Добивај вести на Viber
Владата ги зацементира условите за новиот инвеститор - Чебрен и Галиште ќе се градат со изменети димензии, а проектот ќе го добие инвеститорот кој ќе понуди не помалку од 39% удел на ЕЛЕМ во заедничката фирма.
Катерина Попоска
Чебрен и Галиште под нови услови им се нудат на странските инвеститори веќе од денеска. Владата одлучи овојпат да ја зголеми браната на акумулацијата Чебрен на 190 метри, наместо досега проектираните 182, дознава Фактор од владини извори. Браната на хидроцентралата Галиште пак, најверојатно ќе се намали на 110-115 метри, наместо досегашните 132 метри. Во вака скроената тендерска документација, се уште останува простор новиот инвеститор и ЕЛЕМ да се договорат дали ќе се градат двете хидроцентрали или само Чебрен. Тендерската документација ќе ги чини инвеститорите 5.000 евра, кои ќе треба да да легнат на сметка на Министерството за животна средина.
Владата ги зацементира условите за новиот инвеститор - Чебрен и Галиште да ги гради оној кој ќе понуди највисок процент на влог на ЕЛЕМ во заедничката фирма, кој не смее да биде помал од 39%. ЕЛЕМ ќе треба да ги преземе сите инвестиции за реализација на проектот. Токму учеството на ЕЛЕМ во заедничката фирма до сега беше “камен на сопнување“ меѓу Владата и инвеститорите. Според Владата, најатрактивно за инвеститорите ќе биде ако во заедничката компанија, веќе постоечката хидроцентрала Тиквеш им се даде на инвеститорите три месеци по почетокот на изградбата на ХЕЦ Чебрен. По одобрувањето на проектот и добивањето градежна дозвола, потенцијалниот инвеститор ќе мора да го изгради Чебрен за седум години од денот на почетокот на градбата, пишува во најновата тендерска документација за изградба на овие две најголеми хидроцентрали кои треба да се градат на Црна река, кај Мариово.
“ХЕЦ Чебрен, ХЕЦ Галиште и ХЕЦ Тиквеш, по вложувањето во заедничката фирма меѓу ЕЛЕМ и инвеститорот, ќе работат како независни производители на електрична енергија на домашниот пазар и на меѓународниот пазар на електрична енергија“, пишува во тендерската документација.
Првично тендерот се конструираше за да се намали цената на чинење, за да се привлечат инвеститорите. Но, неофицијалните информации до кои дојде Фактор од извори во енергетскиот сектор се дека до тоа сепак тешко ќе се дојде. Според одредени пресметки ваквите изменети услови за изградба на Чебрен и Галиште за ЕЛЕМ дури ќе значат поголем трошок за нови 60-70 милиони евра. Последните проценки покажуваа дека изградбата на Чебрен и Галиште ќе чини близу половина милијарда евра.
Според последните измени на тендерот за Чебрен и Галиште, објавени во “Службен весник“, тргувањето со струја на заедничката компанија да биде според пазарни услови (armslength basis), така што продажбата на произведената електрична енергија да не биде пониска од 85% од утврдената пазарна цена, а при купувањето на електричната енергија да не биде повисока од 115% од утврдената пазарна цена. Цената по којашто ќе се продава струјата на државните Електрани треба да биде најмалку 25 евра за мегават/час за 2012 година, со прилагодувања за секоја година за просечното зголемување на цената на електричната енергија за ЕЛЕМ во одлуките за корекција на цената на струја што ги прави Регулаторната комисија за енергетика.
Според проекциите во енергетската стратегија на Македонија за следните 20 години, Чебрен и Галиште треба да почнат да произведуваат струја веќе од 2018 година. Годишното производство на овие електрани се проценува на 1.100 гигават-часови струја, што е речиси половина од потребите за струја на земјава кои се задоволуваат од вода.
На последниот тендер за изградба на овие две клучни хидроцентрали за Македонија заинтересирани беа кинеската компанија Чајна вотер електрик (CWE) и грчката Паблик пауер корпорејшн (PPC). Кинеската компанија понуди 40,5% учество на ЕЛЕМ во проектот, а грчката 28%. Кинезите бараа и од државата гарантиран откуп на целокупната произведена струја по однапред договорена цена, ХЕЦ Тиквеш да биде вклучена во заедничката компанија со датумот на ефективност на договорот за концесија, како и гарантирана стапка на поврат на инвестиција (IRR) од страна на Владата на Република Македонија во случај на лоша хидрологија, услови кои Владата не ги прифати и го поништи тендерот.
Владата и понатаму ќе ја ангажира меѓународната консултанстка куќа ИФЦ (International Finance Corporation), која работи во рамките на Светска банка.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.