СОПСТВЕНИЦИТЕ НА НОЌНИТЕ КЛУБОВИ НА НОЗЕ - се прават журки во приватни вили, а ние седум месеци сме без работа
Објавено во: Економија 06 Октомври, 2020
Сопствениците и вработените во ноќните клубови утре ќе протестираат пред Владата. Бараат две клучни работи. Прво, да добијат финансиска помош од државата, бидејќи, како што велат, целосно се исклучени од четвртиот сет економски владини мерки за помош на стопанството. Потенцираат дека тие не работат цели седум месеци, поради што имаат огромен финансиски товар и долгови кои ги натрупале во побид да го одржат бизнисот. Второ, инсистираат да почнат преговори со Владата за донесување на безбедни протоколи, според кои и тие конечно би можеле да почнат да работат.
Фактор на оваа тема разговараше со Горан Арсовски, сопственик на ноќен клуб од Штип. Тој вели дека за сите други објекти од затворен карактер веќе се донесоа протоколи за работа и се овозможи нивно работење, а последни меѓу нив беа и игротеките, кои веќе стартуваа со својата дејност.
„Ние сме во рангот на кафе баровите и рестораните. Имено, тие работат и во своите внатрешни простории, и за нив од поодамна веќе има протоколи за работа, и тие функционираат. Зошто да не можеме и ние да функционираме“, прашува Арсовски.
Како што е познато, работењето на ноќните клубови беше забрането на 14 март годинава, со владина Уредба со законска сила.
Арсовски нагласува дека за целиот период на неработење ноќните клубови не добија финансиска поддршка од државата.
„Единствено со првиот сет економски мерки добивме владина помош од по 14.500 денари за исплата на платите на вработените. Но, таа мерка беше за април, мај и јуни, а бевме условени да не ги одјавуваме вработените се до септември. Така што, платите за јули и за август ги исплаќавме од наши средства, така што бевме принудени и да се задолжуваме за таа цел. А доколку ги одјавевме вработените, немаше да ги имаме тие трошоци, туку тие ќе беа на товар на државата, така што оваа мерка не ни беше од голема помош“, објаснува Арсовски.
Додава дека за целиот овој период морале да ги покриваат и сите други трошоци, како што се кириите, книговодствени услуги, како и други паушални трошоци.
Инаку, еден ноќен клуб, само за да се отвори, односно да добие дозвола за работа, мора да исполни многу строги минимални технички услови. Овие услови се далеку поригорозни од кафе баровите и рестораните и во поглед на големината, висината на објактите, како и силна вентилација, или, како што објаснува Арсовски, во текот на еден час воздухот треба да се смени 21 пат, што е на ниво на болниците.
„Поради големината на ноќните клубови ние можеме да осигураме побезбедни услови за работа во споредба со кафе баровите и рестораните. Исто така, со затворањето на ноќните клубови, сите граѓани практично се сконцентрираа во кафе баровите и во рестораните, илипрактично само во неколку места, и всушност поради тоа настана метежот за кој сега се дигбна голема галама. Односно, кафе баровите работат до 24 часот или за викенд до 01 часот на полноч, но потоа луѓето не си одат дома, туку одат да ја продолжат забавата во приватни вили и станови, без никакви меркиза заштота. Затоа би било подобро да работат ноќните клубови“, вели Арсовски.
Сопствениците на клубовите се согласуваат да работат според протоколите и за другите затворени објекти, односно да седат по четворица на маса, со оддалеченост од два метра меѓу масите и по 1,5 метри меѓу столовите. Односно, велат, не бараат никакви поагресивни протоколи во поглед на безбедноста. Напротив, тие ќе обезбедат и мерење на температура при влезот, како и електронска наплата на влезниците, со цел да не се создаваат гужви, така што, според нив, ќе бидат побезбедни од кафе баровите.
„Ние имаме и специјални бини за музичари, што го нема во кафе баровите. Сега како што заладува, кафе баровите и рестораните нема да имаат капацитет да ги опслужат сите граѓани и ќе се создава поголем метеж. Затоа е подобро да дојде до разделување на граѓаните во повеќе објекти“, вели Арсовски.
Но, според него, она што е проблем, се новите мерки што ги донесе Владата, меѓу кои ограничување на гласноста на музиката до 55 децибели.
„Доколку таа мерка опстои, ние не би можеле да почнеме да работиме. Тоа значи да нема музика, еве ние што разговараме, има 60 до 70 децибели. Всушност, ако опстојат овие мерки, не би можела да функционира ни целата угостителска индустрија. Односно, би требало да затворат и кафе баровите“, вели Арсовски.
А кога сопствениците на ноќните клубови имале разговор во Владата, оттаму им рекле дека за нив е направена отстапка со тоа што им ги продолжиле лиценците за работа. Но, велат, немаат корист од тоа доколку не им е овозможено да дункционираат и да остваруваат приходи.
Сега бараат финансиска помош од Владата, бидејќи, како што велат, ги нема во четвртиот пакет мерки и се дискриминирани во однос на другите дејности, но и да ги почнат преговорите за нивно работење.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.