гас)маска. Дојде време да мораме да маршираме за да го имаме она што бесплатно сите не` следува. Нека овој марш биде што помасовен за да го привлече вниманието на надлежните органи, а до тогаш ние ќе маршираме прашувајќи КОЈ Е КРИВ ШТО ГРАДОТ НИ Е СИВ?“, стои во официјаното соопштение на нивната фејсбук страна.
„Скопје може да се “пофали” за освоеното прво место, прво место за најзагаден Европски град. Секојдневно сме сведоци на се позагадениот воздух. Од ден на ден, нивото на ПМ10 честичките расте се повеќе и повеќе, обојувајќи го градот во сиво. Секои 10µg/m3 ПМ10 честици го зголемуваат ризикот за рак на бели дробови за дури 22% , а во Скопје нивото на овие честици достигна дури и до 700µg/m3 . Дозволеното ниво на овие честички изнесува максимум 50µg/m3 . Секоја година се соочуваме со истиот проблем. Бараме конкретни мерки за спречување на загадувањето. Не отворањето прозорец и седењето дома не се решение за загадениот воздух. Кој е крив што дишеме смог? Кој е крив за полните болници? Кој е крив што градот ни е сив?“, запрашаа граѓаните марширајќи.
(ФОТО: РадиоСлободнаЕвропа)