Со помош на УСАИД, Струмичани ќе учат како да водат бизнис
Објавено во: Економија 20 Декември, 2012
Центарот за развој на претприемачи и менаџери на Македонија и УСАИД, денеска во Струмица го промовираа проектот за микро и мали претпријатија во Југоисточниот регион.Ова е втора година на реализација на овој проект со претприемачите и менџерите на микро и малите претпријатија.
„Овој проект е уникатна можност за обука и споделување на практични знаења и услуги за подршка на бизниси во микро и мали претпријатија. Составен дел на овој проект е и Инвестициски фонд, кој е подршка за почетници, но и претприемачи и менаџери кои имаат желба за проширување на својот бизнис и отварање на нови работни места, со цел намалување на број на невработените лица во Македонија“, рече Татјана Марковска од Канцеларијата за економски развој при УСАИД во Македонија.
Според директорот на Центарот за развој на претприемачи и менаџери, Јован Маџовски, проектот нуди можност преку практични примери да им се помогне на претприемачите во нивно вклопување во економскиот живот во државата.
„Искуствата, знаењата, вештините и алатките кои им се на располагање за подготвено започнување на микробизнисот се елементи кои им се потребни не само на почетниците, туку и на претприемачите кои во текот на своето работење наидуваат на проблеми, како во ова економска криза, така и во нормални услови на стопанисување. Подобрувањето на економичноста и создавање на здрави микро и мали претпријатија, кои ќе ја издржат конкуренцијата на пазарот, а со тоа ќе создадат и услови за нови вработувања е суштината на овој проект“, рече Маџовски.
Како што информираа од УСАИД , лани во истиот ваков проект биле вклучени 63 учесници, отворени 36 нови работни места и 74 нови можности за работа во микро и мали претпријатија.