Добивај вести на Viber
Собранието на Република Македонија во рамки на продолжението на 42. седница расправа по предложените измени и дополнувања на Законот за технолошко-индустриски развојни зони кои предвидуваат одобренијата за градба и за пуштање во употреба на објектите во индустриските зони да ги издава Дирекцијата за ТИРЗ. Според министерот за економија Ваљон Сарачини, овој концепт ќе овозможи едношалтерски систем за инвеститорите во Македонија кои на едно место ќе може да се обратат за сета потребна документација и да можат да работат во нашата земја.
- Со овој предлог закон ќе формираме едношалтерски систем каде сите инвеститори за сите проблеми кои ги имаат и на кои наидуваат во ТИРЗ да може да добијат одговор на само еден шалтер, а не да одат на повеќе места, во разни институции и да се занимаваат со администрација која многу пати, за жал, не успева да одговара, истакна Сарачини и додаде дека Дирекцијата на ТИРЗ ќе работи во соработка со другите институции. Тој додаде дека концептот што се предлага е по препорака на Светската банка, а е консултиран и со присутните инвеститори во Македонија.
- Македонија е рангирана меѓу државите кои имаат најдобра бизнис клима не само во регинот, туку и во Европа и ние и натаму работиме за уште повеќе да се подобри бизнис климата во земјата. Треба да се работи во таа насока со цел да се подобрат инвестициските услови, рече Сарачини.
Марјанчо Николов од СДСМ забележа дека предложените измени не се правно издржани и ги оцени како обид на Владата да преземе дел од ингеренциите на дел од институциите.
- Ова е погрешен пристап и ако целта е да се скратат роковите од поднесување барање до издавање одобрние тоа треба да се прави врз основа на подобра организација на службите, а не со префрлање на надлежноста во Дирекцијата, истакна Николов кој смета дека Дирекцијата нема кадровски потенцијал да го прави тоа.
Николов посочи дека и концептот ТИРЗ и целиот владин концепт не ги дава резултатите и според податоци што изнесе Македонија во регионот е со најмалку инвестиции.
Тој упати забелешка зошто нема претставници од локалните самоуправи каде се лоцирани индустриските зони во управните одбори на ТИРЗ.
Газменд Алији од ДПА за измените потенцира дека тие не нудат некоја новина и забележа, исто така, зошто не е вклучена локалната самоуправа, но и тоа дека од трите зони, онаа во Скопје и во Штип се гради со буџетски средства, а за тетовската се бара јавно - приватно партнерство.
За тетовската зона, министерот Сарачини истакна дека целта е да се изготви модел кој ќе има економски бенефит за целиот тетовски регион.
- Работиме повеќе од една година на моделот и остана уште малку да видиме дали ќе биде успешен. На 28 септември се доставени две понуди за стопанисување со зоната и сега се во процес на евалуација во кој ќе се види кој ќе ја добие зоната, рече Сарачини.
Ивон Величковски од Либралната партија посочи дека нема да го поддржи законот. Упати забелешка на тоа дека домашните инвеститори немаат пристап до ТИРЗ, како и тоа што локалните самоуправи каде се лоцирани зони не можат да ги користат бенефитите од инвестициите што се случуваат во зоните.
Расправата по измените и дополнувањата на Законот ќе продолжат по паузата која ја даде претседателот на Собранието на барање на ДПА, кои бараат при преносот на седниците да се пренесува изворниот албански говор на пратениците.
Собранието треба да расправа и по измените и дополнувањата на Законот за експропријација поднесени од пратеникот Александар Николоски, Предлог законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на добивка, персонален данок на доход и платени обврски кон странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ „Инфраструктура“ Скопје, како и Предлог законот за доброволното здравствено осигурување, двата во прво читање
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.