СПАСЕ МАНЕВ Е КОЛЕКЦИОНЕР НА БАНКНОТИ: Почнал со романски леи, а најтешко е да се обезбедат пари од Северна Кореја
Објавено во: Македонија 23 Јануари, 2023 07:43
Спасе Манев од Скопје има необично хоби. Овој млад човек собира банкноти од сите делови на светот. Како голем љубител на патувањата, решил да колекционира банкноти и на различни начини ги набавува. Некои самиот ги сочувал после патувањата, а другите ги обезбедува од Македонци кои шетаат по светот.

Има зацртана цел, да собере што повеќе банкноти во својот албум и да ги чува како сувенир.
„Ова необично хоби со колекционирање на сè уште важечки банкноти од целиот свет, ми дојде како идеја на почетокот од 2020 година. Иако сум колекционер на магнети, албуми со самолепливи сликички, карти за играње со фотографии од државите кои ги посетувам, од скоро станав колекционер и на банкноти. Како што патував низ државите во Европа, така ми остануваа банкноти од тие држави и сакав да си ги зачувам како сувенир. Па си реков, зошто да не почнам да си ги собирам од секаде. Така почнав со романски леи, унгарски форинти, хрватски куни, кои ми беа меѓу првите, но желбата да имам повеќе банкноти од државите растеше сè повеќе. Љубовта кон туризмот и патувањата, ме поврза со ова интересно хоби. Иако некои ќе речат: ,,штом се важечки банкноти, лесно се собираат", но тоа не е така. Има држави во светот што се многу изолирани и без конекција со државите од поголемиот дел од светот, како Северна Кореја, Сомалија, Мадагаскар, Бурунди и слично и е многу тешко да се дојде до нивна банкнота. На пример Северна Кореја не дозволува нивната банкнота да се изнесува надвор од државата, па од таму би било многу тешко да се најде, па ќе мора да се оди преку кинески канали, бидејќи од цел свет, Северна Кореја во добри односи е само со Кина“, вели Манев.


Пријатели, познаници, луѓе кои ги запознава на социјалните мрежи му помагаат да собере што повеќе банкноти. Раскажува дека 70 отсто од банкнотите ги обезбедил од гевгеличани.
„Најверојатно се најшетани во Македонија. Иако им нудам да им ги платам банкнотите што ќе ми ги донесат во точна вредност, луѓето не ми бараат пари за нив, туку само благодарност или кафе/чоколадо. Има многу мал дел што ги платив, како чешката крона, која во македонски пари чинеше 240 денари. Луѓето најверојатно ме препознаваат по активноста на социјалните мрежи и по тоа што сум чесен човек и не гледам профит од ова хоби, туку само задоволство. Досега имам соберено околу 65 отсто од сите банкноти во светот и ми фалат околу 60-тина и се надевам дека луѓето ќе ми помогнат да ги најдам сите. Албумот за банкноти го порачував специјално од Америка, бидејќи во Македонија и на Алиекспрес не можев да го најдам. Секоја банкнота е убава на свој начин и навистина е тешко да се одбере најубавата. Но, доколку би морал да го направам тоа, би биле кувајтскиот динар, узбекистанскиот сом, костариканскиот колон и ганскиот кедис“, додава Манев.





Вели дека македонскиот денар сè уште го нема во збирката, бидејќи го чува за крај и со него сака да ја заврши колекцијата. Тој продолжува со својата активност, макар процесот да трае долго и се надева дека еден ден ќе успее да има банкноти од сите земји во светот.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Надминат прагот на загадување во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат, објавени мерки и препораки
Обвинителството со детали за предметот против Дардишта: Направиле злосторничко здружение, поведена истрага против 33 лица
СДСМ: ДПМНЕ–ЗНАМ со неуставна Резолуција сакаат да забранат дебата за вистината
Притвор за ексдиректорот на Управата за матични книги и уште шест други лица
Орце Ѓорѓиевски: Финансиска полиција подигна обемна документација од Град Скопје, Комунална хигиена и ЈСП
АХВ ВО КОНТРОЛА НА НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА: Еве што открила
„ТОА Е ИСТО КАКО ХИТЛЕР ДА ТЕ ПОФАЛИ ЗА ДОБРИТЕ РЕФОРМИ ШТО ГИ ПРАВИШ“: Најчевска за пораката на Трамп дека сме на добар пат во развојот на демократијата
ОПОЗИЦИЈАТА МОЖЕ ДА СЕ ПОВИКУВА НА КОГО САКА: Тошковски за темата мигранти




