Добивај вести на Viber
15.600 апликации пристигнале досега за 1 600 слободни места, објавени во огласот за вработување лица од најзагрозените социјални категории во јавното претпријатие “Македонски шуми“. Според досегашната динамика се очекуваат 30 илјади апликации.
За време на одржувањето на форумoт „Вработувања на 1.600 лица од најзагрозените социјални категории“, во организација на владејаќката партија, ВМРО-ДПМНЕ, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов посочи дека според планот за оваа година има планирано 554 милиони денари за активни мерки за вработување.
Со овие мерки, додаде Спасов, кои се планираа да се опфатат 10 илјади невработени лица кои треба да се обучат и да стекнат вештини за почнување бизнис. Младиот министер истакна дека сите млади луѓе не треба да очекуваат оти системот ќе им обезбеди работни места.
„Треба сите максимално да се посветат во насока на обучување, образование и стекнување дополнителни способности, да се размислува во насока на претприемништво и за тоа како да се развие мал бизнис“, додаде Спасов во Домот на АРМ.
Како што информираше директорот на „Македонски шуми“ Жарко Караџоски, огласот за вработување на социјално загрозените лица завршува за една недела, а заинтересираноста е огромна.
„Дневно доаѓаат по 1.200-1.300 апликации по пошта, а документи носат по 300-400 лица“, информираше Караџоски, кој додаде дека за почеток сите 1.600 лица ќе бидат вработени во „Македонски шуми“, а потоа ќе има нивно преземање од други јавни претпријатија.
Според Караџоски претпријатието обезбеди средства од 3 милиони евра за новите вработувања.
„Овие средства досега ги дававме за надворешни извршители, приватни фирми кои учествуваа на тендер и ја работеа основната дејност во претпријатието“, рече Караџоски.
Со огласот се опфатени четири категории на граѓани – долгорочно невработени лица, кои во континуитет или повеќе од 10 години бараат работа, лица од многудетно семејство, самохрани родители и семејства каде нема ниту еден член вработен. На огласот лицата треба да достават само уверение за државјанство и фотокопија од документ за завршено образование.