Скопје подготвено за евентуално невреме
Објавено во: Македонија 30 Јануари, 2015
Штабот за заштита и спасување и Град Скопје се подготвени да се справат со последиците од невремето што се најавува дека ќе ја зафати територијата на нашата земја во наредните денови.
Веќе се мобилизирани екипи од сите јавни градски претпријатија, од ЈП „Водовод и канализација“, од ЈП „Улици и патишта“, од ЈП „Комунална хигиена“, од ЈСП, од ЈП „Градски паркинг“ и од ЈП „Паркови и зеленило“, кои во соработка со екипите од Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и со СВР Скопје уште во првите моменти од најавените интензивни врнежи од дожд ќе излезат на терен и нема да дозволат невремето зад себе да остави штети, информираат од Град Скопје.
Штабот за заштита и спасување на Град Скопје располага со соодветни материјално-технички средства и механизација, 50.000 вреќи со песок, камиони, багери, цистерни, пумпи за извлекување вода, чамци за спасување и друга опрема.
Доколку состојбата на терен се влоши и ги надмине постојните капацитети, ќе се вклучи и дополнителна механизација.
Екипи на Град Скопје ќе дежураат на сите мостови по течението на реката Вардар и на притоките, ќе го следат водостојот и ќе информираат доколку се јави опасност од големи наноси.
Граѓаните на кои им е потребна помош поради евентуалните влошени временски услови да се јават на дежурниот (24 часа) и бесплатен телефонски број 195 и да побараат помош.